БИЗНИС СО СПИЈАЧКА АПНЕЈА
Напишано од Д-р спец. Јадранка Бибан Среда, 03 Август 2011 18:19
Начинот на дишење е еден од основните знаци кои укажуваат на здравствената состојба на организмот. Затоа вежбите за дишење се многу важни во создавање на здравите животни навики кои значат терапија во лекување на болестите. Нормалното и правилно дишење укажува на правилен метаболизам, што е гаранција за нормално одвивање на сите процеси во организмот. Но многу луѓе кои живеат современ живот и имаат нездрави „современи животни навики“ имаат проблеми со дишењето, односно не дишат правилно, не само во текот на денот, туку и во текот на ноќта кога организмот треба вистински да се одмара и обновува. Можеби за многумина тоа е безначајна состојба, која би ја нарекле „нормална состојба“ но сепак, дишењето кое е процес на обезбедување на доволно воздух, односно кислород во белите дробови е основа на животот, па затоа на него не треба да се гледа со занемарување. Таквото неправилно дишење кое е популарно наречено ноќно „крчење“ резултира со таканаречена спијачка апнеа, односно престанок на дишењето во времетраење од околу десетина па и повеќе секунди... Дишењето навистина треба да биде правилно и ефикасно, но начинот на кој тоа треба да се постигне е најдобро да биде природен. Но наспроти природното постигнување на природните процеси во организмот, се појавуваат неприродни, односно комерцијални третмани, кои се нудат како нормални и неопасни терапии.
Во 1981 година во британскиот медицински журнал „Ланцет“, беше публикувана истражувачка студија од примената на таканаречената пумпа за континуирана позитивна воздушна пресија, која се препорача како терапевтска метода за луѓето кои имале проблем со спијачка апнеја. Пациентите кои ја применуваат оваа пумпа покажуваат знаци на подобрување на спиењето, односно значително подобра вентилација во текот на ноќта, подобар одмор и зголемена енергија и активност во текот на денот. Позитивното дејство на пумпата беше документирана и како ефект на намалување на бројот на сообраќајни несреќи, заради поефикасниот ноќен одмор. Оваа пумпа работи на принципот на зголемување на количеството на проток на воздух во двата правци, и во текот на вдишување и во текот на издишување. Вдишувањето и издишувањето се регулираат преку одржување на постојан воздушен притисок и при тоа се обезбедува доволен остаток на воздух во најмалите бронхии, односно бронхиоли со што се спречува нивно колабирање. Функцијата на пумпата е добра, но сепак, да се живее постојано со пумпа за регулирање на дишењето според мене не е воопшто лесно. Најпрво, не може да постои терапевтски апарат без несакани ефекти. Така, корисниците на ваква пумпа може да страдаат од оток на носната слузница, суво грло, или дразба на кожата на лицето каде пумпата лежи припиено. Анксиозноста и клаустрофобијата не се изоставени како симптоми кај корисниците на пумпата. Како и да е, носењето на пумпа во тек на спиењето е неприроден начин на спиење и би требало да подразбира понатамошно размислување за надминување на проблемот со таканаречената опструктивна спијачка апнеја. Така размислувањата за ослободување од овој проблем одат во правец на потребата од намалување на телесната тежина. Секој кој страда од прекумерна телесна тежина (БМИ над 25 кг/м кв.), треба да има во предвид дека може да страда од спијачка апнеја, исто како што дебелите луѓе страдаат од дијабет тип 2. Мажите страдаат повеќе од жените и ризикот за појава на апнејата се зголемува со годините, односно со староста. Спијачката апнеја се јавува кај 4% од мажите и кај 2% од жените во периодот меѓу 30. и 60 година од животот. Луѓето кои се предебели (БМИ над 30 кг./м кв.) страдаат многу повеќе од спијачка апнеја. Имено 70% од луѓето кои страдаат од овој тип апнеја се дебели луѓе. Кај предебелите луѓе (БМИ над 40 кг/м кв.) проблемот се јавува со застапеност од 60% – 100%.
Дебелината придонесува за појава на спијачката апнеја на повеќе начини:
Прво, мастите кои се наталожени во пределот на градниот кош спречуваат нормално ширење на белодробието.
Второ, мастите кои се наталожени во стомачниот дел, притискаат на дијафрагмата и оневозможуваат слободно ширење на белодробието.
Трето, мастите кои се наталожени во вратот спречуваат нормален проток на воздухот во горните партии на дишните патишта.
Многумина од луѓето и не се свесни дека страдаат од спијачка апнеја, се додека некој од присутните тоа не го забележи. Доколку се чувствува замор и недостаток на енергија во тек на денот, тоа е еден од суспектните показатели за можна спијачка апнеа во текот на ноќта. Крчење, тешко спиење, недостаток на енергија и покрај поминати 6 до 8 часа во кревет, може да бидат знаци на спијачка апнеја.
Во врска со ова во медицината се воспоставени дијагностички методи со кои би се потврдиле негативните ефекти од појава на апнејата. Дијагностичката метода наречена полисомографија, значи бележење на бројни функции на организмот за време на спиењето во времетраење од две ноќи. Така, се бележи ЕЕГ, односно активноста на мозокот, движењата на очите, ритамот на срцето, крвната заситеност со кислород и со јаглен диоксид, мускулната активност, респираторната активност. Најмалку 22 електроди се закачени врз телото на испитаниците, за време на нивното спиење. Можеби кај нас оваа дијагностичка метода сеуште не функционира, но во светот луѓето наголемо се испитуваат и можат да платат различна цена за тоа зависно од условите кои ќе се обезбедат при испитувањето, односно дали тоа ќе биде обична болничка соба или соба која наликува на нивната домашна спална, со голем кревет, ТВ, приватно купатило и слично. Просечната цена на испитувањето е околу 2 625 долари. Преку ова испитување се утврдува и ефикасноста од носење на погореопишаната пумпа.
