МЛАДЕШКИТЕ АКНИ И ИСХРАНАТА
Напишано од Д-р спец. Јадранка Бибан Среда, 03 Август 2011 18:23
Многу научни истражувања зборуваат за поврзаноста на храната со појава на младешките акни. И покрај тоа некои стручњаци тврдат дека храната не е поврзана со појава на акните кај младите луѓе, заборавајќи притоа на фактите кои го тврдат токму спротивното. Родителите пак од друга страна, понесени од желбата да му помогнат на своето дете, не обраќаат вниманите на она што им го сервираат на децата во чинијата туку бараат козметичка помош за која многу често плаќаат и по неколку стотици евра. Затоа, еве неколку податоци кои можеби на многумина ќе им помогнат да согледаат каде грешат во однос на решавање на проблемот со акните кај себе или кај своето дете...
Можеби ќе видат дека проблемот е многу лесно решлив и за тоа не треба да даваат големи пари, туку буквално без ниту една потрошена паричка ќе можат да се ослободат од несаканата појава.Имено две најнови дерматолошки студии кои ја истражуваа поврзаноста меѓу појава на акните и исхраната покажаа дека кравјото млеко има исклучително големо влијание во појава на акните.
Првата студија „ Влијание на исхраната во појава на младешки акни кај Кореанците“, работена под раководство на Др. Ји Јунг и објавена во Европскиот Журнал за Дерматологија, покажа дека „Исхраната богата со шеќери, млечни производи, богата со масти и јодини, кај младите Кореанци, се покажа дека придонесува за појава на младешки акни“.
Другата студија „Улогата на инсулинот, Инсулин Лајк Гроувт Фактор – 1, хипергликемичната храна и консумација на млеко и млечни производи, во појава на младешки акни“, работена под раководсво на Др. Бодо Мелник, е објавена во журналот Експериментална Дерматологија. Нејзините резултати говорат дека млекото е промовирачки фактор за појава на младешките акни.
Овие две студии може да се каже дека се продолжение од истражувањата кои се работат постојано во последно време. Така, во 2006 година беа објавени резултати од истражувачка студија во која биле вклучени 6094 девојчиња помеѓу 9 и 15 годишна возраст. Резултатите покажале дека оние девојчиња кои консумирале две или повеќе чаши кравјо млеко во текот на денот имале за 20% до 30% повеќе акни од оние кои консумирале една или помалку чаши млеко. Во текот на студијата, се консумирало таканаречено обезмастено млеко односно млеко со мал процент на масти, што наведува на заклучок дека мастите од млекото не се причина за појава на акните туку дека тоа се млечните протеини. Оваа студија претпоставува дека млечните протеини предизвикуваат зголемено ниво на моќниот гровт хормон, инсулин лајк гроувт фактор (ИЛГФ-1), во организмот, кој е причина за појава на акните.
Можеби повеќе од четири децении докторите беа упорни во тврдењето дека исхраната не е причина за појава на акни. Ваквиот став се должеше на некои податоци кои се објавије пред повеќе од четириесетина години во Журналот на Американската Медицинска Асоцијација, каде авторот Др. Џејмс Фултон, следел 30 адолесценти (14 девојчиња и 16 момчиња) кои имале проблем со акни и уште 35 млади момци (затвореници – издржувачи на казна), кои имале слаби до умерени проблеми со акни. Оваа студија била подржана од Здружението на производители на чоколади во Америка. Испитаниците вклучиле во исхраната два вида на слатки производи, еден кој содржел чоколада и друг кој не содржел чоколада. Но и двата вида слатки биле направени воглавно од масти и шеќери и имале скоро исто количество на калории (557 и 592 калории). Испитаниците јаделе по едно од слатките дневно, во времетраење од четири недели. Ништо друго не било сменето во нивната дневна исхрана за време од тие четири недели освен тоа што било додадено слаткото колаче. Тие и понатаму јаделе мрсна храна, месо, млеко, јајца... Др. Фултон и неговите соработници, ги броеле акните кои се појавувале на лицата на младите испитаници. 46 од испитаниците останале со истите промени, 10 биле нешто подобри а 9 имале полоши резултати. Не е неочекувано тоа што себумот (масна материја која се лачи од кожните жлезди) била излачена за 60% повеќе без разлика дали се работело за испитаници кои јаделе слатко колаче со чоколада или без чоколада.
Токму оваа проста и крајно нестручно изведена студија станала гласот и душата на паролата дека „Храната нема никаква врска со појавата на акни“...? Ова е податок кој ни дава за право да се запрашаме: Кој и како ја создава науката???
За време на тинејџерскиот период многу момчиња и девојчиња просто се опседнати со нивниот надворешен изглед, просто секое влакно од косата мора да го заземе своето место и значење, кога се излегува за во школо или за на забава. Може да се претпостави колкав хендикеп е мрсната и со акни покриена кожа на лицето кај младите луѓе. Колкаво влијание има таа појава во однос на самодовербата на младиот човек... Родителите кои сакаат вистински да помогнат мораат да ги базираат своите постапки врз сериозни факти. А фактите говорат дека храната има многу големо влијание во изгледот на младешката кожа. Затоа доволно е да се посвети внимание на содржината на чинијата која се нуди на детето, што е она што се сервира во оброкот. Доколку не се посвети внимание на исхраната, ниту една козметика нема да помогне, без разлика колку скапо е платена и колку убедливо е рекламирана.
1 – Jung Jy, Yoon MY, Min SU, Hong JS, Suh DH. The influence of dietary patterns on acne vulgaris in Koreans. Eur J Dermatol. 2010 Nov-Dec;20(6):768-72
2 – Melnik BC, Schmitz G. Role of insulin, insulin grovth factor-1, hyperglicaemic food and milk consumption in the patogenesis of acne vulgaris. Exp. Dermatol. 2009 Oct;18(10):833-41
3 – Adebamowo CA, Spiegelman D, Berkey CS, Danby FW, Rockett HH, Colditz GA, Willett WC, Holmes MD. Milk consumption and acne in adolescent girls. Dermatol Online J. 2006 May 30;12(4):1
4 – Fulton JE Jr. Effect of chocolate on acne vulgaris JAMA.1969 Dec15;210(11):2071-4
| < Пред | Следно > |
|---|









Коментари