Големината на скромниот компир
Големината на скромниот компир
Вторник, 09 Септември 2008 06:37
Поради лесното производство и високиот квалитет како храна, скромниот компир станува една од човечките надежи за совладување на светската епидемија на дебелината, на дијабетесот, срцевите болести, карциномите и опстанокот во иднина.
Компирот е растение што бара помала површина за одгледување, успева во поостра клима, за разлика од многу други растенија. Затоа е на четврто место во светот по важност како храна, по оризот, пченицата и пченката. Со климатските промени што ги донесе глобалното затоплување, компирот наскоро ќе стане светска најважна храна.
Во текот на историјата, компирот како зеленчук се здоби со добра репутација како спасувач на човештвото за време на големите кризи и гладувања и како зеленчук што го подобруваше животот на многу сиромашни луѓе.
Според Организацијата за земјоделство и храна при Обединетите нации:
„Интернационалната година на Компирот (2008), е насочена кон јакнење на свеста кај народите за улогата на компирот како клучен во економијата и снабденоста на светот со храна.
Интернационалната година на компирот (ИГК), ќе ја подигне свеста за важноста на компирот и на земјоделството, воопшто, и тоа во насока на решавање на глобалните проблеми како што се гладот, сиромаштијата и заштита на животната околина.“
Компирот е произведуван во околу 130 земји, многу повеќе отколку што се произведуваат другите посеви (освен пченката). Компирот може да биде произведуван на различни надморски височини и во различни типови клима. Иако потекнува од студените краишта на Перу и на Боливија (7 000 до 10 000 години наназад), компирот успева во влажна и во сува средина. Како растение, бара многу малку вода, зрее за доста кусо време (околу 50 дена) и може да даде околу четирипати повеќе храна од иста површина земја, отколку оризот и пченицата. Една акра површина насадена со компир може да храни 10 луѓе годишно. Откога ќе биде собран од под земја, компирот може да стои складиран околу 6 месеци на ладно, суво, добро вентилирано место, па така може да биде обезбедена храна за една долга година.
На компирот често се обидува да му се залепи етикетата отровна храна, невкусна храна, досадна, храна што дебелее, тешка за варење во желудникот, но и како афродизијак; на него често се гледа и како на храна за телињата и за свињите и како храна резервирана само за периодите на глад и немаштија. Сепак, науката постојано напоменува дека компирот е добра храна и се препорачува во многу случаи на нарушување на организмот, особено на дигестивниот тракт, дури и кај постарите доенчиња.
Скробот е најзастапена компонента во составот на компирот, како форма на јагленохидрати. Човекот е анатомски и физиолошки така дизајниран, да се храни претежно со скробна храна.
Французите компирот го нарекле „јаболко од земјата“. Токму ова јаболко од земјата обезбедува идеален извор на енергија, протеини, масти, витамини, минерали и растителни влакна. Компировите протеини лесно ги обезбедуваат сите есенцијални аминокиселини потребни за човекот, како за децата така и за возрасните. Тој содржи и витамин Ц и многу други витамини, со исклучок на витаминот Б12. Со еден збор, компирот е комплетна храна за луѓето. Како храна, го консумира најголемиот број жители на Земјата. За разлика од компирот, пченката, која е исто така најраспростанета житарка, многу повеќе е одгледувана како храна за добитокот.
МЕДИЦИНАТА, ОТРОВИТЕ И КОМПИРОТ
Компирот спаѓа во групата таканаречени растенија од фамилијата Solanaceae. Многу фармаколошки активни компоненти најдени во компирот се од групата на solanin glycoalkaloidi (alfa-solanin, alfa-chaconin). Нивна примарна одговорност е да го бранат компирот како растение од многу бактерии, фунги, вируси, инсекти, животни... Како и да е, соодветно количество од овие глукоалкалоиди има медицински ефект и врз луѓето.
Познати ефекти, односно медицински бенефиции од соланинските екстракти се:
- намалување на холестеролот;
- антидијабетичен ефект;
- антиалергичен ефект;
- дејствува против јадеж;
- антивоспалитетелен ефект;
- антибиотичен ефект (против бактерии, фунги, паразити, но и против вируси);
- антикарциномен ефект.
Но како и повеќето лекови , односно активни фармаколошки супстанции, и соланинот станува отров кога ќе се најде во високи концентрации.
Фармерите со векови наназад знаат дека компирот може да го отруе нивниот добиток. Голема концентрација на глукоалкалоиди може да има на места во компирот кои се со висока метаболичка активност, како, на пример, под кората и во местата на `ркулците. Затоа треба да се излупи. Нивото на глукоалкалоидите се зголемува под дејство на долготрајна изложеност на сонце.
