Самата борба поставува големи барања пред оној кој практикува боречка вештина. Ваквите барања можат да бидат голем подстрек во поматамошното самооткривање, т.е соочување со самиот себеси, така што ова понатаму може да се искористи за понатамошен духовен развиток. Еден од најважните чинители кој се исправува како пречка во подсвеста кај секој поединец е соочувањето со смртта и стравот од истата. Сите ние во текот на животот се соочуваме со смртта како појава во нашето окружување, и тоа на некој начин многу лесно го објаснуваме, можеби затоа што таквите промени не нè доведуваат да се соочиме со главната промена која некогаш треба да се случи – нашата лична смрт. Сите духовни учења укажуваат на соочувањето со смртта како еден од најважните чинители – основната подготвителна пракса во будизмот на пример е учењето дека човековиот живот е премногу краток, со неизвесна должина, така што смртта може да се јави утре, денеска, сега…
На запад смртта е една од најголемите непознаници за човекот. Постојаното насилство во филмовите проткаени со стереотипните призори на умирање, противречи на вистината за смртта. Така медиумите ја умртвуваат нашата наобразба, наведувајќи ја нашата подсвест на страв од смрт поради големиот број на умирања во филмовите кои се случуваат под ужасни околности. Многу парадоксално, меѓутоа ваквиот начин на прифаќање на смртта, ја отупува и нашата способност за целосно живеење на животот. Оние луѓе кои се занимаваат со опасни спортови (трки со мотори и коли, скокови со падобрани и други) после одреден допир со смртта под извесни околности, многу често после ова зборуваат за убавината на животот.
Во практикувањето на боречките вештини, природно, смртта е постојано присутна. Целиот програм на вежбање се одигрува околу смртта. Техниките на напад, одбрана, противнапад се изведуваат како да се одигруваат под вистински околности на живот и смрт. Нормално со текот на времето физичката брзина и силата на практикантот се зголемуваат така што сето тоа го чини процесот на вежбање да биде што пореален.
Покрај физичкиот бенефит, соочувањето со смртта, несвесно учествува во духовната наобразба на практикантот.
Основниот чинител кој ја подкрепува нашата крутост, лакомост и нервоза која нè тера да мислиме за себе како битие базично раздвоено од околината и луѓето околу нас, е стравот кој се јавува во нашата подсвест како последица на непознавањето на смртта. Страв од смртта представува најголема препрека во вистинската борбата гледано од аспект на изучувањето на боречките вештини. Ваквиот страв го прави човека да биде крут, немоќен, да ја изгуби присебноста, да се испаничи и избезуми. Ваквата психичка состојба во вистинска ситуација го доведува и вештиот борец до кобна завршница за него – смрт. Спротивно на ова ослободувањето од стравот придонесува за добивање на голема моќ во пресудните моменти.
Така, доаѓаме до основната, базична разлика која се испречува помеѓу практикувањето на боречките вештини и спортот. Оваа разлика за многу луѓе денес е невидлива или пак многу погрешно сватена. Постои изрека “Во здраво тело здрав дух” и притоа се мисли изгради го телото и со тоа ќе го изградиш духот. Не можеме да мислиме на овие две работи (тело и дух) како две раздвоени целини (една без друга не функционира), или пак со вежбање на едната последично и другата се развива. Ваквото размислување е половично, нецелосно. Овие две работи, во процесот на изучувањето на боречката вештина се вежбаат истовремено паралелно преку отфрлање на најголемиот чинител – стравот, кој во секојдневниот живот постојано не спречува да го откриеме целосно нашето битие со сета негова природа и моќ.
Си-фу Предраг Петрески



























































Преведено на Македонски од ЃокоМК