НЕ ПЛАШЕТЕ СЕ ОД ВИСТИНАТА, ТАА Е ЕДИНСТВЕНИОТ ИЗЛЕЗ
Четврток, 05 Март 2009 02:32
По одредено време поминато со чи - кунг медитацијата, набрзо ќе сфатите дека има и некој друг свет (духовен свет), за кој обичните луѓе не се ни свесни, ниту пак можат да го допрат. Овој свет воопшто не е ни сфатен целосно од денешната наука. Се вели дека доколку бидете во можност да го практикувате чи - кунгот, вие можете да станете пионер во спиритуалната наука. Споредено со материјалната наука, која секако во денешно време е многу добро развиена, духовната наука се наоѓа многу назад. Затоа ние денес сме сведоци на многу кризи (економски, политички, елементарни и други).
Од една страна, човекот го има развиено материјалниот свет кој се граничи со уништување на целиот свет, а од друга страна, духовната наука воопшто не мрднала од мртвата точка која е неопходна за контрола на човековите желби и контрола на неговиот темперамент. Ова тврдење најмногу се огледа во западниот свет. На Запад, најверојатно поради општествениот систем, основни цели кои човекот си ги поставува се славата, авторитетот, моќта и желбата за прекумерно богатење. Од овие причини, на Запад луѓето што имале вграден инстинкт за духовно водство, доколку се спротивставувале на политиката на одредена групација од богатите слоеви, веднаш биле прогонувани и егзекутирани.
На Исток, да речеме во Кина, ваквите луѓе се повлекувале длабоко во планините и таму го продолжувале својот тренинг во духовната наобразба. Се вели дека човекот по неговото раѓање се вклучува во процесот на учење, или поубаво кажано - „перење“ на мозокот, каде му се всадуваат погрешни навики во неговото однесување и воедно се учи како да стави маска на неговото лице, како би преживеал во овој свет од маски. Ќе ни треба голем напор да ги тргнеме конечно маските од нашите лица и еднаш засекогаш да се соочиме со вистината за она што не опкружува. Како времето одминува и како времето досега одминуваше, тие маски што човекот ги носи, постанаа сè потешки и потешки, така што човекот едноставно како да го заборави своето вистинско природно лице и едноставно се изолира од својата вистинска и чиста околина на која, секако, природно луѓето и припаѓаат.
За да се спојат со природниот дух, духовните луѓе од Истокот и Западот сфатија дека е потребно смирување на емоционалните турбуленции исфилтрирани преку нивниот мозок и конечно доведување на нивниот дух до прочистена неутрална и мирна состојба. Преку медитацијата тие успеале да најдат начин како да го поврзат својот дух со природата. И покрај тоа што модерната наука, која секако е развиена повеќе за создавање на материјални добра, сè уште не може да си ја објасни целосно духовната состојба.
| < Пред | Следно > |
|---|






