МЕСЕЦИ НА БОРБА ПРОТИВ КАРЦИНОМИТЕ – МЕСЕЦИ НА БУДЕЊЕ НА ЧОВЕЧКАТА СВЕСТ
Напишано од Д-р спец. Јадранка Бибан Вторник, 08 Ноември 2011 19:28
Предходниот електронски весник кој го испратив до читателите на 8-КА беше всушност информација за тоа дека во светот во тек е будење на човечката свест и осознавање на вистината за тоа кои се причините за тешките болести од кои страдаат милиони луѓе во светот и вистинскиот начин на борба против истите. Несомнено 21. век е век на духовно будење на човештвото, отворање на очите и согледување на правците кои водат до вистинска заштита на човечкиот живот. Така, наспроти месеците на „бајата борба“ против карциномите, во светот се означуваат месеци на будење на луѓето. Ако минатиот месец бил месец на будење на свеста во борбата против карцином на дојка, овој месец Ноември, во Америка беше наречен месец на будење на свеста во борбата со карциномот на панкреас. Всушност будењето на свеста на луѓето е неопходен и незапирлив процес кој се раѓа наспроти јаловата борба со карциномот на панкреас која резултира со се поголем број заболени од оваа тешка болест ...
Американската Канцер Асоцијација објави дека 44 000 луѓе во Америка биле дијагностицирани со карцином на панкреас во 2011 година, која патем сеуште е во тек, и дека 94% од болните со карцином на панкреас не преживеале пет години по дијагностицирањето на болеста. (Инаку со пет годишно преживување се „мери ефикасноста“ на терапијата која современата медицина ја практикува кај болните од карцином и ова мене сеуште не ми е јасно како може да биде прифатено како параметар на успех од една современа наука како што е медицината во 21. век...?)
Во журналот Натуре, беше објавена студија според чии резултати, потребно е да поминат нешто повеќе од 6,8 години од почетокот на оваа болест за таа да може да биде проширена по другите органи и уште во просек 2,7 години повеќе од тој период за да настане смртен исход. Но добрата вест зборува дека начинот на исхрана може да придонесе за ставање под контрола на ширењето на болеста и промена на исходот од истата. Италијанската студија (Cancer Causes end Control), покажа дека исхраната во која се застапени многу повеќе зеленчукот и овошјето може да го намали ризикот од карцином на панкреас за повеќе од 40%. Истата студија покажа дека исхрана каде е често застапено месото и белиот рафиниран шеќер, го дуплираат ризикот од појава на карцином на панкреас. Истражувањата наведуваат дека резистенцијата на инсулин е состојба која може да игра улога во појавата на карциномот на панкреас.
(Yachida S, Jones S, Bozic I, et al. Distant metastasis occurs late during the genetic evolution of pancreatic cancer. Nature 2010;467:11141117
Polesel J, Talamini R, Negri E, et al. Dietary habits and risk of pankreatik cancer: an Italian case-control study. Cancer Causes Control. 2010;21:493-500)
И додека во светот постои поле за вистинска и отворена дискусија за тоа како навистина може да се заштити здравјето и да се излекуваат современите хронични болести, кај нас никако или многу штуро може да се проговори на оваа тема. Ако во принцип сме против монополот на само едно мислење во другите сфери на живеење, тогаш зошто би биле за само едно мислење во областа на медицината. Мислам дека современата медицина е во опасност да стане предмет на искористување со кој ќе се монополизира само еден единствен став во однос на третирање на современите хронични болести. Тоа мислам дека е опасна работа, пред се по здравјето на луѓето, заради кое всушност и постои медицинската наука. Вратите на медицинската наука мора да се отворат широко за вакви и поинакви гледишта, а не само за оние кои го поминале „филтерот на официјалната наука“.
Во спротивно, ако продолжи ваквиот монополски пристап во областа на лекување на болестите во „официјалната медицина“, се затвора можноста за отварање широк фронт во борбата со современите болести, кои засега излегуваат како неприкосновени победници во секоја битка ...
| < Пред | Следно > |
|---|







Коментари
Mnogu pozdrav i prodolzete taka!