РАФИНИРАНО РОПСТВО
Напишано од Д-р спец. Јадранка Бибан Недела, 28 Март 2010 19:17
Еден од клучните моменти во потрагата по бројните хронични болести на денешните луѓе е нивната навика да консумираат рафинирана храна. Би се рекло дека можеби повеќе од 80% од припадниците на модерниот свет се зависници, односно заробеници на рафинираните вкусови на храната. Со таквата навика се поврзуваат модерните болести, како што се дебелината, карциномите, дијабетесот, срцевите болести. Фактот дека рафинираната храна е многу вкусна им помогна на производителите на храна и на адитиви за храна да добијат голем мотив за заработка. Така, таквата „слатка“ храна стана неприкосновена и барана на пазарот на зависници од неа, па нерафинираната храна почна да се избегнува добивајќи го епитетот на храна која има вкус на „како да јадеш картон, трева, трици...“
Но, дали индустријата која постојано вреска за тоа колку вкусна храна произведува, заборави да ни каже нешто многу важно за таквата храна? Можеби заборави да ја каже вистинската цена на храната...? За да уживаш постојано во таквата убавина од вкусови, ќе мора да платиш со нешто многу скапоцено – со здравјето.
Консумирајќи ја таквата храна, се консумираат големи количини на прости шеќери, меѓу кои се и простите фруктозни шеќери од пченка, кои прехранбената индустрија ги користи на големо. Тие се една од најголемите причини за разорување на здравјето на луѓето во Америка, а со продорот на технологиите за производство и на производите и на овие простори, се зголемува ризикот од последици по здравјето од консумирањето на ваквата храна и кај нас.
Додатоците во рафинираната храна делуваат врз рецепторите за вкус кои се наоѓаат на јазикот и го подигаат прагот на нивната осетливост, така што со тек на време, за да се почувствува убавината на вкусот, потребна е сè поголема и поголема количина на храна. Тоа е исто како и со зависноста од наркотици, дозата постојано мора да се зголемува, ако сакате да го почувствувате истиот ефект на задоволство. Така, потребите од таквата храна се сè поголеми и поголеми и луѓето се буквално навлечени на нејзиниот рафиниран вкус.
Студиските истражувања кои се фокусирале на испитувањето на задоволствата кај луѓето, нашле врска меѓу лачењето на природните опоиди кои се лачат во мозокот кај луѓето и желбата за јадење благо, солено, па дури и мрсно. Според таквите истражувачки резултати, може да се заклучи дека рафинираната храна доведува до буквална зависност на корисниците од неа.
Абнормалната дразба и осетливост на рецепторите за слатко кои се наоѓаат на јазикот, што се случува со постојано консумирање на рафинирани шеќери, резултира со екстремно лачење на супстанции на задоволство во мозокот во количини кои се далеку над нормалните и буквално ги „пробиваат“ механизмите на заштита, кои спречуваат да се појави зависност.
Токму тоа е причината зошто на оние кои постојано јадат рафинирана храна, нерафинираната храна им се чини како крајно невкусна и неприфатлива, што би се рекло, „им личи на трева или трици“. Таквите луѓе многу често коментираат дека никако не би се откажале од задоволството да јадат вкусна храна, па дури и по цена на здравјето. Така, во мојата пракса многу често слушам коментари од типот: „Подобро да си умрам среќен и најаден, отколку да почнам да пасам трева“. Со таквите пациенти е многу потешко да се работи, исто како и со зависниците од познати дроги.
За несреќа, задоволството од јадење рафинирана храна го оштетува организмот во целост. Таа храна придонесува за екстремно и постојано лачење на инсулин и за појава на инсулин резистентен дијабетес. Овој тип на дијабетес, денес е многу чест кај луѓето. Всушност, оваа болест станува веќе пропратен симптом на скоро сите други тешки хронични болести, како што се карциномите, срцевите болести, артритисот и сл. Сето тоа говори многу јасно за поврзаноста на исхраната и појавата на модерните хронични болести кај луѓето денес.
Точно е дека е потешко да се смени начинот на исхрана кај луѓето кои со години не посветувале внимание на здравата исхрана и толку долго консумирале екстремни количества рафинирана храна. Токму затоа потребна е едукација за тоа како најлесно и најбрзо да се направи промената, особено кај пациентите кои имаат проблем со некое заболување. Не е доволно само да му се наброи на пациентот што да јаде, а што да не јаде. Потребно е вистински да му се помогне околу начинот на подготвување и консумирање на здравата храна. Токму затоа се формираше Центарот за едукација за лекување со храна на 8-КА. Видот на храната, начинот на нејзиното подготвување и консумирање на истата, треба да е многу лесно и практично, а сепак да го задоволи вкусот на луѓето. Едукацијата за тоа е неопходна заради долготрајното влијание на нездравата храна и нејзиното присуство во секојдневието на луѓето. Враќањето на задоволството од природната храна е процес кој треба да се помине. Како да се подготви храната на одредена температура, а да не се наруши нејзината хранливост и да се подеси вкусот спрема потребите и желбите? Токму заради недостаток на овие моменти во спроведување на одредени режими на исхрана, многу диети остануваат неприфатени од повеќето луѓе, иако тоа се единствените начини на кои може да дојде до подобрување на здравјето. Токму затоа нездравата и „безобразно искомерцијализирана“ храна победува во трката со здравиот начин на исхрана. Програмата „Д-р Бибан“ посветува исклучително внимание на овој момент од процесот на лекување со храна.
| < Пред | Следно > |
|---|






