ИСТРАЖУВАЊА И АНАЛИЗА - АПЕРИТИВИТЕ И СЛАБЕЕЊЕТО
Напишано од Д-р спец. Јадранка Бибан Сабота, 28 Август 2010 17:44
Според истражувањето кое било направено и објавено во журналот Апетит (Appetite) во април 2009 година, од страна на др. Џули Е. (Julie E. Flood-Obbagy), во врска со ефектот на аперитивите кои се земаат во различни форми пред главните оброци (главно овошја или салати од зеленчук), се истакнува дека ако се јаде овошје пред главниот оброк, како што е ручек или вечера, ќе се намали внесот на калории. Инаку, целото овошје, како што е на пример, целото јаболко, многу подобро „делува“ во намалување на внесот на калории, за разлика од сосот од јаболко, или сокот од јаболко. Кога испитаниците, кои учествувале во ова истражување, јаделе парчиња од јаболко пред ручекот, тие многу помалку внесувале калории во вкупниот ручек (јаболкото и главното јадење), односно за цели 187 калории помалку, отколку кога не јаделе јаболко.
Изразот аперитив вообичаено значи појачувач на апетитот и се консумира пред главното јадење. Сепак, оваа студија го покажува неговиот спротивен ефект. Каде е вистината? Здравиот аперитив, како што се овошјето и зеленчукот, всушност го намалуваат апетитот, а не го зголемуваат, како што вообичаено се мисли. На тој начин се намалува количеството на храна кое ќе се консумира во главниот оброк. Ваков ефект се постигнува кога пред оброкот најпрво се консумира супа и салата. Истражувањата покажаа дека ако пред главното јадење се консумира ниско калорична супа (погледнете ги рецептите на 8-КА), последователно се намалува внесот на калории со главното јадење за околу 20%. Супата во овој случај треба да е подготвена од брокула, компир, карфиол, морков.
Салатата, исто така, ќе го намали апетитот. Но, треба да се напомне дека само салатата која се консумира подготвена од свеж зеленчук и без дополнителни додатоци од сирење, преливи и слично, го дава ефектот на намалување на внес на калории за околу 12%. Ако салатата е подготвена со додатоци од млечни производи, како на пример сирење, кашкавал, преливи од јогурт и слично, тогаш се зголемува внесот на калории за 17%. Салатата треба да е подготвена од листови зелена салата, брокула, морков, домати, целер, ѓумбир.
Овие податоци можат да ви помогнат да научите како да внесувате многу помалку калории, без да го загрозите вашето здравје или да осетите глад. Но, тоа е начин на исхрана каде можете храната да ја консумирате слободно и неограничено, без да ги броите калориите. Колку и да изедете, никогаш нема да го оптоварите вашиот метаболизам со непотребни и неефикасни калории. Истовремено ќе го забрзате процесот на намалување на вишокот килограми, со истовремено подобрување на здравствената состојба.
| < Пред | Следно > |
|---|







Коментари