ЦЕЛОВИТ ПОГЛЕД НА БОЛЕСТИТЕ – МАТЕРИЈАЛНО И НЕМАТЕРИЈАЛНО РАЗМИСЛУВАЊЕ НА НАШАТА ВНАТРЕШНОСТ
Напишано од Д-р Јадранка Бибан Недела, 04 Април 2010 17:29
МАТЕРИЈАЛНО РАЗМИСЛУВАЊЕ НА НАШАТА ВНАТРЕШНОСТ
Нашиот внатрешен свет е светот кој ние го перципираме како физички (тело) и нефизички (мисли и емоции). Двата дела се во заемна нераскинлива врска и нивниот дисбаланс води до „натрупување на токсините“ , што резултира со болест. Значи, и телото и духот потекнуваат од една иста работа која треба да биде во совршен баланс, што ќе резултира со здравје. Ова е чисто енергетски процес и така треба да се разгледува. Меѓутоа, бидејќи докторите, и луѓето воопшто, навикнале процесите да ги разгледуваат преку материјалните работи кои можат да ги видат со очите, да ги почувствуваат на кожата или да ги слушнат со ушите, па и да ги помирисаат со носот, еве ќе направиме „материјално“ објаснување на процесот :
кога јадеме многу рафинирана храна, како прости шеќери, бело брашно и слично, тогаш во дебелото црево изостанува процесот на стимулација, така што клетките на дебелото црево не се стимулирани да си ја вршат својата работа. Дебелото црево станува „мрзливо“ и тоа за подолго време се манифестира во „болест“ како што е дивертикулозата, полипите и карциномите.Од друга страна, вишокот на шеќери го стимулираат панкреасот да лачи повеќе инсулин, па така инсулинот не само што има функција да го складира шеќерот, туку тој ги складира и мастите. Кога капацитетот на организмот да се извршува оваа работа ќе биде надминат, тогаш шеќерот останува во крвта, и тоа се вика дијабетес. Високото ниво на шеќер во крвта е поврзано со покачено ниво на масти во крвта, па како резултат на тоа се јавува артериосклероза, а потоа болест на срцето, бубрезите, и целата циркулација воопшто.
Значи, од каде потекнува целата работа?...
Од отсуството на природни стимулатори на дебелото црево, а тоа е всушност недостаток на влакна (фибер) во рафинираната храна. Природата не дигестивниот тракт, односно дебелото црево, е таква што својата работа ја поврзува со присуството на фибер во исхраната. Доколку нема фибер, тогаш и дигестивниот тракт не функционира природно. Наместо да се врати „природата“ во функцијата на дигестивниот тракт со тоа што ќе се зголеми количеството на фибер во исхраната, многу „терапевти“ применуваат поинакви лекови кои би требало на неприроден начин да го стимулираат дебелото црево да ја исфрла содржината надвор. Тоа е неприроден начин на работа на дигестивниот тракт.
Понатаму, преголемото внесување на масти доведува до прекумерно трупање на мастите во поткожното ткиво и до појава на дебелина. Ние сме тоа што јадеме, односно каква маст се внесува со храната, таква маст се трупа во телото. Но, овде не е проблем само трупањето на маст и дебелината како резултат на тоа, туку и многу други пореметувања на личноста. Така, она што го јадеме, делува и на нашите емоции. Животинските масти кои се внесуваат со храната, не само што ја отежнуваат дигестијата, туку тие влијаат и на циркулацијата, која исто така ја отежнуваат, а со тоа ја отежнуваат и исхраната на сите други органи во организмот. Сето тоа води до физички, но и до психички проблеми, како што се лоши емоции, раздразливост. При таков начин на исхрана многу почесто се чувствува и се манифестира страв или агресивност, отсуство на способност за концентрација.
Поврзаноста на кафето и емоциите, исто така, има видливо објаснување. Имено, пиењето кафе заради добивање на енергија, односно „утринско отрезнување“ има објаснување. Кафето навистина го „отрезнува организмот“ и го подига нивото на енергија, затоа што има способност да ги стимулира натбубрежните жлезди. Но, таквата „хемиска стимулација“ брзо ги исцрпува енергетските резерви на организмот, па брзо се запаѓа во состојба на изнемоштеност и летаргија. Ваквото „силување на организмот“ е поврзано со негативни емоции на агресивност и нетолеранција.
