ВИТАМИН „Д“ ТАБЛЕТИТЕ НЕ ПОМАГААТ КАКО ПРИРОДАТА
Напишано од Д-р Јадранка Бибан Среда, 30 Јуни 2010 21:49
Според пораките кои секојдневно ги добиваме преку рекламите за млеко, маргарини и други производи, можеме да заклучиме дека прехранбената индустрија е „сериозно загрижена“ за недостатокот на витаминот Д кај потрошувачите, па затоа се труди нејзините производи да ги збогати со што повеќе витамин Д. Ако погледне ме во истражувачките факти, навистина тие говорат дека во светот постојат подрачја каде и до 40% од населението има недостаток од витамин Д. Шкотските доктори излегоа со податок дека само кај 2% од населението има доволни количини на витамин Д во организмот, а кај 47% од населението има силен недостаток од витамин Д.
Но, податоците се едно, а искористувањето на податоците е сосема друга работа. Така, ако информациите укажуваат на недоволно количество на витамин Д во организмот на луѓето, тоа не е оправдување витаминот Д да се надокнадува на несоодветен начин. Според авторите на истражувачката студија која беше публикувана на 2 март 2010 година, во „Аналс оф интернал медисин“ („Annals of Internal Medicine“), и покрај користењето на суплементи од витамин Д кај населението кое е дефицитарно со овој витамин, се верува дека недостатокот од витамин Д не може да се замени во доволна мерка со витамински суплементи, па тој сè уште недостасува кај поголемиот број на пациенти ...Што се однесува до користење на суплементи од типот на антиоксиданси, фолна киселина, витамин Е, бета каротен, 8-КА во повеќе наврати досега пишуваше за нивното повеќе штетно, отколку корисно дејство, а тоа се податоци што се базираат врз повеќе студиски и други медицински истражувачки резултати. Имено, зголемениот број на срцеви заболувања, карциноми, и други заболувања, се поврзуваат со земање на многу концентрирани форми на „безопасни суплементи“. Овие витално важни материи се најделотворни кога се земаат во нивното оригинално пакување, односно заедно со плодовите каде што ги ставила природата. Природно земање на витаминот Д е преку сончевата светлина, а не преку суплементи, односно таблети и други форми на витамин Д. Сите знаеме дека недостатокот на витаминот Д е причина за едно сериозно заболување, односно рахитис. Ултравиолетовата светлина, која е дел од сончевиот спектар, и суплементи од витамин Д, можат да ја излечат таа болест. Недостатокот на витамин Д се поврзува со појава на многу други болести, а не само со рахитисот. Така, со недостаток на витамин Д се поврзуваат и многу срцеви болести, дијабетес тип 2, некои видови на карциноми (дојка, простата, дебело црево), како и мултиплекс склероза. Овие болести се многу почести кај луѓето кои живеат подалеку од екваторот, односно на север. Како се намалува сончевата светлина, така овие болести се појавуваат почесто. Но, овде не треба да се заборави и еден друг момент. Имено, луѓето кои живеат подалеку од екваторот, не само што имаат помала изложеност на сончева светлина, туку тие јадат и поинаква храна, која изобилува со животински продукти, а е сиромашна со растителни продукти. Значи, сонцето игра голема улога во здравјето на луѓето, но сосема мала улога во превенција на некои болести кои се поврзани со начинот на исхрана на луѓето.
Ако од сето претходно напишано, сепак, не можете да донесете заклучок за тоа како треба да се однесувате за да обезбедите безбедни количини на витамин Д во организмот, тогаш потрудете се да ги поврзете работите на логичен начин и ќе успеете да го донесете вистинското решение. Така, ќе заклучите дека доволни количини од витамин Д ќе имате ако ја користите сончевата светлина, но и ако имате здрави навики во исхраната. Тоа значи дека суплементите од витаминот Д нема да помогнат ако немате здрав животен стил, односно ако не внесувате доволно здрава растителна храна и ако немате пороци од типот на пушење, алкохол, и слично. Од друга страна, активниот метаболизам со вакви здрави навики во исхраната треба да го поткрепите со ваша секојдневна умерена физичка активност. Но, здравите навики во исхраната не значат пиење на млеко обогатено со витамин Д, затоа што тој витамин Д не е вистинскиот. Ако во млекото требало да има витамин Д, тогаш природата ќе го ставела таму витаминот и ќе го избалансирала енергетски со другите составни делови на млекото. Погоре споменав дека рахитисот се лекува со сончева светлина и суплементи од витамин Д, но тоа е лекување на болест, а не животен стил. Во животен стил на здрав човек нема суплементи.