Кај луѓето клиничките ефекти можат да бидат изразени како резултат на дејството на антихолинестеразата, па се чуствуваат како главоболки, пролив, мачнина, повраќање, слабост, депресија и на крајот парализа. Многу поретка е кожната болест таканаречена „компирова ерупција“ и почнува со појава на црвени мозолчиња по кожата, кои подоцна загнојуваат и прскаат создавајќи крастички. Смртноста поради труење со соланин од компирот е многу ретка.
Овие хемикалии се отпорни на температура при готвење на храната и може да останат во организмот со денови. За да се одбегнат таквите ризици не треба да се јадат расипани компири, што значи компири што имаат зелена дисколорација под кората и из`ртени и компири што имаат таканаречени „растечки очи“ или `ркулци.
ПРИСПОСОБЛИВОСТ И ПОСТОЈАНОСТ НА КОМПИРОТ
Во текот на еден милениум околу пет илјади видови копир во светот биле консумирани како свежи, преработени на соодветна температура или складирани во сува форма.
Компирите се „порасната“ или „зголемена“ форма на коренот на компировото растение наречен тубер (трупка). Задачата на компировата трупка е да ја чува складирана енергијата, која е потребна за опстанок на компировото растение и да ја одржува зиме или за време на суша. Како втора задача на овој подземен резервоар со енергија, кој е богат со скроб, е да обезбеди доволно енергија и нутритивни компоненти за човекот особено за време на глад и немаштија.
Компирот како храна денес се подготвува на најразлични начини, што зависи од традицијата и од навиките на луѓето во разни подрачја.
Сепак, во посиромашните средини компирот се консумира повеќе како варен и тоа подготвен во разни варива со додатоци од други зеленчуци. Во традиционалните средини се пече во жар, што е посебен специјалитет во есенските денови. Во побогатите средини многу повеќе се консумира како мал додаток на калоричните јадења, и тоа како помфрит (пржен компир во масло), или печен во маснотии во кои се печело месото, кое за многу гурмани е главна храна во оброкот. Но за да се покаже уште поголема „умешност и досетливост“ на произведувачите на храна, компирот се произведе и како чипс за најмладите, па така од една од најздравите видови храна се создаде најопасната и најнездравата храна на која се навлекуваат не само децата туку и возрасните.
Еден од недостатоците на компирот во однос на брашното од пченица и од другите житарки е тоа што тој не може да биде складиран и чуван со години. Но постојат методи за добивање компир во сува состојба, па така може да се чува подолго време. Уште од дамнешни времиња, луѓето што живееле на Андите знаеле како да го складираат компирот во „смрзнато-сува“ форма. Така, смрзнатиот компир се газел со нозе за да се одвојат кората и вишокот вода, а потоа повторно го замрзнувале на студениот ноќен воздух. Тој производ се викал „чуно“ и можел да стои цели 10 години складиран во сува, запечатена просторија. Друг традиционален производ е „папа сека“ (дехидриран компир). Трупките се варат, се лупат, се сечат на дебели парчиња, се сушат на сонце. Во ова време во Америка може да се најде многу повеќе „папа сека“ отколку „чуно“.
Сушењето на компирот на сонце денес е бизнис на многу фамилии во Индија и во други азиски земји со тенденција да стане доста доходовна работа со оглед на евтиниот начин на преработка на производот.
КОМПИРОТ Е ХРАНА ПРОТИВ ГЛАДУВАЊЕ
Прифаќањето на компирот како главен земјоделски производ резултира со елиминирање на кризата од глад во раните години на деветнаесеттиот век.
Како доказ дека компирот како храна е способен да го спаси светот во најтешките години на гладување е фактот дека од 1801 година до 1851 година бројноста на населението во Англија и Велс се удвои скоро до 18 милиони луѓе, додека Ирска забележа удвојување на бројноста на населението скоро до 8 милиони луѓе во периодот од 1780 до 1841 година, и тоа како резултат на проширувањето на површините со компирова култура.
За среќа, многу често и денес компирот повторно се открива како нутритивно способна храна, која истовремено може да биде и премногу вкусна, а евтино ќе го нахрани сè погладниот и посиромашен свет.
Обединетите нации 2008 година ја прогласија како „Интернационална година на компирот“, со добра причина за тоа: да се подигнат општата свест и сознанието за клучната улога на компирот во агрикултурата, во економијата на светот и обезбедувањето со храна.
| < Пред | Следно > |
|---|