За секој дел од организмот потребна е постојана физичка стимулација. Тоа важи и за скелетно – мускулниот систем, кој треба да биде секојдневно стимулиран со умерена физичка активност. На тој начин се зголемува циркулацијата во тие ткива и тие се способни да го извршуваат метаболизмот правилно и во целост. Ако таквата физичка стимулација изостане, тогаш мускулите ја ослабуваат својата функција, атрофираат, се чувствува слабост и малаксаност, а коските, заради пореметениот метаболизам, манифестираат коскени болести, како што е остеопорозата.
НЕМАТЕРИЈАЛНО РАЗГЛЕДУВАЊЕ НА НАШАТА ВНАТРЕШНОСТ
Секоја појава, секој феномен е форма од две нешта. Но неговата целина е нешто повеќе од целината која ја замислуваме како збир од тие две нешта. Секој феномен во себе содржи елементи на минатото и на иднината. Така треба да си ја претставиме и болеста. Зад секој симптом лежи причина, содржина, која ја користи и последната расположлива можност за да се манифестира себеси во видлива форма.
Ако погледнеме поблиску во значењето на еден симптом, одговорот ни открива еден делумен аспект од нашата сопствена шминка. Не се надворешните околности тие кои нас не прават болни. Наместо тоа, ние самите ја користиме секоја прилика да им ја предадеме на овие околности вината за нашата болест. Како пациенти, ние сме натрапникот и жртвата истовремено, константно страдајќи повеќе или помалку од нашата несвесност.
Секој оној кој научил да го слуша и да го разбира својот психосоматски јазик, ќе биде способен да открие дека секогаш ги чувствува симптомите многу повеќе во моментот кога истите ќе бидат споменати. Некој постојано има проблеми со видот, некој има постојани настинки што му доаѓаат преку глава, некој трет не може да голта затоа што чувствува дека има „препрека во грлото“, четврт не може да си ги врзува кондурите затоа што чувствува постојана укоченост, петти страда постојано од пролив па не може да си дозволи да патува некаде подалеку, шести има проблем со увото и „недослушува“, седми постојано поткашлува или ика, затоа што има проблем со дишењето... Во сите овие случаи не значи дека се работи за натрупување на токсини во телото и манифестација на разни болести и симптоми. Во многу од овие случаи се работи за физичка манифестација на „симптомите“ како резултат на нивна психичка провокација.
Има повеќе практични примери со кои се открива и се докажува психичката провокација на манифестната болест.
Алергии: високиот степен на одбранбени елементи во организмот означува високо ниво на агресивност. Многу луѓе кои страдаат од алергии имаат проблем со агресивно однесување, за кое најчесто не се свесни. Ако се погледне многу повнимателно во видот на алергенот кој е „одговорен“ за алергијата, може многу поблиску да се заклучи која сфера од животот на пациентот е таа која манифестира агресивно однесување кај него, па алергијата како болест е манифестација на агресивноста во процесот на негова одбрана во дадена ситуација.
Астма: астматичарите се луѓе кои настојуваат да земат што е можно повеќе; но, кога ќе дојде време да се врати назад тоа што го зеле, тогаш тие „ги затвораат вратите“. Тие несвесно ги земаат дури и супстанциите кои се опасни по здравјето и „себично ги затвораат истите во себеси“. Астматичарите ги користат симптомите на својата болест за да покажат сила на светот околу нив и тоа толку силно го покажуваат, дури некогаш и до степен на напад заканувачки по нивниот живот, па понекогаш завршуваат и со смрт. Главно астматичарите се луѓе кои бараат многу љубов, но истата таа љубов не би ја поклониле на друг.
Гастритис: луѓето кои страдаат од гастритис немаат капацитет свесно и отворено да се справат со ситуацијата околу себе. Некои од нив ја потиснуваат својата агресивност во себеси и тоа значи „агресивност спрема себе“.
Дијабетес: зад оваа болест лежи желбата на пациентот за „слатки работи“ и истовремено нивната неспособност да ја „складираат слаткоста“ во себеси, па остануваат со неостварена желба за љубов, како и со неспособноста да прифатат љубов и да ја зачуваат истата во себеси. Дијабетичарите се обврзани да живеат со „алтернативна храна“. Дијабетичарите посакуваат љубов и постојано ја бараат, сè додека не се убедат себеси дека ја „набавиле“ истата. И колку повеќе и подолго трае таа состојба, тие се сè подалеку од способноста да примат љубов, бидејќи тие никогаш не научиле да се сакаат дури и себеси.
