НАРОДОТ НЕ САКА ЗДРАВСТВЕНИ РЕФОРМИ, ТУКУ НАРОДОТ САКА ЗДРАВЈЕ
Напишано од Д-р Јадранка Бибан Вторник, 09 Март 2010 23:22
Со децении наназад, сведоци сме на вакви или онакви здравствени реформи. Сите се најавуваат на голема врата и секоја нова здравствена реформа наводно е подобра и попродуктивна од старата. Наспроти таквите здравствени реформи, бројот на болни во државава, секоја година расте сè повеќе. Надлежните никако да сфатат дека не се потребни здравствени реформи, туку е потребно здравје. За да се постигне тоа, не е потребно да се трошат толку многу пари и народот сè повеќе да се задолжува, туку е потребно да се пренасочат средствата на вистинско место. Што значи тоа?
Дали ќе се подобри здравјето на децата ако се реновираат клиниките, ако се набават вакви или онакви апарати, се изградат нови болнички капацитети и слично? Дали ќе се подобри здравјето на децата ако се набават најскапи апарати на клиниката за детски болести? Дали ќе се подобри здравјето на болните од карцином ако се реновира клиниката за онкологија? Ваквите постапки само изгледаат толку добро што илузорно ветуваат подобрување на здравјето. Но, тоа не е така...
Имено, здравјето на луѓето ќе се подобри ако државата вложи повеќе средства во едукација на граѓаните за тоа што е она вистинското кое го чува нивното здравје. Од друга страна, здравјето на луѓето ќе се подобри ако државата, исто така, се однесува суштински во заштитата на здравјето на луѓето и ги заштити своите граѓани од изложеност на штетни влијанија, а тоа значи ако им обезбеди природна и чиста вода за пиење, здрава храна, ако вистински се погрижи за луѓето да дишат чист воздух, ако го намали стресот на граѓаните, не плашејќи ги со вакви или онакви опасности по нивното здравје, како што се некакви вируси, бактерии и други бубачки. Колку голем стрес доживеа народот во последните неколку месеци додека беше бомбардиран со информации за опасноста од свинскиот грип, за кој сега се води истрага на светско ниво дали воопшто тој грип постоел. Оние кои изразуваа сомнеж за вистинитоста за свинскиот грип беа на секаков можен начин опструирани, па дури и санкционирани од „официјалните институции“.Не велам дека ваквите работи се случувале само кај нас, во нашата држава, туку се случуваа на светско ниво, и за тоа 8-КА пишуваше во своите претходни изданија. Но, она што се случуваше кај нас, беше неможноста да се дојде до јавноста за да се пласираат таквите информации, па затоа овде народот се информираше главно преку интернет, кој сепак сè уште не е достапен за секого. Телевизиските емисии посветени на свинскиот грип скоро на сите национални и локални телевизии ги имаа покането секогаш истите луѓе кои ја застапуваа само едната страна. Е тоа, богами, не е демократија, без разлика колку многу се вреска дека сме демократска држава, особено во однос на информирањето на граѓаните. Како и да е, останува неразјаснето прашањето која е вистината за свинскиот грип...Да се надеваме дека сепак во светот ќе победат здружените прогресивни сили и разбудената свест на се поголем број луѓе, па така ќе можеме да ја дознаеме вистината која ја заслужуваме.
Сепак, после вакви и слични сервирани стресови за населението, официјалната модерна медицина најверојатно добро размислува како да ни изгради болници и како добро да ги опреми за да не „лечи од стрес“. Најверојатно тоа би биле модерни психијатриски клиники, со психијатри – научници, каде ќе се лекуваат „психијатриско – стресените“ пациенти.
Така, во развојот на модерната медицина сè си има своја причина и последица, а резултатот е развиток на модерна медицинска наука. Оваа модерна наука се состои во начини и методи на лекување на последиците, но никако не и причините. Дури и да не постојат причини, тие би се создале, затоа што без причини не би имало болести, чии последици би се лекувале. Така, нема да има лесен профит и лагоден живот за „спасителите“.
Затоа не е добро да се фалиме со новоизградени болници, туку со здрави луѓе, односно здрава нација. А како би се пофалиле со тоа кога нашата нација скоро и да не знае што значи органска храна? Во земјата на овошјето и на зеленчукот, каква што е Македонија, буквално нема никаде пазари за органска храна. Индивидуалните производители на градинарски производи и на овошје кои ги продаваат своите производи по зелените пазари, буквално никој не ги контролира како ги одгледуваат истите тие производи, со какви хемикалии ги прскаат и какви ѓубрива користат, додека во развиениот свет, на кого секојдневно му се воодушевуваме и завидуваме колку добро се живее таму, органската храна е на висока цена. А кај нас доволно беше да поминевте во маркетите на Веро и да видите колку жално се нудеа јапонски органски јаболка од македонско потекло по само 20 денари, додека купувачите ги заобиколуваа и купуваа јужно увезено овошје, кое е далеку од органско, а е со далеку повисоки цени. Едноставно, народот не е едуциран што значи органски производ. Но, затоа пак народот е многу добро информиран дека во болниците има набавено многу скап апарат за снимање на ова или она, па кога ќе има потреба за испитување или операција, нема да има никаков проблем, само ако има доволно среќа да стаса до апаратот...
Големо е лицемерието на медицинската практика во светот денес. Затоа никој не ги перципира вистински таканаречените здравствени реформи, кои најмалку се прават за вистински да се заштити здравјето на луѓето. А сè што се прави, се прави само за профит, за пари. Болестите носат пари, а реформите само ги распределуваат. Така, докторите се платени „по заслуга“. Што значи тоа по заслуга? Значи колку операции направиле, колку интервенции извршиле, колку лекови дале или препишале???
Според мене, докторите треба да се плаќаат по број на избегнати операции, по број на избегнати срцеви удари, по број на спречени мозочни изливи. Гинеколозите, на пример, треба да се плаќаат по број на здрави бремености. Матичните лекари треба да се наградуваат по број на пациенти кои се на нормална телесна тежина, по број на пациенти кои се со нормален крвен притисок, по број на пациенти кои се одвикнале од пушење, од алкохол или други пороци, итн.
Можеби сето ова изгледа многу добро за да биде вистинито?! Вистинито може да биде, но затоа треба да се гради здраво општество. Треба да се гради општество кое ќе вложува во здравјето на граѓаните, а не општество кое вложува во лекување на луѓето.
| < Пред | Следно > |
|---|







Коментари