logo
  • Д-р Јадранка Бибан спец. гинеколог-акушер
8-ка сведоштва рецепти (видео)

Списание 8ка

  • Мојот Хипократ
  • Медицина
  • Наука
  • Боречка филозофија
  • Медитација
  • Семејството и исхраната
  • Вкусот на здравјето
  • Екологија
  • Останати написи

Следни настани

  • ТВ ЕМИСИЈА
    „8-КА ЅВЕЗДИ“

    ПРЕМИЕРА :
    Од Понеделник до Петок
    08,30 ч.; 18,30 ч.; 22,30 ч.;
    РЕПРИЗА :
    Сабота - дел I - 22,30 ч.
    Недела - дел II - 22,30 ч.
    на SkyNet ТВ
  • Вечерни дружења со
    Д-р Бибан и
    членовите на 8-КА
  • КНИГА :
    „ПРЕВЕНЦИЈА И ЛЕКУВАЊЕ СО ХРАНА НА СОВРЕМЕНИТЕ ХРОНИЧНИ БОЛЕСТИ“
  • ЦД :
    „ЧИ КУНГ АНТИ СТРЕС ПРОГРАМА“

во потрага по вистината за нашите генерации

  • Насловна
  • Програма Д-р Бибан
  • Списание
  • Здружение
  • За нас

ТИШИНАТА - ЗВУКОТ НА ВНАТРЕШНОТО БИТИЕ

Напишано од Весна Алексовска Недела, 06 Јуни 2010 21:33

436
  •  
  • 1
  • 2
  • 3
  • 4
  • 5
(5 гласа, просек 5.00 од 5)
Карактеристика на умот е постојано да работи и создава внатрешни звуци во форма на мисли, кои пак активираат чувства и тие автоматски си се надоврзуваат едни на други. Бидејќи во градовите сме во динамична средина, опкружени со прометни улици, со врева од околните станови, кога живееме во зграда, со постојани звуци од мобилните, телевизорите, радијата, и од што уште не, не забележуваме колкава е активноста на умот. Само кога со намера ќе седнеме во тишина и мир, ќе забележиме колку ни е умот активен и немирен и колку е навикнат да е во таа состојба на постојано брборење.

Секој, кога ќе посака да се одмори, психички да се растовари и да најде мир, единствено што бара е тишина околу себе. Бидејќи ние функционираме како отворен енергетски систем кој споделува и заемно си влијае со околината, за да најдеме внатрешен мир, прво ни е потребна тишина во надворешната средина. Таа, надворешната тишина ќе биде како огледало во кое ќе можеме да ја видиме тишината во себе, ќе не потсети на она што веќе го имаме во себе, во својата длабочина, во своето внатрешно битие.

Умееме ли да останеме во тишината?

За некој од нас таа изгледа празна, без содржина, неинтересна, непривлечна и одбивна, ни се чини дури и непотребна. Ни изгледа застрашувачка, не плаши зашто не потсетува на нешто празно, на ништо, затоа и ја одбегнуваме. Или пак, можеби потсвесно чувствуваме дека и во неа се крие нешто, не знаеме што е тоа, а од непознатото се плашиме. Тишината не ја доживуваме зашто не сме научени на неа. Најголем број од нас сме научени токму на спротивното, на раздвиженост и брзи промени. Нашиот ум преку сетилата бара шаренило од дразби, акустични, визуелни, какви било. Сакаме да бидеме стимулирани, да бидеме во постојана бура од вибрации за да можеме да чувствуваме дека живееме. Но, го постигнуваме спротивното. Добиваме само носталгија кон животот и залуден обид да го досегнеме и почувствуваме. Сè уште не сме научиле - суштинското можеме да го допреме само во тишината.

Тишината се наоѓа под површниот слој на секојдневниот ум, под слојот на површните мисли, преокупации, конфликти, очекувања, амбиции, аверзии, врзаности, стравови. Во тој бучен слој на нашиот ум, иако се обидуваме, не можеме секогаш и лесно да ги согледаме работите. Таму ни се чини дека работите се „такви“. Кога остануваме само во ова ниво на нашиот ум, нормално е понекогаш да се почувствуваме тешки, загубени и празни, зашто сме го запоставиле духовното, веројатно затоа што никој не ни укажал дека тоа е важно. Но животот, како што е устроен, ќе најде начин повторно да не врати кон духовното.

Применувајќи ја јогата во секојдневниот живот и во текот на практикувањето на нејзините техники, развиваме соодветен однос кон своето духовно битие. За да допреме до тоа, потребна е тишина. Не толку надворешна, колку внатрешна. Би помислиле дека надворешната тишина, околната мирна атмосфера е условот за понирање во себе и за внатрешна комуникација, за престојување во себе, за чувствување на она што се случува во нас, за осознавање на самите себе. Но тишина значи умот да не се впушта во давање коментари и судови, да не се зборува, да не се одговара на надворешните дразби. Умот треба да остане спокоен и во мирување. Потполно утврден во моментот, тука и сега. Таа внатрешна тишина може да се опише и како будна присутност. Како состојба на наслушување. Во духовната практика само во тишина можеме да ѝ се обраќаме на повисоката суштина.

