Чи-кунг став: поза на емоционален баланс
Напишано од Си-фу Предраг Петрески Недела, 04 Април 2010 16:52
Една од многуте физички реакции поврзани со стравот или со друга емоционална траума е спонтаното искривување на кичмениот столб, нешто слично кога мачката одговара на дадена опасна ситуација. Стравот предизвикува контракција на телото навнатре, повлекување на енергијата од периферијата на телото кон центарот.
Сакрумот и грбот стануваат затегнати. Кичмениот столб во таква ситуација може да се скуси. Чи-кунг помага да се надмине оваа ситуација со релаксирање на телото и издолжување на кичмениот столб. Постојат извесни чи-кунг вежби по одредено вежбање: практикантот има осет како кичмениот столб се развлекува на двата краја. Релаксирана кичма придонесува за поголема емоционална самоувереност ...
Стернумот исто така треба да биде релаксиран, ниту премногу напред, ниту премногу вовлечен. Луѓето со емоционални нарушувања обично чувствуваат стегања во градите при процесот на вдишување и издишување. Депресијата, вознемиреноста и недоволната самодоверба придонесуваат за лоша позиција на телото и отежнато дишење, следено со стегање во градите. Ваквиот случај најчесто е психички депресивна личност, кој со недоволно релаксирани гради не е во можност да внесе свежа енергија од околината која го опкружува.Од друга страна пак, доколку градите се премногу напред, градите хронично стануваат премногу надуени, и ваквата ситуација дава впечаток на „заглавена” инхалација. Ваквите индивидуи имаат нереална слика за себе, со други зборови кажано, полни се сами со себе. Се разбира, за ваквите луѓе може да се каже дека ваквиот став за нив е еден вид на компензирање, најчесто криејќи ги чувствата на нереализираност и страв од комуникација со другите луѓе. Овие луѓе најчесто велат: „Јас знам сè, мене никој не ми е потребен“, а всушност сакаат да кажат: „Во минатото бев повреден (од некого), и сега не би сакал да ризикувам“. Чи-кунг советува:„Релаксирај ги градите, исправи го грбот, релаксирај ги зглобовите“. Ваквиот став овозможува релаксирано флуидно дишење, каде јин и јанг енергиите заемно се надополнуваат.
Сите чи-кунг техники потенцираат релаксирани раменици, спуштени надолу. Ова е делот од телото кој најбрзо реагира на емоционална лутина, страв и фрустрација. Со подигнати, затегнати раменици, природното движење на рацете е лимитирано. Ваквата положба ја отежнува комуникацијата со надворешната средина. Затегнатите, подигнати раменици во боречките вештини, го лимитираат ударот со раката, и може да придонесе за емоционално гневно нарушување.
Од друга страна, доколку рамениците се спуштени надолу и свиткани кон напред, првиот впечаток е дека личноста со ваков физички став вели: „ Животот е тежок“, или: „Не можам повеќе да издржам“. Овие луѓе најчесто имаат подвиткан грб, исто како да носат тежок товар со рацете. Ваквиот физички став, комбиниран со заглавен стернум, придонесува за притисок врз работата на срцето, правејќи отежнато пумпање на крвта. Подвитканата кичма придонесува за забрзана физичка деформација кај болните од остеопороза.
Чувството како: „јас не можам повеќе да издржам“, исто така се манифестира со вкочанети колена, придонесувајќи за губење на чувството со земјата и ја зголемува разликата помеѓу свесниот и потсвесниот ум. Вкочанетите колена можат да придонесат за губењето на довербата. Со непречено виткање на колената, човекот е посамоуверен и посвесен за тоа кој е тој.
Во чи-кунг очите генерално се отворени, гледајќи во околината, без конкретно фиксирање на одреден објект. Очите треба да имаат таканаречен „мек“ фокус. Очите не треба да гледаат назад (во минатото) ниту пак да одат напред (во иднината). Со ова мозокот е фокусиран во сегашноста и се помага во елиминација на фобијата, нереалните очекувања и потребата од реагирање на одредени настани, пред истите да се случат.
Еден од најважните аспекти на чи-кунг ставот е „тонењето“. Кога телото ќе се релаксира, тежината „тоне“ кон нозете, а чито се спушта во дан тиенот. Да се потоне и релаксира навистина значи да ве обземе чувство на мудрост надвор од свесниот ум. Тоа чувство е исто како кога треба да се соочите и да го прифатите дивото и мистериозното.
Чи-кунг е длабоко под влијание на таоистичката филозофија, природноста и спонтаноста. Големиот таоистички филозоф рекол: „Прифати го нерезбаното парче дрво“. Тоа би значело: „Не труди се да се образуваш себеси низ правила и закони“. Наспроти тоа, во текот на практикувањето на чи-кунг, пробај да ги идентификуваш неправилностите, не пробувај веднаш да ги исправиш. Балансирај ги твоите желби за напредок со јака доза на самоприфаќање. Ова ќе ти помогне да се развиваш споро, но е сигурен пат за градење на стабилна личност.
| < Пред | Следно > |
|---|






