ЈАВНА ПОНУДА ЗА ПОМОШ
Напишано од Др Јадранка Бибан - 05.09.2009 год. Сабота, 05 Септември 2009 10:06
КОЛЕГИ ДОКТОРИ, АЈДЕ ДА ПОМОГНЕМЕ
Ние како доктори, истражувачи, научници, кои целиот свој живот сме го посветиле на подобрување на животот на луѓето, нивно лекување и превенирање на тешките болести, мислам дека е време да помогнеме во вистинскиот правец за она за што нашето општество настојува да го направи.
Имено, секојдневно сме сведоци на напорите на луѓето од политиката кои сакаат да го подобрат нашиот Здравствен Систем. Тие постојано сакаат да го направат здравството достапно за сите, постојано изнаоѓаат начини и методи за да ги направат подостапни лековите за СИТЕ. Така, политичарите ја прават позитивната листа на лекови која ќе ги задоволи сите болни, работат на правото пациентите да добијат можност за платена операција во странство. Политичарите многу работат да ги снабдат клиниките со скапи лекови од странство и сè така, уште многу други работи кои сè, сè ама никако да ги оздрават луѓето.
Затоа сметам дека ние како лекари мораме да и помогнеме на здравствената политика во напорите да создаде Здравствен Систем кој ќе обезбедува ЗДРАВА НАЦИЈА.
...Се надевам дека тоа е целта – ЗДРАВА НАЦИЈА...?
Затоа, предлагам, ние лекарите да сугерираме здравствената политика да се насочи малку повеќе кон прашањето:
ШТО Е ТОА ШТО ДЕНЕС ЛУЃЕТО СЕ ПОВЕЌЕ ГИ ПРАВИ БОЛНИ? . . .
Колеги доктори, дали ја чувствувате потребата да помогнеме на Здравствениот Систем? Како? Така што ќе укажеме дека проблемот со болестите и со финансиските средства е многу лесно решлив.
Имено, збогатувањето на Фондот за Здравствено Осигурување не го намалува бројот на заболените. Народот нема потреба од богат фонд за здравствено осигурување, за да биде здрав. Тоа праксата го покажува секојдневно. Со други зборови, бројот на заболените луѓе секојдневно расте и наспроти порастот на средствата во Фондот за Здравствено Осигурување. Затоа ние лекарите би требало да укажеме дека:
ПРВО, причината за најбројните болести не лежи во тоа што има малку пари во Фондот туку лежи под носот на луѓето, односно во тоа што ставаат во устата за јадење. Но за жал научните достигнувања и откритија во областа на исхраната се крајно маргинализирани заради огромната политичка моќ и взаемниот однос врз основа на комерцијален интерес на прехрамбената индустрија, фармацијата и хирургијата.
ВТОРО, овие индустрии постојано продаваат свои солуции за решавање на проблемот – подобро здравје за сите. Ако овие идустрии успеат да ги убедат повеќето луѓе дека решението на кризата на нивното здравје нема никаква врска со нездравата храна, а има врска со земањето на лекови или со подвргнување на операција, тогаш нашето општество постојано ќе троши милиони евра за проектот „Подобар Здравствен Систем“ а без оздравување на пациентите. Ете тоа се случува кога вистинската наука нема пристап во здравствената политика.
Затоа сметам дека, ако нашата здравствена политика, е навистина насочена кон подобрување на здравјето на граѓаните, тогаш треба да се направат неколку работи:
1 – Да се ревидираат посочените стандарди за здрава исхрана кои се нудат како препораки за граѓаните во смисла на процентуална застапеност на јагленихидрати, масти и белковини во исхраната на луѓето.
Така ќе се придонесе за решавање на проблемот со прекумерна телесна тежина кај луѓето, атеросклерозата во детската возраст, со срцевите удари и мозочните инсулти кои се се почести во помладата возраст...
Како да се дојде до вистинската научна информација? Така што владата ќе треба да забрани финансиска помош и поддршка на научните проекти кои ги обработуваат овие проблеми, од страна на фармацевтските компании и прехрамбената индустрија.
2 - Владата треба да основа Здравствен Национален Институт кој ќе работи исклучиво на истражувања во областа на поврзаноста на исхраната, здравјето и болестите. Така нема да има „раштрканост“ и „разводнување“ на истражувањата во врска со исхраната и нејзината поврзаност со болестите и ќе се избегне влијанието на спонзорите (самата влада ќе финансира проекти) врз резултатите од истражувањата кои официјално се објавуваат.
3 – Собранието на Република Македонија треба да разгледа потреба од отворање на медицински школи кои ќе бидат финансиски подржани од државата, каде ќе се изучува исхраната и нејзиното влијание врз здравјето на луѓето. Пациентите не знаат за моќта на исхраната во лекувањето на нивните болести, затоа што нивните лекари исто така не го знаат тоа, па затоа не можат да ги едуцираат и лекуваат пациентите со храна. На медицинските школи и факултетите се изучува најмногу фармацевтскиот третман на болестите. Таму не се изучува исхраната воопшто. Лекувањата на болесите се исклучиво врзани со давање лекови и хируршки интервенции. И така, за многу лекари потсвесно е сосема исправно да немаат познавање во областа на исхраната и лекување со исхрана.
Кога би се оствариле овие три работи верувам дека нема да ја чинат државата многу пари, а ќе придонесат за многу голем прилив на средства во фондовите на државата, преку остварената цел:
ЗАЧУВУВАЊЕ НА ЗДРАВЈЕТО НА ЛУЃЕТО ИЛИ КАКО ШТО СЕ ВИКА, ПРЕВЕНЦИЈА.
Подготвена сум да помогнам и многу повеќе, па затоа очекувам во најскоро време да ме повикаат од Валадата на РМ.
| < Пред | Следно > |
|---|