Како што вели еден учител, кога умот ќе се смири, кога ќе стане тивок и мирен, станува многу моќен. Станува рецептор на блаженство и мудрост, совршен инструмент. Животот станува спонтано течение и израз на радост и среќа. Сето тоа надоаѓа природно кога умот е во состојба на внатрешна тишина. Но таа внатрешна тишина никогаш не може да дојде кога има непрекинат тек на вознемирувачки мисли и променливи емоции. Сета внатрешна врева од мисли и емоции треба да се стиши за да може да се доживее звукот на внатрешната тишина на постоењето.

Не е лесно да се постигне и да се одржи ментална тишина кога со години сме го тренирале умот да функционира на спротивен начин. Во нас е длабоко вкоренета таа шема на дејствување. Навикнати на тоа, така функционираме секогаш, па дури и во моменти на рекреација и одмор. Често во моменти на одмор телевизорот или музичкиот систем ги оставаме вклучени, не ги следиме, но нивната врева ни е потребна.

Штом нешто е подложно на влијание и на навика, има простор да размислуваме за негово преиначување и трансформација. Прво треба да сфатиме дека нештото го правиме од навика, дека тоа не е еднаш засекогаш дадено да биде така. Сè што ни е на располагање во животот е подложно на промена, колку и да ни изгледа сè цврсто и трајно. Значи, во многу работи можеме да се „истренираме“, да се пренавикнеме, но само ако го знаеме начинот и имаме решителна истрајност и вера во успехот.

Јогата со сигурност е еден од начините кој низ вековите ја докажал својата ефикасност. Со неа можеме да ја најдеме смислата на тишината, можеме да го навикнеме својот ум да седи во мир и тишина кога ќе се почувствуваме себеси дека сме тука, дека дишеме, дека постоиме.

Во јогата се практикуваат различни техники на релаксација, концентрација, јога-нидра и медитации за смалување на менталната врева и за внесување на смиреност во умот. Кога менталната врева ќе се намали, себеси и животот ќе се искусиме малку поинаку, во една позитивна смисла.

Во духовната практика познато е дека само во внатрешната тишина се проникнува до суштината на работите, таму стекнуваме увид во нештата и себеси такви какви што се и какви што сме.

Нашиот креативен потенцијал е во внатрешната тишина. Кога умот е во длабока смиреност, прибраност, со јасна идеја и насоченост кон таа идеја, се ослободуваат и протекуваат креативните сили во создавачки чин, и произлегуваат чинови, дела во кои има „душа“, во кои има енергетски потенцијал.

Тишината е моќна. Сè е создадено од тишината.

Според зенот, во уметностите подготовката за изведба на некое дело се врши во контемплативен мир, кога човекот се опушта и ги изедначува сите свои сили. Тогаш постигнува прибраност и присебност без кои не може да произлезе ниту едно вистинско дело. Тоа треба да личи на „намерна“ потонатост во својата работа, во која „ненамерно“ се оди во пресрет на моментот кога делото ќе се оствари само од себе.

 

 

 

Големиот Рамана Махариши во една своја книга за тишината напишал:

„Постојат четири вида Тишина: Тишина на говорот, Тишина на окото, Тишина на увото и Тишина на умот. Само последната Тишина е целосна и најважна. Само Тишината е Вечниот Говор, Единствениот Збор, Говорот од Срце до Срце.

Подучувањето во Тишина е највисокото подучување, како што правел Дакшинамурти. Тоа е највисокиот, најсовршениот вид на иницијација. Таа го прочистува поединецот во секој поглед и го стабилизира во Стварноста.

Молчењето е вистинска упадеша. Им одговара само на најсовршените трагачи. Другите не се способни да извлечат целосна вдахновеност од неа. Од таа причина тие ги бараат зборовите што ќе им ја објаснат Вистината. Но Вистината е надвор од зборовите.
Таа не може да се објасни“.

 

 

 

< Пред   Следно >
Додади коментар
JComments

Рецепти

  • Вкусот на здравјето

8ka Newsletter

  • newsletter

Анкета

Сертифицираната органска храна ја користам :
 

За членови

За добивање на месечен newsletter, зачленете се и најавете се:

Ја заборавивте вашата шифра?

Го заборавивте вашето корисничко име?

Уште не сте корисник? Зачленување Корисник

Sifu Predrag

Списание 8ка

  • Импресум
  • Маркетинг
  • Контакт

Статистика

Во моментов на сајтот имаме присутни посетители
8ка има вкупно регистрирани члена

Пријатели на 8kа

zepter

DrHauschka

centar za joga

curaprox

8ka.com.mk © 2011. Сите права се задржани.