УЛИЧНАТА ПУМПА ВО ЛОНДОН
Напишано од Д-р спец. Јадранка Бибан Сабота, 28 Август 2010 17:39
Во фебруарскиот број на списанието „Кемикал ресрч ин токсиколоџи“ („Chemical Research in Toxicology“), 2010 година, беа објавени резултатите од истражувачката студија за „Ризиците од бакарот и железото по здравјето на луѓето за време на стареењето“.
Според резулатите од студијата, болестите кои се јавуваат во текот на страеењето на луѓето, како што се Алцхајмеровата болест и другите дегенеративни заболувања, артериосклерозата, дијабетес мелитус и други, може да се предизвикаат со влијанието на железото и бакарот од месото. Студијата покажала дека оние кои имаат поголем внес на бакар со храната, се всушност луѓето кои имаат застапено поголеми количини на месо во исхраната, и воопшто, тоа биле поголеми консументи на мрсна храна. Губењето на мозочната функција кај овие луѓе била во корелација со поголемиот внес на овие два минерали со исхраната, кои предизвикале поголеми и побројни оксидативни процеси во организмот. Авторите на студијата, исто така, препорачуваат да се избегнуваат и сите мултивитамински и мултиминерални таблети кои содржат бакар и железо.Месото од секаков вид треба максимално да се избегнува, затоа што тоа е многу богато со овие два минерали. Општо е познато дека месото е голем извор на железо. Џигерот и некоја од морската храна изобилуваат во бакар.
Би требало да се избегнува дури и пиење на вода со големо количество на бакар.
Ова се главно препораките од авторите кои ја работеле оваа студија.
Според мене, читањето на студиските извештаи мора да е многу аналитично и прецизно. Можеби треба да ги разгледаме значењата на овие два елемента и да видиме зошто тие би биле опасни по здравјето на луѓето. Со детална анализа можеме да заклучиме дека можеби, општоземено, не е во прашање внесот на минералите во организмот, затоа што тие се микронутритиенти кои се неопходни за нормално функционирање на организмот, туку би требало да се разгледа начинот на кој тие се внесуваат.
Бакарот и железото се неопходни за животот. Но, како и да е, ако тие се во преголеми количини, го загрозуваат здравјето. Авторот на објавената студија, Бревер, укажува дека истражувањата кои се направени од страна на Валдман и Ламб и објавени во книгата „Смрт од хамбургер“, покажаа дека Алцхајмеровата болест скоро и да не била позната стотина години наназад. Оваа болест е многу ретка дури и денес во одредени подрачја на светот, како што се Африка и Индија. Според Валдман и Ламб, болеста се должи на дејството на некој инфект кој се наоѓа во месото, а кој е поврзан или ист со оној кој предизвикува кравјо лудило. Бревер пак наведува дека бакарот и железото од месото се причина за Алцхајмеровата болест. И други метали од други видови храна, како што е алуминиумот, се верува дека се причина за појава на Алцхајмеровата болест.
Како и да е, Алцхајмеровата болест има многу поврзаност со таканаречениот „западњачки“ начин на исхрана, кој е преоптоварен со калории и масти. Бревер оди до таму што и дијабетесот, артериосклерозата и други хронични болести ги поврзува со таканаречената минерална интоксикација. Сепак, овде има многу неразјаснети работи...
Но, да се запрашаме: дали е толку многу неопходно сето тоа да се разгледува во детали, за да се донесе правовремена и исправна одлука: да се исфрли нездравиот начин на исхрана? Така ќе го заштедиме здравјето многу повеќе и многу побрзо и нема да чекаме да се истражува толку многу за да се дознае она што е толку многу очигледно. Можеби со овој мој став нема да се сложат многумина, повторувајќи постојано дека месото е многу важно за здравјето на луѓето, став кој морам да кажам дека нема никаква научна основа, за што зборуваат милионите случаи каде цели популации, кои не консумираат месо и животинска храна воопшто, се далеку поздрави луѓе, за разлика од оние кои консумираат.
Зошто тврдам дека не мора да се чека толку многу на официјалната наука? Еве еден пример кој ќе покаже дека некогаш донесеното решение е многу важно да биде навремено:
Во 1831 година, колерата го нападнала Лондон. Во тоа време се верувало дека болеста настанува како резултат на дејството на некои пареи од атмосферата. Во Англија, во периодот до 1854 година, четири епидемии на колера однесле повеќе илјади животи, сè додека анестезиологот др. Џон Сноу не ја разрешил мистеријата. Имено, др. Сноу забележал дека колерата се јавува главно кај оние луѓе кои водата за пиење ја полнеле од една улична пумпа. Исто така, тој забележал дека од 530 затвореници од затворот од соседната улица, само пет од нив заболеле од колера. Тие не користеле вода од јавната пумпа, туку имале свој сопствен водовод. Исто така, ниту еден од 70-те работници кои работеле на улицата со проблематичната пумпа не заболеле од колера, заради тоа што имале бесплатно пиво, па така не пиеле вода. Така, уличната пумпа била обвинета за појава на колера и со нејзино затворање и исфрлање од употреба, колерата престанала да се шири.
Дури 30 години подоцна бил откриен бактерискиот причинител на колерата, „вибрио колере“. Тоа што во времето на др. Сноу, „вибрио колере“ сè уште не бил откриен, не било причина пумпата да не се затвори за употреба и да не се спасат илјадници животи. Пораката која се испраќа од овој случај е таа, што дури и кога не се идентификува и толку прецизно посочи причинителот, важно е да се размислува најдобро што сè може да се направи за да се заштити човечкото здравје. Секој може да ја препознае аналогијата: уличната пумпа од тогашен Лондон е сегашната нездрава, „западњачка“ храна. Затоа, дури и кога науката доцни со идентификација на специфичните причинители на хроничните тешки заболувања, едно е сосема јасно: таквиот вид на храна е извор и причина за заболувањата. Луѓето кои престанале да пијат вода од лондонската улична пумпа, воопшто немале претстава дека една бактерија е причина за нивната болест. Ние немаме толкава потреба да знаеме која компонента од месото, млекото, рибата и слично е причина за некоја од болестите како што се срцевите болести, дијабетесот, карциномите, мултиплекс склероза, Алцхајмерова болест и слично. Сепак, сосема доволно знаеме за тоа дека таквата храна треба да се избегнува и да се насочиме кон побезбеден начин на исхрана, јадејќи растителна, скробна храна.| < Пред | Следно > |
|---|






