ПРОБЛЕМ СО ДЕПОНИРАЊЕ НА МЕДИЦИНСКИОТ И ФАРМАЦЕВТСКИОТ ОТПАД
Напишано од Доцент Д-р Марина Малиш Саздовска Недела, 04 Април 2010 16:57
Проблемот со депонирање на отпадот од кој вид претставува сериозен проблем кој е потребно да се решава во најбрз можен рок, заради можните негативни последици кои можат да настапат како резултат на неадекватно третирање на отпадот. Во светот постојат стандарди за начинот и постапката за депонирање на отпадот, начинот на работење на депониите и сл. Со усогласувањето на нашето законодавство со европското, имплементиравме некои од стандардите, но се поставува прашањето за нивна примена во практиката ...Особено опасен е медицинскиот отпад, за кој треба, на посебен начин и во специјални печки, во депониите да се врши негово депонирање и разградување. На веб сајтот на надлежното министерство, објавен е извештајот на инспекторите, за депонирање на медицинскиот отпад во Република Македонија. Се забележуваат некои проблеми, како на пример стар заостанат хемиски отпад од третирања во лабораториите и друг отпад кој е спакуван и складиран во магацин во една од болниците, а се бара негово преместување на соодветно место за таква намена согласно законската регулатива ( во овој момент депонија за хемикалии во РМ не постои).
Здравствените установи имаат потпишано договор со ЈКП Комунална хигиена и ЈП Дрисла за транспорт на медицинскиот отпад и негово понатамошно третирање во инцинераторот кој се наоѓа во Дрисла. За разлика од ситуацијата во Скопје, во останатите градови ситуацијата е алармантна: на депониите нема инцинератор, медицинскиот отпад се депонира заедно со останатиот комунален отпад, здравствените установи немаат потпишано договор со претпријатијата за комунална хигиена за транспорт и депонирање на медицинскиот отпад, во одредени здравствени установи не се води евиденција за видот и количествата на медицинскиот отпад и истиот не се обележува уредно, отпадот се одлага во кругот на болницата, место кое не е заградено и обезбедено, медицинскиот и комуналниот отпад се измешани и се депонираат на исто место. Можеме само да претпоставиме какви загадувања на почвата, воздухот и подземните води можат да настанат од разградувањето на медицинскиот отпад, кој е депониран како комунален отпад, и какви последици може да има од негово пренесување од страна на одредени животински видови кои имаат пристап до депониите.
Во месец ноември 2008 година, санитарните инспектори спровеле акција за контрола на депонирање на медицинскиот отпад, и при контрола во 404 случаи, донеле 136 решенија за отстранување на констатирани недостатоци и покренале 3 прекршочни пријави. Ова е само уште еден показател дека медицинскиот отпад се депонира на неадекватен начин и претставува опасност за луѓето и останатиот жив свет.
Покрај медицинскиот, одреден проблем претставува и депонирањето на фармацевтскиот отпад, во кој спаѓа отпадот кој настанува во производството и прометот на лекови, помошни лековити и медицински средства (готови лекови, имунолошки производ - вакцини, токсини, имуносеруми, производи од деривати на човечка крв, радиофармацевтски производи, лекови што содржат или се изработени од генетски модифицирани организми, медицински гасови, и др.).
На годишно ниво, во Скопје се создаваат 500 тони фармацевтски отпад, од кои 2% се опасен отпад. Дека навистина се депонира опасен отпад, сведочи и случајот со двајца вработени во ЈП Комунална хигиена, кои завршиле на Клиниката за токсикологија по собирањето на отпадот од една од скопските болници.
Препораките на Европската Унија се однесуваат на прифаќање, прилагодување и почитување на ригорозните закони за заштита на животната средина, што значи дека произведувачите на отпад ќе плаќаат високи такси за загадувањето кое го причинуваат. Законите на Европската Унија не дозволуваат складирање на инфективниот медицински и фармацевтски отпад на депониите, туку бараат контролирано спалување. Во светот, инцинераторите се вообичаена пракса за третман на фармацевтскиот, инфективно болничкиот или опасниот отпад, но според новите прописи, дозволените емисии на гасови во атмосферата мораат значително да се намалат, што бара употреба на нова посовремена технологија.
Светските експерти препорачуваат примена на нова плазма-технологија за депонирање на опасен медицински и фармацевтски отпад, и нашите власти час поскоро треба да преземат адекватни мерки и активности за примена на современи научни достигања во насока на депонирање и разградување на опасен отпад, сè со цел заштита на здравата човекова средина и околина.
| < Пред | Следно > |
|---|






