ТАОИСТИЧКА МЕДИТАЦИЈА
Напишано од Си-фу Предраг Петрески Четврток, 31 Март 2011 20:03
Во таоистичката медитација познати се две основни насоки за успешно практицирање: смиреност и концентрација. Причината за смиреност, како ментална, така и физичка, се огледа во враќање на вниманието кон себе и раскинување со надворешните влијанија кои предизвикуваат емоционален дисбаланс. Во состојбата на смиреност, практикантот многу лесно може да го фокусира своето внимание, најчесто на дишењето, со цел да се развие свесност на „една работа“. Со ова се постигнува состојба на смирена свест ...
Кога првпат ќе пробате да вежбате таоистичка медитација, ќе забележите дека вашата свест е некооперативна. Тоа е вашето его или „емоционална свест“ која се бори против сопственото гаснење предизвикано од страна на повисоките сили на спиритуалната свесност. Последна работа што вашето его и емоции сакаат е да бидат контролирани и угасени. Егото и емоциите се распуштени во секојдневниот круг на емоционална разиграност и покрај тоа што оваа игра ја троши вашата животна енергија, го дегенерира вашето тело и го истоштува вашиот дух.
Кога ќе го фатите вашиот мозок како се втурнал во фантазирање или го оттргнал вниманието од внатрешната алхемија и се прикачил за надворешниот феномен, постојат шест методи да го „фатите мајмунот“, да се смири мозокот и да се врати фокусот на бараната точка:
- вратете го вниманието на влегувањето и излегувањето на воздухот низ ноздрите;
- фокусирајте се на растење и опаѓање на стомакот со вдишувањето и издишувањето;
- практикувајте неколку минути мантра, која ја хармонизира енергијата и го фокусира умот. Трите најефективни слога се „ом“, што го стабилизира телото, „ах“ ја хармонизира енергијата и „хум“ помага во концентрација на духот. Изговарајте ги овие слогови во континуиран тон и употребете долго издишување при секој изговор.
Таоистичката медитација работи на сите три нивоа: есенцијата (телото), енергијата (дишењето) и духот (свеста).
- Првиот чекор е да се најде добра балансирана позиција за телото, грбот да биде исправен.
- Вториот чекор е свртување на вниманието кон дишењето и енергијата. Можете да го фокусирате вниманието со следење на дишењето кое влегува во и надвор од белите дробови, или едноставно, да ја визуализирате енергијата во согласност со дишењето.
- Третото ниво е духот: кога дишењето е регулирано, а енергијата глатко кружи во енергетските канали, фокусирајте се на вашите мисли и чувства, како се раѓаат и како исчезнуваат со секое вдишување и издишување.
Таоистичките мајстори на медитацијата подучуваат три основни методи на контрола и смирување на умот.
- Првиот метод се нарекува „застани и набљудувај“. Овде се подразбира едноставно набљудување на раѓањето и исчезнувањето на мислите. Оваа метода едноставно не учи како да ги препознаеме „празните“ мисли, или едноставно, како да се игнорираат таквите мисли кои го нарушуваат вниманието.
- Втората техника се нарекува „набљудување и замислување“, што се однесува на визуaлизацијата. Практикантот најчесто визуализира енергетски центри во телото (во други случаи може и други објекти или слики), сè со цел да го пренасочи менталниот фокус од непродуктивните мисли и емоции и да се постигне свесност (фокусираност) на „една работа“. Крајната цел е да се оттргне „емоционалниот мозок“ од непродуктивните мисли, фантазии, конфликтни емоции и да се постигне концентрирана свесност на една точка креирана од страна на „мудриот мозок“.
- Третиот чекор во воспоставување на контрола врз сопствениот мозок е „употреба на мозокот за водење на енергијата“. Кога „емоционалниот мозок“ е смирен и дишењето е регулирано, фокусот на вниманието се префрла на намерата за водење на внатрешната енергија. Во чи-кунг постојат повеќе медитативни вежби кои го подучуваат практикантот како и по кои патишта треба да ја води енергијата за да се постигне бараната цел, која може да биде од најразлична природа, било тоа да е подобрување на здравствената состојба или подигање на свеста на повисоки спиритуални рамништа, што претставува и крајна цел на таоистичката медитација.
| < Пред | Следно > |
|---|








