СЛОБОДАТА Е НАДВОР ОД МАТРИЦАТА
Напишано од Др. Јадранка Бибан - Спец. гинеколог акушер 27.08.2009 Петок, 28 Август 2009 11:36
Колку пати во животот сте се почувствувале слободни „како птица“ и спремни да правите со својот живот што сакате?
Дали слободата на човекот е демократско право во дваесет и првиот век?
Многу луѓе, сигурна сум, ќе дадат позитивен одговор на овие прашања, објаснувајќи дека денешните општества се стремат кон достигање на високи морални норми на меѓучовечко однесување. Потврда за тоа би биле многубројните светски организации кои се борат за остварување на човечките права, многубројните организации кои ги има и во нашата земја, како ограноци на таквите глобални организации...
Но, наспроти луѓето кои „среќно си живеат“ во светот на илузиите за својата слобода, многумина во светот веќе ја открија највалканата игра со човечката слобода и најлицемерното „душегрижништво“ за човечката благосостојба...
Всушност, многумина во светот веќе јавно и сè погласно прашуваат:
Кој е тој што управува со нашите животи, и како ние самите му дозволуваме да не држи во најтемното ропство во историјата на човештвото?
Дали можете да се сетите на период од животот кога немало потреба да се плашите за сопствениот опстанок, да се плашите за сопственото здравје и за здравјето на своите блиски? Ќе кажете дека овие грижи отсекогаш биле дел од нашите животи и дека тоа е „нормален дел од живеењето“. Можеби...
Но сепак, дали некогаш сте се обиделе да ги анализирате постапките со кои се води грижа за здравјето на луѓето денес? Пробајте да го направите тоа и ќе видите дека грижата за нашето здравје е спроведувана со постојано сеење на страв, страв од тешка болест, страв од климатско затоплување, страв од цунами, страв од пожари, страв од немаштија, страв од војна, страв од и за своите блиски кои не опкружуваат...
Дали се сеќавате на времето кога главните вести на телевизија не започнуваа со црна хроника? Па, тоа и не беше така одамна. Но денес, анализирајте ги вестите и информациите, односно редоследот на информациите кои се нудат. Најпрво е црната хроника, претходно најавена со музички џингл кој буквално „го пара мозокот“. Најпрво ќе слушнете кој кого го отепал, кој си го силувал внукот или внуката, во кое школо биле истепани неколку ученици, кој си ја искасапил сопругата или сопругот, чија куќа изгорела до темел, кој му удрил шлаканица на соседот, каде имало сообраќајка...
Јас не велам дека и тоа не треба да се слушне (сепак можеби и не сè, на пример, не мора да се слушне каде имало невеста бегалка, па фамилиите се потепале и сл.), но зошто сето тоа мора да биде кажано така ударно и како првична вест на централните вести на националните телевизии? Ако прошетате по другите програми на ТВ, се разбира, ако имате кабловска, ќе забележите дека не само во нашата земја имаат таков „обичај“, туку дека таквата навика ја спроведуваат и другите земји од опкружувањето, како сите да се под некој заеднички „калап“ на презентирање на информациите. Значи, најпрво треба да се „дигне“ адреналинот на луѓето, или, како поинаку да кажеме, да се предизвика стрес. Е сега, потсетете се, колку пати вашиот доктор ви укажал на тоа дека вашата болест е резултат на преголем стрес? Со други зборови, стресот води до енергетски дисбаланс на организмот, што во склоп на еден нездрав животен стил, води до болест.
Па одговорете си:
Кој е оној кој постојано ве дозира со одредени количини на стрес?
Сега, да се вратиме на прашањето од почетокот:
Колку денешниот човек е слободен човек?
Можеби ропството денес има друг облик и друга димензија. Денешниот човек робува преку својата потсвест. Денешниот човек ги извршува наредбите на својот робовладетел „доброволно“. Денешниот човек се согласува да робува и го поддржува своето сопствено ропство, затоа што методите на робовладеење се спроведуваат преку потсвеста на човечкото битие. Тие методи се спроведуваат најлегално и постојано. Преку медиумите човекот „добива наредби“ за тоа што треба да направи со себеси, каков лек треба да купи, од кого треба да се заштити, кому да му верува, а кому не, кој е оној добриот, а кој е лошиот. Секој ден човекот добива информации каква опасност му се заканува на неговото дете, која болест ќе го покоси светот, кој вирус колку луѓе може да отепа, и колку луѓе отепал досега...
Денес човекот добива информација која влегува во неговата потсвест.
Денес човекот лесно се убедува колку многу ќе биде среќен ако земе кредит од банка и цел живот враќа долгови, зашто така ќе му се оствареле сништата и ќе имал „сопствен стан“. Како може да има сопствен стан кога станот е на банката, која доживотно ќе го цица својот должник – роб, пардон... „слободен човек“...Или, возете ја колата на своите сништа и плаќајте редовно, зашто ќе дојде банката и ќе ви ја земе од пред куќа. Ама не се секирајте, па вие всушност не знаете колку сте среќни, зашто сте слободни!
Дали сè уште тврдите дека денешниот човек е слободен човек? Па колку луѓе седнаа да јадат на плоштад минатиот месец за да послужат самите за реклама, преку која ќе се делува врз самите нив, врз нивната потсвест, за тоа колку среќно и големо семејство се, затоа што...опс, заборавив зошто...ах да, требаше да купам нешто, само веќе не знам што, зашто од толку многу понуди за купување среќа, луѓето веќе немаат критериум за тоа што е среќа.
Ако сакате навистина да станете слободни луѓе, тогаш морате да излезете од калапот. За некои, тоа многу полесно ќе се оствари, но за некои, тоа ќе биде тежок процес. За полесно да ја доживеете слободата, треба да престанете да робувате на медиумите. Замислете само кој е газда во вашиот сопствен дом, почнувајќи од раните попладневни часови до доцна навечер? Тоа се сопствениците на медиумите. Поточно, тоа се сопствениците на сопствениците на медиумите, односно оние кои го владеат светот, владеејќи со човечката потсвест. Тие цели 6 или 8 часа постојано ви кажуваат што да правите со себеси и со своите блиски. Немојте да им давате толкав простор во вашите животи и ќе видите дека сте биле далеку од слободата. Пречистете го вашето тело и вашиот дух и ќе сфатите дека нема потреба од страв од никаков грип, од никаков вирус, па тогаш ќе сфатите дека нема да имате потреба ниту од некаков лек.
Лекот е во слободата, лекот е во урамнотеженоста на организмот, лекот е во душевниот мир и елиминирање на стресот, лекот е во здравата и незагадена храна, лекот е надвор од калапот, надвор од матрицата, во која упорно ја заробуваат човечката потсвест.
| < Пред | Следно > |
|---|






