НАШИТЕ НЕОПХОДНИ МАСТИ
Напишано од Д-р спец. Јадранка Бибан Петок, 25 Февруари 2011 19:03
Во неколку наврати досега, кога пишував за потребата од јадење на мрсна храна, односно кога напомнував дека мастите треба да се сведени на минимум во исхраната на луѓето, добивав повеќе реакции од читателите дека можеби треба да го преиспитам моето сфаќање за мастите, бидејќи тие се неопходни за нормално функционирање на организмот.
Да, јас се сложувам со тоа дека мастите се неопходни за функционирање на организмот, впрочем, токму и затоа што човечкиот организам не е растение, туку организам кој и самиот создава масти, од типот на холестерол, на пример, без кој многу функции во организмот би биле оневозможени.
Всушност, човечкото тело синтетизира повеќе видови масти, кои си имаат своја намена во одвивањето на метаболитичките процеси.
Точен е и фактот дека во одредени видови храна постојат масти кои, исто така, се неопходни за функционирање на организмот, а тие масти, организмот нема способност да ги создава. Тие се познатите есенцијални масни киселини. Нивните имиња – линолеична и линоленична киселина – не се толку многу важни. Она што е важно е тоа што овие масни киселини се користат за да се изградат важни состојки во клетката, наречени омега – 3 и омега – 6 масна киселина. Овие масни киселини овозможуваат бројни процеси во организмот и нивниот недостаток може да даде сериозни последици по здравјето . . .
Така, може да се јават абнормалности во функционирањето на црниот дроб и бубрезите, да се јават промени во крвта, да се поремети процесот на растење кај децата, да се загрози функционирањето на имунолошкиот систем, да се појави депресија, промени на кожата и сл. Адекватното количество на овие есенцијални масни киселини води до бројни бенефиции, како на пример, заштита од артериосклероза на крвните садови, а со тоа се намалува ризикот од срцеви и мозочни удари, се намалуваат симптомите, односно тегобите кај болните од улцеративен колитис, како и тоа дека се намалуваат болките при постоење на болести на зглобовите.
Овие неопходно важни масни киселини, може да се обезбедат со јадење на здрава храна. На пример, омега – 6 мастите се содржат во лиснатиот зеленчук, семињата, јатките. Омега – 3 мастите ги има во гравот, јатките, семките и некои овошни плодови. Лененото семе и ладно цеденото масло од ленено семе се добар извор на омега – 3 мастите. Едно лажиче мелено ленено семе или една лажица ладно цедено ленено масло се доволни да ги задоволат потребите на организмот за алфа-линоленична киселина. За да се избегне оксидативно оштетување на маслото или на меленото ленено семе, тие треба да се чуваат во фрижидер. Меленото ленено семе треба да се користи во секојдневните оброци, така што ќе се посипува одозгора врз јадењето, или како додаток во сосови и печени компири. Значи, лененото семе треба секогаш да го користите мелено (во мелница за кафе). Може да се сомеле поголема количина и да се чува во фрижидер.
Ладно цеденото масло од ленено семе се користи како лек во текот на лекување на некои болести. Маслото притоа не смее да се загрева, односно со него храната не треба да се обработува термички, туку да се консумира ладно. Високите температури можат да доведат до оштетување на омега – 3.
Адекватните количини на масни киселини се особено важни во периодот на бременост и доење. Дури и некои студиски испитувања покажаа дека кај бремена жена се потребни малку поголеми количини на масни киселини, заради потребата од формирање на феталните ткива, како што е феталниот мозок и феталниот раст воопшто. Есенцијалните масти, исто така, понатаму се потребни за новороденото, односно после неговото раѓање, бидејќи тие играат голема улога во правилниот раст и развиток и правилното функционирање на ткивата. Новороденото обезбедува есенцијални масти преку мајчиното млеко, па затоа е многу важно мајката да консумира со храната доволни количини омега – 3 масни киселини.
Повеќето луѓе знаат дека рибите имаат доста големи количини на омега – 3 масни киселини. Но, никогаш не треба да се испушти од вид дека рибите, покрај тоа, содржат и големи количини на холестерол кој е штетен за организмот. Рибите, исто така, не содржат фибер, кој е неопходен за добро функционирање на имунолошкиот систем на организмот. Ако ги споменеме уште и токсините од околината, кои доста добро се акумулираат во рибиното месо, тогаш може да се согледа дека рибата како храна е многу повеќе штетна, отколку корисна. Овие податоци не се за прв пат изнесени во 8-КА, но сепак, мислам дека е неопходно почесто да се споменуваат заради фактот што луѓето многу тешко можат да ја согледаат таквата работа, бидејќи постојано насекаде, преку медиумите, преку докторите, нутриционистите и сл., рибата се посочува како исклучително здрава храна. Рибиното масло се посочува, и буквално се популаризира како лек за сè, почнувајќи од лек за срцеви болести, па до лек за артритис. Но, лошата вест во врска со тоа е фактот што омега – 3 масната киселина од рибиното масло е многу нестабилна како молекула, и е со тенденција да се разгради преку процес на оксидација, кој резултира со ослободување на слободни радикали. Истражувањата покажаа дека омега – 3 е многу постабилна како молекула во растителните производи.
Затоа, ако навистина сте заинтересирани да изнајдете вистински извор на есенцијални масни киселини, ако сакате да го подобрите здравјето на срцето, да се ослободите од болката во зглобовите, да обезбедите добар и соодветен раст и развиток на децата, тогаш одберете вегетаријанска храна, одберете зеленчук, јатки, семиња, овошје.
Мислам дека сега на многу читатели им стана многу појасен мојот став за корисноста, односно штетноста на мастите во храната. Впрочем, вегетаријанската храна не е храна во која мастите отсуствуваат, па така, оние кои се хранат вегетаријански, не треба да мислат дека јадат немрсна храна. И тие луѓе внесуваат масти со исхраната, но тие масти се во склад со природниот состав на плодовите и тоа е многу важен момент за тоа како ќе се одрази нивното влијание врз здравјето на луѓето.
| < Пред | Следно > |
|---|









Коментари
поздрав
Овој линк е во врска со ГМО со еден од најголемите борци во Србија против ГМО http://www.youtube.com/watch?v=9HrMmKNPvuw&feature=related погледнете какви работи се прават зад нашиот грб