Мигрена: нападот на мигрена е како форма на оргазам во главата. Исто како што крвта преку циркулацијата „навалува“ во гениталните органи, исто е и со мигрената: крвта навалува во главата, се јавува чувство на притисок, тензијата расте, и следователно на тоа, се релаксираат крвните садови за тензијата да се намали. Кај оние што страдаат од мигрена се открива конфликт меѓу инстинктите и мислите, па така тие луѓе ја „користат главата“ како поле за решавање на проблемите кои би требало да се решат на друго ниво на телото (секс, агресија и сл.)
Кожен исип: исипот на кожата е манифестација на „нешто“ на што не му било дозволено да се покаже поинаку. Кај псоријазата има процес каде кожата создава надворешни „кожни наслаги“, кои би требало да го заштитат пациентот од напади од двата правци, и од надвор и од внатре. Тој кожен „оклоп“ би требало да биде штитник од повреди и тој штитник го затвора телото за влез и излез од надвор и од внатре за сè, па вклучително и за љубовта.
Артритис: кога зглобовите ќе отечат и ќе се укочат, тоа значи дека личноста зазема ригиден став спрема нешто или спрема некого. Карактерот на артритичната личност открива тенденција на компулзивност до перфекционизам, како и способност за себежртвување и несебично помагање. Но, тие луѓе се оневозможени да го покажат таквиот став. Тие се плашат да го искажат својот алтруизам, својата несебичност, за да не ги згазат моралните норми или послушноста кон некого или кон нешто, како на пример кон законите. Таквата нивна ригидност и неспособноста да се адаптираат на ситуацијата ја потенцира агресивноста и ги прави ригидни нивните зглобови, со што се соматизира нивниот психолошки проблем.
Секоја болест или дисфункција кај човекот е индикација за специфична форма на емоционален, психолошки или духовен стрес. Многу комплициран процес е процесот на разбирање на различните видови стресови и нивната поврзаност со различните видови на болести. Симболичното анализирање не е така едноставно како што би се мислело. Луѓето се многу покомплицирани субјекти и нивната лична историја и емотивен профил се силно индивидуализирани и комплексни. Затоа едноставната симболика со која би се опишувале причините на болестите може да стане многу несоодветна во таквиот комплексен систем на поврзаност на работите, односно поврзаност на психата и телесните симптоми.
Дека не можеме да ги униформираме симптомите и болестите според која униформност би се докажувале причините на болестите кај сите луѓе на светот, доказ е и влијанието на надворешните фактори врз луѓето од различните делови во светот. Движењето на земјата е еден од тие фактори. Движењето на земјата околу нејзината оска предизвикува манифестација на ноќ и ден, што исто така има влијание врз состојбата на луѓето. Движењето на земјата околу сонцето предизвикува смена на годишните времиња. И тоа има силно влијание врз човечкиот организам. Во медицината промените на здравјето на човекот, односно појавата на болестите во зависност од годишните времиња, се нарекува „сезонски болести“ кај луѓето. Така, гриповите се јавуваат сезонски, сипаниците кај децата исто така, како и многу други незаразни болести, како што се болести на срце, неврози и сл., кои исто така имаат сезонски карактер. Како што универзумот се менува постојано, така се менуваме и ние, бидејќи ние сме универзумот. Ако сакаме да останеме постојано здрави, потребно е постојано да се адаптираме на промените. Можеби во реалноста, која ја перципираме со нашите пет сетила, не изгледа дека секоја појава поврзана со нас е под наша целосна контрола, но сепак, мора да се прифати фактот дека нашата судбина е премногу предодредена од нас самите, од нашите постапки и од нашите мисли.
Она што ние го правиме секој ден, покажува точно кои сме ние и кави личности сме. Нашите постапки се одраз на нашата свесност, како што нашата енергија е одраз на нашата физичка способност. Човекот треба да ги следи правилните животни навики, оние кои ќе придонесат за мир и чистота на телото и на духот. Физичката чистота бара соодветна исхрана, како што е свеж и лесно обработен зеленчук и овошје, чист воздух и чиста вода, умерени вежби.
Чистотата на умот бара искреност, чесност, хуманост, ненасилство, пријателство, сочувство. Емоциите на лутина, агресивност, лакомост, страв и слично, се емоции кои ја нарушуваат и психичката и физичката рамнотежа.
| < Пред | Следно > |
|---|







Коментари