ДОБРЕДОЈДОВТЕ ВО РЕАЛНИОТ СВЕТ
Понеделник, 15 Декември 2008 04:51
Во минатото, борбите помеѓу мајсторите во боречките вештини биле официјални настани во местата каде што се одвивале. Тоа најчесто биле борби каде што еден борец го предизвикувал другиот, со цел да се види чија боречка вештина е подобра. Денес, натпреварите како овие се реткост. Денешните борби најчесто се случуваат на улица, и тоа ретко еден на еден, туку повеќе напаѓачи атакуваат на една личност, напаѓајќи го со сите можни средства.
Постои долгогодишна полемика помеѓу практикантите на било да се тоа боречки вештини или боречките спортови, кој боречки систем нуди најдобро решение во услови кога се наоѓате во опасност, и тоа надвор од боречките сали. И тука започнуваат вербалните расправии за тоа како, покрај вештината на удирање со раце и нозе, ви е потребно да ја совладате борбата на земја. Ова тврдење најчесто се оправдува со популарните „ултимајт фајт“ борби. Не велам дека ова тврдење е погрешно, меѓутоа сметам дека споредувањето на „ултимајт фајт“ борбите и борбите на улица, иако имаат заеднички работи, истовремено условите под кои се изведуваат, се премногу различни.Прво, како што беше кажано порано, ретко кога во денешни услови ќе бидете нападнати од еден противник. Нападите се најчесто од двајца, па и повеќе противници. Да не зборуваме со какви средства би бил изведен нападот.
Второ, обично нападот на улица се изведува ненадејно, тогаш кога најмалку очекувате. Со војнички жаргон - изненадувањето е пола добиена борба.
Трето, доколку бидете нападнати на улица или на кое било друго место, напаѓачите ќе се обидат да ве соборат на земја, што ни малку не наликува на „ултимајт фајт“ борилиштата. Па така, очекувајте дека има шанси да бидете повредени и при самиот пад.
Четврто, на улица не постојат правила. Очекувајте удари во секој дел од телото, нанесени од средствата кои би ги користеле напаѓачите, без каква било заштита (без спортски ракавици, штитници), можеби многу поопасни (голи тупаници и обувки).
Добродојдовте во светот на реалноста.
Си помислувате, приказната за мене е завршена. Да не дојде до тоа, а ако дојде… можеби и не е сè така црно како што изгледа. Можеби сепак треба нешто да научиме од нашите предци, мајстори на боречките вештини.
Стратегијата и принципите на боречката вештина, применети на улица, против еден или повеќе противници, треба да даде успех во справувањето со ситуациите во реалноста. Отсекогаш сум сметал дека боречка вештина која се заснова на принципи, а не на точно утврден сет на техники (иако техниките се составен дел од боречката вештина), е научно, а со тоа и природно издржана, и секако, најважно од сè - претставува применлив боречки систем во реалноста.
Поради принципите на борба во нејзината основа, винг-чун кунг-фу боречката вештина нуди неколку решенија кои можете да ги примените доколку се најдете во непријатна ситуација надвор од домот.
Првиот и основен принцип на кој нè учи винг-чунот, во случај кога се борите човек на човек, е да напаѓате, т.е. да ја контролирате слепата страна на противникот. Слепа страна е надворешната страна на раката на противникот. На тој начин ќе ја отстраните опасноста да бидете нападнати со другата рака. Истиот принцип искористете го при напад со повеќе противници. Немојте никогаш да стоите во средина на групата која ве напаѓа, бидејќи на тој начин ќе се соочите со лавина од раце и нозе кои ве напаѓаат. Секогаш бидете поблиску до крајниот лев или десен напаѓач.
Вториот принцип во винг-чунот е со контрола на противничкиот лакот, да го контролираш балансот на противникот. Истото важи и со групата напаѓачи. Кога се справувате со крајниот противник во групата, истиот користете го како штит пред себе, сè додека не го совладате. Повторно придвижете се на страна и дочекајте го следниот противник. Запамтете, не е можно две тела да зафатат ист простор одеднаш. Контролирајте ја слепата страна на групата.
Доколку бидете нападнати од вооружена група, било тоа да е огнено или ладно оружје (нож, палка…), најдобро решение е да избегате од таа ситуација. Доколку ова решение не е можно, тогаш морате добро да ја научите стратегијата која винг-чунот ја нуди како решение. Одбраната од огнено и ладно оружје не е иста, како што не е исто да бидете нападнати со палка или нож.
Доколку бидете нападнати од напаѓач кој носи огнено оружје, а не сте во можност да избегате, најдобро е да направите онака како што ќе ви каже напаѓачот, постојано да зборувате со него, сè додека не се укаже можност да дојдете на растојание на кое ќе можете да направите нешто (до колку сте добро увежбани).
Повеќето напаѓачи со оружје најчесто се кукавици кои не се сигурни во самите себеси, па затоа не ретко се случува во паника напаѓачот да ја промаши целта од релативно мало растојание.
При напад со нож, не ги ставајте рацете пред телото, бидејќи истите можат да бидат добар плен за напаѓачот. Позиционирајте ги рацете покрај телото во висина на рамената. Така напаѓачот, за да ја погоди целта (телото), ќе мора подлабоко да влезе, што на вас ви остава простор да се тргнете од патот на нападот и да блокирате со една од техниките кои претходно ги имате добро совладано на часовите од винг- чун.
Доколку сте нападнати од напаѓач вооружен со палка или нешто слично, вашата стратегија треба да биде спротивна од онаа кога сте нападнати со нож. Подобро е вие да нападнете пред вас да ве нападне противникот. Совладувајќи го вооружениот противник, пробајте да му го одземете оружјето, кое подоцна може добро да ви послужи против другите напаѓачи, доколку бидете нападнати од група.
Доколку не можете први да нападнете, повлечете се наназад (одржувањето на дистанца од противникот е вашиот најголем сојузник), и чекајте противникот да го направи првиот чекор – блокирајте ја палката во почетокот на замавот, никогаш во стредината. Тогаш силата е најголема и може да ве повреди.
За крај, за да бидете ефикасни, сè уште најдобар начин е постојано да вежбате, и тоа на традиционален начин. Традиционалните винг-чун вежби ќе ги подобрат вашите рефлекси, физичката сила и издржливост, и пред сè, менталната свесност и смиреност, дури и во стресни ситуации, како што е нападот на улица.
Надворешниот свет е убаво, но истовремено и опасно место за живеење, за што верувам дека најголем удел има самиот човек. Затоа, кога се движите надвор, пробајте да бидете свесни за вашата околина. На тој начин ќе се заштитите себеси и животната средина во која живеете.
| < Пред | Следно > |
|---|








