МЕСЕЦ НА ОСВЕСТУВАЊЕ
Напишано од Д-р спец. Јадранка Бибан Вторник, 18 Октомври 2011 00:00
Вечната борба против карциномите стана толку многу симптоматична, што неминовно води до размислување дали таква борба навистина постои или едноставно се води само таканаречена „политика на борба против ракот“. Секој месец е прогласен за месец на борбата против ракот на нешто, како на пример има месец против ракот на дојка, месец против ракот на бели дробови, месец против ракот на матка и т.н. Толку многу борби, а победник повторно е ракот...? Секогаш кога слушаме за таков месец, најпрво ни ги кажуваат бројките на заболени кои секоја година се поголеми од предходната. Е што борба ќе беше оваа? Аман, веднаш нека прекине!
Бројот на заболени од карциноми постојано расте. Јасна е потребата од фокусирање на превенцијата од ракот, но на онаа вистинска превенција која нема да дозволи ракот воопшто да се појави. 8-КА во таа смисла во неколку наврати пишуваше дека таканаречената секундарна превенција или како што популарно се нарекува откривање на ракот во неговата почетна фаза, воопшто не е превенција, туку тоа е состојба на болест. Истовремено веќе не може да се прифаќа фактот дека причините за појава на ракот се непознати, или дека се исклучиво генетски и сл, затоа што факторите кои водат до појава на рак се многу добро познати... Но зошто нема вистинска, односно сериозна борба со тие причини, за тоа никако да се проговори јасно во јавноста!
Бројот на заболени жени од карцином на дојка во Македонија на годишно ниво, е веќе четвороцифрен. Стравот на жените од оваа болест секојдневно е се поголем и поголем, стресните ситуации кои се доживуваат во фамилијата каде некој женски член страда од карцином на дојка го наплаќаат својот данок како во финансиска така и во психолошка смисла не само кај пациентката туку и кај другите членови на семејството. Таквата состојба е неприфатлива за вистинската наука и за медицината воопшто. Но до кога научната јавност во Македонија упорно ќе молчи за овој проблем? Наспроти нив, луѓето во светот секојдневно се будат и храбро говорат за тоа дека нешто во врска со оваа работа треба под итно да се смени. За време на Конференцијата на Американската Диететска Асоцијација, Д-р Шерил Рок, професор на Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего, во своето излагање јасно посочи на ефектот на исхраната во превенција и терапија на ракот. Излагањето на Д-р Рок, се темели на истражувачките резултати добиени при примена на диететска терапија, односно исхрана, во превенција и лекување на карциноми. Препораките кои произлегле од таквите истражувања, а се однесуваат на превенција и лекување на карцином на дојка се:
Прво, одржување на нормална, односно идеална телесна тежина. Истражувањата покажале дека оние кои имаат вишок килограми имаат многу поголем ризик да заболат од карцином на дојка, но и од срцеви болести, дијабетес, да добијат висок крвен притисок.
Второ, одржување на здрави навики во исхраната. Според Американската Канцер асоцијација, во 2010 година, една третина од карциномите кои завршиле со смртен исход биле со прекумерна телесна тежина, биле физички неактивни и имале многу погрешен начин на исхрана. Во 2010 година во Америка имало 207 090 нови случаи на карцином на дојка и 40 000 починати.
Трето, одржување на соодветна физичка активност. Физичката активност го намалува ризикот од појава на карцином. Но немојте да мислите дека здрава физичка активност значи два саати интензивно трчање или препотување во некоја сала со вакви или онакви справи. Здрава физичка активност значи секојдневна подвижност, пешачење, работа во градината, во дворот, па и во кујна, подготвување на храна на пример. Сето тоа во комбинација со техники на медитација, односно со техники за контрола на стресот, водат до извонреден баланс и хармонија на одбрамбените сили на организмот.
| < Пред | Следно > |
|---|








