Модерното интерпретирање на чи-кунгот
Напишано од Си-фу Предраг Петрески Недела, 08 Ноември 2009 05:13
За да ја објасниме чи-кунг практиката, за полесно и поприемчиво сфаќање на современиот човек, ќе прифатиме концепт дека внатрешната енергија која циркулира низ телото е биоелектрицитет, со цел да го дефинираме чи-кунгот според принципите на електрицитетот. Во основа, традиционалната кинеска медицина (ТКМ) познава 12 примарни чи меридијани и 8 секундарни таканаречени чи резервоари. И се разбира, ТКМ познава илјадници мали енергетски канали кои ги допираат сите делови на човечкото тело. И на крајот, постојат т.н. дан тиени, кои го продуцираат и чуваат чито.
Доколку направиме споредба со едно електрично поле и го споредиме со циркулаторниот чи систем во телото на човекот, можеме да дојдеме до следниве заклучоци:
- - чи каналите се однесуваат како жиците во електричното коло;
- - органите се однесуваат како отпорници, односно потрошувачи во електричното коло;
- - секундарните чи меридијани се однесуваат како кондензатори во електричното коло;
- - дан тиените се однесуваат како батерии во колото.
Да видиме како ова електрично коло функционира најдобро ...
Прво што треба да направите е да го намалите отпорот на проводниците во колото, што значи, за да истите спроведуваат најдобро електрична енергија, потребно е да бидат изработени од материјал со најмал отпор – злато. Споредено со биоелектричното коло во организмот, треба да се стремите да го одржувате течењето на чито низ телото беспрекорно во енергетските канали. Тоа значи дека прва работа што треба да ја направите е да отстраните сè што придонесува за намалување или стагнација на чито. Вишокот на наталожено сало во човечкиот организам е со слаба електроспроводливост, така што од исклучителна важност е соодветен начин на исхрана ( др. Бибан програма) и соодветни вежби за отстранување на вишокот на сало од телото (затоа на предавањата од семинарите на 8 – ка, постојано потенцирам дека правилниот природен начин на исхрана е од круцијална важност за изведувањето на чи-кунг медитативните вежби). Секако, на крајот треба да научите како да го релаксирате телото, бидејќи во тој случај чи меридијаните се отвораат. Поради ова, релаксацијата е целта кон која се стремат повеќето кунг-фу вештини и чи-кунг вежби ( за штетноста која на организмот му ја прави неконтролираното и нестручно вежбање на бодибилдинг и земањето на вештачките препарати за забрзано постигнување на „совршено“ тело, мислам дека не треба многу да се зборува).Следно на што треба да обрнете внимание за непречено циркулирање на животната енергија се внатрешните органи. Доколку го немате балансот на јин и јанг енергијата во одреден орган, тој неправилно ќе си ја врши својата задача. Споредено со електричното коло, доколку се јави премногу струја во колото, вишокот на електрична енергија се апсорбира од страна на кондензаторот, доколку снема струја, напонот го регулира истиот кондензатор. Чи-кунгот се концентрира на подигање на чито во дантиените и во 8 – те секундарни чи меридијани, кои се однесуваат како кондензатори во електричното коло. Ова е особено важно бидејќи луѓето во поодминати години многу често се чувствуваат со недостаток на животна енергија.
Пред да продолжиме понатаму, треба да се каже дека постои суштинска разлика помеѓу електричното коло и човечкиот организам. Треба да се спомне дека човечкиот организам е жив и во постојана изградба (едни клетки изумираат, други се раѓаат). На пример, доколку трчате одреден период по еден километар и полека ја зголемувате дистанцата, по одредено време вие ќе бидете во можност да претрчате и два до три километри одеднаш. Тоа значи дека вашето тело (органите) се прилагодуваат на одредената ситуација и услови. Од друга страна, изразено со чи-кунг терминологија, доколку го зголемите чи протокот во органите, дотолку тие ќе станат поздрави и поиздржливи. Нормално, зголемувањето на чито мора да биде постепено и континуирано.
Од досега изнесеното може да се заклучи дека целта на чи-кунг вежбањето е отстранување на отпорот во чи каналите и да се научи како да се зголеми чи потенцијалот во телото.
Да ги разгледаме сега кои се изворите кои директно влијаат на промената на чи потенцијалот во телото на човекот:
- Природната енергија. Бидејќи телото на човекот е составено од електроспроводлив материјал, неговото електромагнетно поле е секогаш под влијание на електромагнетното поле на сонцето, месечината, облаците, земјата и другите извори на електромагнетно поле кои не опкружуваат. Главните природни извори кои имаат влијание врз човекот се зрачењето на сонцето и месечината, месечевата гравитација и Земјиното електромагнетно поле. Овие извори имаат најголемо влијание врз течењето на чито во телото. Во денешно време нашето чи е во голема мера под влијание на електричните апарати како компјутерите, апаратите за домаќинство, радиото, телевизијата, микробрановите, мобилните телефони и многу други уреди кои неповолно влијаат на чи циркулацијата и во голема мера придонесуваат за нарушувањето на физичкото и ментално здравје (наш совет за оптимално здравје: држете се колку повеќе можете понастрана од горенаведените електрични уреди и дружете се повеќе со природата. И тоа е дел од програмата на 8 – ка).
- Храната и воздухот. Со цел да се одржиме во живот, ние земаме храна и воздух преку устата и носот. Овие супстанци понатаму се претвораат во чи преку биохемиската реакција во градите и дигестивниот систем. Со создавање на чито од овие супстанци, се создава чи потенцијалот кој помага за циркулација на животната енергија низ телото. Затоа, главна грижа на чи-кунгот е посветеноста на земање на незагадена и соодветна храна и свеж воздух (јадрото на програмата на 8 – ка).
- Начинот на размислување. Да, да. Човечкиот мозок е најважен и ефикасен извор во зголемувањето на чи потенцијалот во телото. Секојпат кога ќе сакате да го придвижите телото, вие во вашиот мозок генерирате идеја. Оваа идеја генерира чи потенцијал, кој преку нервниот систем го води чито и ги енергизира мускулите за да се изврши замисленото движење. Колку повеќе ќе бидете концентрирани, толку повеќе ќе генерирате чи потенцијал и чито побрзо ќе се движи низ енергетските канали. Затоа мозокот е една од главните целни групи на чи-кунг тренингот.
- Вежбањето. Соодветното вежбање ја претвора храната и наталоженото масно ткиво во чи и на тој начин се зголемува чи потенцијалот. Соодветните вежби се исто така круцијален и нераскинлив дел од чи-кунгот.
- Претворање на „оригиналниот еликсир“ во чи. Хормоните излачени од страна на ендокриниот систем кореспондираат со „оригиналниот еликсир“ во ТКМ. Нивната задача е да ја претвораат храната и мастите од телото во чи. Хормоните делуваат како катализатори во биохемискиот процес (метаболизам). Така хормоните имаат способност да го стимулираат функционирањето на нашето тело и на тој начин да ја поттикнат виталноста. Балансирањето на продукцијата на хормоните додека сте млади и зголемувањето на нивното лачење во поодминатите години, е важна цел на чи-кунг практиката.
- Вештачка стимулација. Акумулирање и стимулација на чито во телото може да се врши и вештачки. Во основа, ова е основна теорија во ТКМ, како што е акупунктурата и чи-кунг масажата. Со помош на овие две методи, чито во телото се доведува во баланс и на тој начин се превенираат или лечат болестите.
| < Пред | Следно > |
|---|






