8-КА, ИСХРАНАТА И ТАОИЗМОТ
Напишано од Си-фу Предраг Петрески Недела, 02 Јануари 2011 13:10
Многумина од моите пријатели со кои сум зборувал, покрај прашањата за чи-кунгот, ми поставуваат прашања од типот дали јас применувам посебен режим на исхрана и колку истиот е битен во чи-кунгот. Други пак, бараат совет за тоа како да го подобрат своето здравје со помош на чи-кунг вежбите. Мојот одговор кон сите соговорници е: доколку сакате да бидете здрави, или да го вратите изгубеното здравје, ќе мора да го промените животниот стил. На почетокот луѓето се збунети, некои прашуваат што значи промена на животниот стил, други пак воопшто не прашуваат (најверојатно не сакаат да знаат што значи тоа). И упорно го бараат одговорот на прашањето што наумиле да го добијат.
Имајте здрав животен стил, следете го патот на таото, одете по природниот пат и дозволете и’ на природата да ве води. Сè ова се однесува на една иста работа: доколку сакате да имате здрав и среќен живот, ќе морате да ги вратите изгубените природни и да ги отфрлите стекнатите лоши навики, бидејќи сè што е природно, е и здраво. И не само тоа, половичните промени носат слаби или половични резултати. ...Да, јас применувам „посебен“ режим на исхрана, којшто не е ништо друго, туку природен начин. Мозокот не е единственото нешто за спиритуален развиток. Покрај чи-кунг вежбите и медитацијата, храната игра една од најголемите улоги во психофизичкиот развој кај човекот. Нашето тело се однесува како возило на пат, на кое му е потребно едно од најдобрите горива за енергија. Јадењето зашеќерена и рафинирана храна, месо кое содржи висок процент на масти, храна во која има конзерванси и висок процент на пестициди, лесно може да го разболи нашето тело, да нè оттргне од патот на спиритуалниот развиток, и во најлош случај, за многу кратко време да нè отстрани од патот на нашата животна мисија на Земјата.
Храната е една од најважните потреби на човекот. Меѓутоа, многу не значи и подобро. Умереното внесување на храна пријатно делува на организмот. Прејадувањето, макар тоа да е и здрава храна, го прави дигестивниот систем преоптоварен, кој со цел да јас вари таа храна, влече енергија од другите органи. На тој начин го прави организмот тром и подложен на заболувања. Денес се појавија многу диети кои себеси се нарекуваат здрави, но со илјадници години наназад, постои начин на исхрана којшто е далеку поздрав од денешните. На Далечниот Исток, познат како таоистички начин на исхрана, кај нас и на Запад одамна заборавениот хипократски начин функционирал со векови, зошто не и сега?
Таоизмот е древна кинеска филозофија, развивана со генерации преку проучувањето на природата и човековата интеракција со неа и со самиот себе. Таоизмот претставува најрана филозофска форма која го потенцира природниот пат на здравата свест. Таоизмот одамна докажал дека јадењето малку и правилно на одбраната храна, водат до здравје и долговечност. Нешто што денешната модерна наука го верифицира преку студиите за редукција на калории. Следејќи го основното правило, „патот на природата“, таоистите низ годините го следеле ефектот на храната врз нивните тела, и сè што имало негативни последици, било исфрлано од нивното мени. Следејќи ја природната исхрана, тие увиделе дека за добро психофизичко здравје, потребно е внесување на поголемо количество на зеленчук, овошје, мешунки, разни видови семиња и чаеви. Целосно бил исфрлен алкохолот, цигарите, кафето, камената сол, пржената храна, рафинираното брашно и шеќер, телешкото, свинското и други видови на темни меса. Ова некако звучи познато, нели? Запаметете дека таоистите го следеле овој начин на исхрана со векови уште пред западната „модерна“ наука воопшто да се занимава со ефектот на храната врз човечкиот организам. Денес секој знае дека премногу сол во исхраната го качува крвниот притисок, или консумирањето на црвено месо го зголемува холестеролот во крвта. Меѓутоа, никој на тоа не обрнува внимание, или уште полошо, секој ден живее во надеж дека лошото здравје нема баш нему да му се случи.
Други забелешки од таоистичкиот начин на исхрана:
Се верува дека премногу земање на свежа храна ја успорува животната енергија во телото, и со нејзино внесување се внесуваат и одредени бактерии, кои лошо влијаат врз здравјето на луѓето. Од друга страна пак, за храната што премногу се обработува термички, се верува дека ја губи нутритивната вредност. Нерафинираната морска сол е добра за користење, поради големата содржина на минерали во неа. Користете соја или друг вид на растително млеко. Животинското млеко и млечните производи кај таоистите биле непознати, и не биле класифицирани како хранливи продукти. За некоја храна, ако порано се сметала за добра, а во одреден временски период се покажало дека има лош ефект врз здравјето, истата била отфрлана. Таков е случајот со јајцата и пилешкото месо, и месото од риба. Исхраната на денешните таоисти најмногу се состои од житарки (порано се сметало дека житарката не е добра и треба помалку да се консумира), разни видови на зеленчук, овошје и семки. Рибата е вклучена во исхраната, меѓутоа, не како неопходна, и се разбира, риба која потекнува од чистата незагадена средина.
На моите читатели ќе им го кажам следново: да, и јас се хранам по програмата на Д-р Бибан, бидејќи тоа е единствената програма, или начин на исхрана, која успеа вистинските научни откритија во делот на исхраната да ги најде на патот на таото, непрекршувајќи при тоа ни еден закон поставен од природата. Јадењето може да причинува големо задоволство, особено јадење храна која го продолжува и го прави исполнет животот. Хранете се не со цел да изгубите килограми, за да изгледате добро, туку за да постигнете повисок спиритуален развој. Хранете се за здрава свест и здраво тело, и вие ќе изгледате природно и убаво, исто како лисјата на дрвјата во пролет. Јадете храна која ви ја нудат „современите“ диети за губење килограми, и вие ќе ги пропуштите вистинските бенифити кои природната храна за човекот има да ви ги понуди.
| < Пред | Следно > |
|---|









Коментари
Важно е да имаме базна средина во телото, за да можеме да ја зголемиме енергијата и да бидеме "отворени" за Божествените чуда . . .