ЛЕСНИ ПАРИ СО ТЕШКИ ПОСЛЕДИЦИ
Напишано од Д-р Јадранка Бибан Четврток, 10 Јуни 2010 21:41
Навиките во исхраната се создаваат уште во детството. Јас во неколку наврати пишував за тоа дека дури и начинот на исхрана на бремената жена е многу важен за создавање на навиките во исхраната на идното дете. Тоа е и научно докажано и потврдено со секојдневната практика.
Во неколку наврати, исто така, пишував за лесната и брза заработка кон која се стремат бизнисмените, во општеството кое слободно може да се нарече „општество на казино профитери“. Самиот израз „казино“ значи дека се работи за општество во кое сè се гледа како коцка. Важно е само брзо да се заработи, да се направат големи пари, без разлика на последиците од тоа...
Повод за да се обратам на оваа тема беше еден мал исечок од една детска емисија, која сосема случајно „ја фатив“ и која се емитуваше на еден национален ТВ-канал. Името на емисијата и името на телевизијата нема да ги споменам, не затоа што сакам да ги заштитам, туку затоа што вакви емисии можат да се видат на скоро сите наши ТВ канали, па затоа ова нека биде порака до сите нив, но и порака до сите оние кои гледале, а кои имаат моќ да реагираат на тоа, но сепак одлучиле да молчат, дека доколку ваквата практика се толерира и се дозволува да продолжи, последиците ќе ги сносиме сите ние...Тој мал исечок од ТВ-емисијата од околу 5 минути (другиот дел од емисијата не успеав да го гледам), се одвиваше во една фабрика за млечни производи, каде група на деца кои не беа поголеми од 6 – 7 години, беа однесени на едукативна посета. Дечињата јадеа од млечните производи, сите пробуваа различни сирења, се воодушевуваа на целото тоа доживување, сите беа добро расположени, ведри и насмеани. Се разбира, ведра, расположена и насмеана беше и водителката која беше заедно со нив. Таа, според сценариото на емисијата, беше онаа која ги бодреше децата да ги пробуваат сирењата и другите млечни производи, се смееше и таа, исто така, сè на сè оддаваше впечаток дека се наоѓа во атмосфера на бескрајна љубов и задоволство. Производите од сирење можеа многу јасно, во повеќе наврати, да се гледаат во преден план на екраните, за да се забележи и да се запомни добро брендот. Дечињата, покрај сирењата, неограничено можеа да пијат и сок кој се точеше од „тетрапак“ пакување и кој беше убаво покажуван со камерата, од која марка е. Така, кога дечињата убаво се најадоа и се изнапија, водителката, во улога на учителка, го прашуваше секое од нив поединечно кое сирење најмногу им се допаднало. Скоро сите дечиња рекоа дека најубаво било она со маслинки и со шунка. Некои од дечињата дури сè уште јадеа и држеа во рацете кругови пресечена шунка, во чиј вкус така добро уживаа, што сигурна сум дека и на оние дечиња кои седеа дома и го гледаа ова на телевизија, им потекоа лиги и потрчаа во фрижидерите да си пресечат од купената шунка. За да се дополни „уметничкиот доем“ за сета таа „убавина и чистота“ на детското уживање, но и за да се даде дополнителна позитивна слика за квалитетот на производот кој го рекламираа децата, сите деца, и водителката заедно со нив, беа облечени во чисти бели мантили и имаа ставено бели капи на главата. Така и гледачите можеа да си замислат колку чисто е произведена оваа храна. Чиста храна? Сирења и кашкавали со шунки и други додатоци, сокови од тетрапак со „природен вкус“?
Па, каде е овде, ви се молам, јавната свест? Каде е свеста на одговорните лица, свеста на докторите, учителите, каде е свеста на родителите и сите оние кои се одговорни за здравјето на децата, и здравјето на нацијата воопшто? Па, овде сосема отворено се работи за „навлекување“ на децата на храна која никако не може да се нарече здрава храна. Преработки од сирења и шунки? Каква храна е тоа? Би била пријатно изненадена ако за ова се изјаснат „надлежните“, мислам медицината!
Да, мене ми е сосема јасно дека целта е профитот и дека капитализмот е општество кое гази сè пред себе кога се работи за профит. Но, сега сме дваесет и први век, не можеме да се однесуваме како да сме на почетокот на минатиот век. Зарем свеста на луѓето остана некаде во деветнаесеттиот век? Не би рекла дека е така. Сепак, не можам да сфатам зошто децата не беа однесени во фабрика за производство на здрава храна, овошје и зеленчук? Зошто не можеше да се организира заедничко цедење на природни сокови од чисти македонски плодови? Знам дека многумина ќе помислат дека сум многу наивна... Не сум наивна, знам дека поентата на емисијата е да се изрекламира фабриката, за која сум многу сигурна дека добро инвестирала во таквата реклама.
Но, каде се овде правата на децата? Прво, тие безобразно се користат во реклама, а второ, се искористува нивната чистота и наивност за да се всади во нивната потсвест љубов кон нездрава храна. Таквата „љубов“, многу веројатно е дека многу деца ќе одведе во болест, која ќе го уништи квалитетот на нивниот живот понатаму. Па тогаш, каде се организациите кои се борат за заштита на детските права? Можеби и тие не се „обучени“ да ги согледуваат нападите врз децата од овој вид? Ах, можеби и тие се „финансиски условени“...?
Па добро...тогаш кому да се обратам? Се разбира, на вистинското место, на родителите! Е па родители, не седете со скрстени раце, барајте права за вашите деца. Побарајте право на вистинска едукација. Побарајте право на здрава храна, побарајте право на избор. Побарајте право вашето дете правилно и здраво да се храни во школската менза, во градинката. Вие треба да имате право на избор како вашето дете ќе се храни, дали според „единствената“ со закон усвоена менза, или онака како што вие сте убедени дека е здраво за вашето дете. Не давајте вашето дете да се искористува за ничиј профит, посебно што со тоа ќе се придонесе за погрешно едуцирање и „навлекување“ на децата на погрешна храна и погрешни животни навики. Знаете, животот е многу убав, животот е исполнет со задоволства и среќа само ако сте здрави. Затоа, не давајте да се загрози здравјето на вашите деца по никоја цена. Проговорете јавно, вие имате право на тоа! Храната е лек и лекот е храна, верувајте во ова, затоа што тоа е вистината. Тоа го знаат и многу други доктори кои сега само уплашено молчат по своите ординации и се грижат за својата егзистенција. Но, егзистенцијата на сите нас зависи од егзистенцијата од секој поединец. Тоа нема никаква врска со парите. Тоа има врска со човечката свест, чие ниво треба да го достигне секој од нас. Ако не го направиме тоа, тогаш ќе бидеме соучесници во злото да се прават лесни пари со тешки последици.
| < Пред | Следно > |
|---|







Коментари
Komentar na komentarot:
Frosina, pa istrazuvajte... Postojano istrazuvajte. Prekrasno e toa sto ne gi primate informaciite zdravo za gotovo. Taka pravev i jas i dojdov do vistinata.
Pozdrav, D-r Biban