ПРИОД НА ЧИ КУНГОТ КОН ЕМОЦИОНАЛНИОТ ДИСБАЛАНС
Напишано од Си-фу Предраг Петрески Недела, 06 Јуни 2010 21:37
Од текстот во претходниот број на 8-КА може лесно да се заклучи дека чи-кунгот има поинаков приод кон емоционалниот дисбаланс, за разлика од традиционалната психотерапија. Во чи-кунгот се земаат во обsир ставот, дишењето и здравјето на внатрешните органи. За разлика од психолошкиот пристап кон проблемот, кој се концентрира на случки што се случиле во минатото и нивното влијание на сегашноста, чи-кунгот се фокусира на енергетските блокади во организмот. Многу често психолошките проблеми се манифестираат како физички тензии. Иако меморијата се складира во нездравото ткиво, пациентот не секогаш има потреба да ги анализира меморираните сеќавања, за да постигне психичка стабилност. Повеќето практиканти во чи-кунгот, со сигурност потврдиле дека емоционалните нарушувања кои ги имале во минатото, исчезнале во период од една година вежбање. Ова, секако, не е негирање и омаловажување на внатрешно-ориентираните терапии со разговор. Сериозните психолошки проблеми секако бараат и подлабоко разгледување на проблемот. И покрај тргањето на енергетската бариера, можеби на пациентот сè уште му треба терапија која ја чисти потсвеста од несаканите мисли и навики.Доколку запрашате чи-кунг мајстор како би помогнал некому кој има психолошки проблем, истиот ќе ви одговори дека би го советувал да се опушти. Овој одговор е ист во 99% случаи. Релаксирањето е одговор, но не универзален за секој случај. Во Западниот свет причините за психолошките проблеми ексклузивно му се препишуваат на мозокот (свеста). Во Кина, обратното е точно. Психолошките проблеми се соматизираат (манифестираат) во телесни сензации. Ставот во кинеската филозофија за психичките проблеми во текот на историјата бил дека депресијата е проблем чии корени се наоѓаат во неправилната работа на белите дробови, а соодветна терапија за овој проблем е соодветна акупунктурна терапија, масажа и употреба на соодветни билки. Доколку имате фобичен проблем за дадена ситуација, личното искуство во детството е исклучено, т.е. ирелевантно. Проблемот со стравот се лоцира во неправилна работа на бубрезите.
Во кинеската традиционална медицина системот на петте елементи се применува речиси за проблем од секаква природа. На пример, доколку пациентот страда од неконтролиран гнев, кинескиот доктор може да советува „здрава“ доза на депресија и загриженост, со објаснување дека металот (белите дробови – депресија) го уништува дрвото (црниот дроб – гневот). Или пак, доколку пациентот премногу размислува, тогаш, според теоријата на петте елементи, гневот би можел да биде лекот. Овој систем на терапија, кој се нарекува „балансирање на една со друга емоција“, сè уште се практикува во Кина. Во минатото, емоционално растроените лица, од страна на кинеското општество биле третирани како најголема закана за општеството, и поради ова, истите биле изолирани без посебно вложување на енергија за нивно нормализирање и враќање во „нормалниот“ свет. Во денешно време, емоционалните нарушувања првенствено се решаваат во фамилијарните кругови. Доколку не се најде соодветно решение, проблемот го решава локален политички лидер, зависно од каква природа е психичкото нарушување, политичко или социјално. Ако психичкото нарушување е од друга природа и е подлабоко, случајот се префрла на психологот. Според западниот метод третманот е едноставен, на пациентот покрај разговор, му се препорачува соодветен лек, т.е. електрошокови. Докторот од ТКМ ќе употреби акупунктура, тревки, масажа и чи-кунг. Западниот начин на разговор во ТКМ сè уште е исклучен од терапијата кај емоционално растроените.
Доколку се прашувате кој метод е подобар во третирањето на емоционално растроените личности, сметам дека двата приода имаат позитивни страни кои не смеат да се изостават. Сметам дека комбинацијата на западниот и источниот метод и пристап во третирањето на пациентите ќе даде најдобри резултати, меѓутоа, дефинитивно без употреба на лекови за третирање на емоционален дисбаланс.
| < Пред | Следно > |
|---|