Но техниката (односно бизнисот) оди уште подалеку па сега испитувањето за соодветна цена би можело да се спроведе во домашни услови и сите функции на организмот да бидат снимени на компјутер а подоцна да се анализираат од страна на докторот кој го спроведува испитувањето. На запад некои осигурителни компании финансиски ги покриваат трошоците за испитувањето, а некои и трошоците за терапијата, односно набавка на пумпата која би се препорачала од страна на докторот како терапија за решавање на проблемот. Како и да е, тоа е добар начин за помасовно препишување на терапијата – пумпа.
Цената на оваа пумпа варира од 300 долари до цели 5000 долари зависно од усовршеноста на моделот. Обичните пумпи се поефтини но поскапите пумпи прават разлика во количината на вдишан и издишан воздух, односно одржуваат две нивоа на воздушен притисок и од некои пациенти тие се подобро толерирани.
Парадоксално, но примената на пумпата води до зголемување на телесната тежина. Имено, дебелите луѓе трошат многу повеќе енергија односно калории во текот на спиењето за да обезбедат доволно воздух односно кислород. Користењето на пумпата ги прави мрзливи и придонесува за поголемо таложење на масти. Ова е многу слично како и терапијата за дијабет тип 2 која придонесува за поголемо наталожување на масти кај пациенитите кои ја примаат.
Во светот методите за лекување на спијачката апнеја отидоа до таму што се изведуваат операции со кои би требало да се намали телесната тежина и тоа се операции од типот на гастричен бај пас и слично. Цената на овие операции на запад варира од 17 000 до 35 000 долари. Резултатите во однос на спијачката апнеја се јавуваат по најмалку еден месец по операцијата и се зависни од тоа колку килограми се намалени. Колку повеќе килограми се топат, толку подобри се резултатите.
Некои од осигурителните компании ги покриваат трошоците за овие операции, односно онаму каде животот на пациентот е екстремно загрозен како при дијабет тип 2, срцева болест и сл. Но и покрај операцијата, кандидатите мораат да се подвргнат на некоја од препорачаните диети, зависно од убедувањата и едуцираноста на докторот кој ја води целета процедура на лекување.
Ако пациентот не се одлучи за ниту една од погоре опишаните методи може да примени медицинско дентален третман со орална протеза која ја држи долната вилица истурена нанапред во тек на спиењето. На некои клиники се препорачува и орален хируршки зафат... Но се што се понуди како терапија за решавање на спијачката апнеја не покажува беспрекорен ефект и максимална безбедност.
Мислам дека се оди премногу далеку, премногу одоколу и премногу комплицирано за да се реши овој проблем. Ова според мене се вика состојба која заради лисјата не може да се види шумата. Сите тие скапи процедури на испитување, сите тие скапи направи и машини, операции и сл. не се воопшто потребни само ако се погледне многу поприземно на целата оваа работа. Терапијата може да биде многу поприфатлива отколку спиењето со маска или пак подвргнување на скапа операција за да се намалат килограмите кои придонесуваат за појава на спијачка апнеја и уште на многу други здравствени пореметувања. Ако мислите дека кај нас не би требало да се размислува и да се троши време на оваа тема затоа што сето кое е горе наведено кај нас го нема или е многу малку застапено како дејност во медицината, тогаш не сте во право. Имено сите методи кои значат многу повеќе бизнис и продажба на помагала многу брзо доаѓаат и во најдалечните места во светот. Начинот на живот на нашето население, со брзи чекори се приближува кој западниот начин на живот и тоа значи брзо приближување до сите бизнис можности, особено кога е во прашање здравјето на луѓето.
Затоа, 8-КА препорачува доколку имате ваков проблем, да го покренете најпрво природниот начин на лекување кој е буквално без пари. Начинот на исхрана кој го препорачува 8-КА е сигурна и медицински издржана терапија во решзвање на вишокот килограми. Тоа е начин на исхрана кој обезбедил милиони години наназад развиток на човештвото преку здрави, слаби и енергични луѓе. Покрај губењето на вишокот килограми, исхраната која ја препорачува 8-КА обезбедува најмалку за 20% подобра снабденост на ткивата со кислород а со тоа се подобрува исхранетоста и функцијата на белите дробови, црниот дроб, срцето, нервниот систем. Умерените вежби кои ги препорачува 8-КА не бараат никакви финансиски вложувања. Тоа се вежби кои може секој и на секое место да ги изведува. Психотелесните вежби, односно чи кунг вежбите за дишење се извонредно ефикасен метод за правилна вентилација на белодробието и кислородна сатурација на сите ткива и енергетски баланс на сите функции на организмот.
За да се реши некој здравствен проблем, не мора да значи дека треба да се прават скапи испитувања и да се купуваат скапи лекови и апарати. За жал, тоа некако не сакаат да го согледаат многу пациенти, понесени од авторитативното настапување на нивните лекари кои пак мотивирани од заработката препишуваат и препорачуваат третмани и машини за решавање на здравствени проблемии кои се решаваат на многу поедноставен начин.
| < Пред | Следно > |
|---|









Коментари