И покрај секојдневното предупредување за опасноста на сончевата светлина и нејзиното влијание врз здравјето на луѓето во негативна смисла, мислам дека сепак треба малку подобро да се разгледа таквиот став на официјалната медицина и да се коригира. Сончевата светлина не може да биде толку опасна, доколку луѓето знаат како таа треба да се „користи“. Сончевата светлина со бранова должина меѓу 290 и 315 нанометри е најефективната светлина за продукција на витамин Д во организмот. Во летниот период, изложеноста на телото во период од 20 до 30 минути на сончева светлина е доволно да се создаде приближно 10 000 единици витамин Д. Количините на витамин Д кои луѓето ги имаат во зимскиот период, зависат од количините на витаминот кој се создал за време на летниот период. Витаминот Д кој се создал за време на летниот период се складира во ткивата и се користи за време на зимата, кога сончевата светлина е значително намалена. Ултравиолетовото зрачење е природно зрачење и активно учествува во создавањето на овој витамин или хормон. Сончевото зрачење, покрај тоа што придонесува за создавање на витаминот Д, има значење за функционирањето на имунолошкиот систем, како локален, така и системски, за функцијата на другите хормони. како што е мелатонининот, калцитонинот и сл., сончевата светлина игра улога во воспоставување на нормален ритам на срцето. Преголемата изложеност на сончева светлина не води до хиперпродукција на витамин Д и интоксикација со истиот.
Заради сето ова, кога се работи за опасност од недостаток од витамин Д, не посегајте и не прифаќајте веднаш суплементска, односно таблетарна терапија, доколку се работи за пациенти кои можат да си дозволат природен начин на создавање на витаминот (сончева светлина и здрави навики во исхраната и животниот стил воопшто). Се разбира дека пациентите кои се врзани за кревет и се неподвижни, имаат многу помалку избор. Суплементите од витамин Д треба да се последната опција, резервирана за овие случаи. Адекватната орална суплементација од витамин Д е помала од 200 единици за здрави луѓе кои не можат да си обезбедат адекватна сончева светлина. Луѓето со потемна кожа и постарите имаат потреба од повисоки дози. Најчесто препорачувани дози се 2000 – 4000 ИЕ дневно, сè додека не се нормализира нивото на витаминот Д во крвта. Знаци на интоксикација со витамин Д се јавуваат кај случаи кога дневните количини од витамин Д се над 10 000 ИЕ (1 мкгр витамин Д – холекалциферол е еднакво на 40 ИЕ).
Секогаш имајте ја предвид пораката од претходно напишаното: користа од земање на суплементи од витаминот Д е многу ограничена, а може да даде и негативни ефекти. Природното е секогаш подобро, а тоа доаѓа од сонцето и од храната.
ЛАБАРАТОРИСКИ МЕРЕЊА НА ВИТАМИН Д
Лабораториските тестови вообичаено го одредуваат нивото на 25-хидрокси витамин Д во нмол/л.
Количини од 25 или помалку означува дефицит.
Количини од 50 или помалку означува лесен недостаток.
Количини од 50 – 75 означува доволни количини.
Количини под 140 се сè уште безбедни.
Количини од 750 означуваат токсичност.
Ако количините од 25-хидрокси витамин Д се означени во нгр/мл, тогаш, за да ги изразите во нмол/л, помножете ги со 2,496.
| < Пред | Следно > |
|---|






