НАПОРНА НЕИЗВЕСНОСТ НАРЕЧЕНА ПРЕВЕНТИВА
Напишано од Д-р спец. Јадранка Бибан Среда, 16 Март 2011 19:09
Зборот превентива особено како израз во медицината, за мене претставува убав, пријателски збор, затоа што значи спречување на некаква појава која не ни се допаѓа односно спречување на болест. Но колку повеќе ги анализирам постапките на „превентивата“ која во последно време се нуди во медицината, толку повеќе станувам посвесна дека зборот превентива е далеку од неговото вистинско значење и се повеќе се употребува со цел да се постигне нешто кое најмалку значи спречување на болеста а многу повеќе значи создавање на заблуда меѓу луѓето. Но покрај тоа што се создава заблуда меѓу луѓето, многу повеќе се создава состојба на страв, која заедно со заблудата кај човекот е сосема добра подлога, не за да се спречи, туку за да се предизвика болеста . . .
Значи, може да се каже, дека многу форми кои се нудат како превентива се всушност начини за поттикнување на болеста.
Во последно време луѓето а особено жените, се многу преплашени од појавата на таканаречениот ХПВ вирус, односно Хуман Папилома Вирус, за кој современата медицина претпоставува дека е одговорен за појавата на карцином на грлото на матката. Но внимавајте: Современта Медицина ПРЕТПОСТАВУВА дека тој вирус е одговорорен за појава на карцином... Се разбира дека тие претпоставки се темелат на некои научни истражувања, но како и да е, сеуште науката со сигурност не може да покаже дека ХПВ вирусот ПРЕДИЗВИКУВА карцином на грлото на матката. Тој вирус може многу често да се најде во карциномските ткива или пак во ткивата уште пред да се појави карциномот, но сепак, постојат случаи на појава на карцином на грлото на матката, каде ХПВ вирусот воопшто го нема... Дури, во најновите истражувања кои се направени од страна на светски познати вирусолози, размислувањата одат во сосема спротивна насока во однос на улогата на вирусите воопшто, односно се повеќе се докажува една друга улога на вирусите во појавата на болестите која не се поврзува со нивната наводна „вина за појава на болестите“. Тоа е добра основа за преиспитување на науката досега. Но, по се изгледа, закоравените мислења на некои стручњаци не дозволуваат ни најмала свежина во науката.
На еден собир на гинеколози кој беше одржан на тема вакцините против ХПВ вируси како превенција на карцином на грлото на матката, учествував и јас за да ги видам вистинските ставови на стручната медицинска јавност кај нас, во однос на ова прашање. Но не слушнав ништо ново, само старите теории за опасноста од ХПВ вирусите и ефикасноста на вакцината против истите, со што наводно би се превенирал карциномот на грлото на матката. На крајот на излагањата, кои беа изнесени од професори од Медицинскиот Факултет во Скопје, ние присутните бевме поканети на прашања и дискусија околу оваа тема. Јас се разбира одвај дочекав таква прилика за дискусија со највисоките стручни лица на оваа тема кај нас и прашав, дали овој нивни пристап кон ХПВ вирусите значи и нивна потврда дека карциномот на грлото на матката е инфективна болест? Настана буквално штама во целата сала која беше исполнета до последното место а имаше околу 250 посетители. Тогаш, од професорот - предавач го добив веќе познатиот одговор: „ХПВ вирусите се обвинуваат за појава на карцином на грлото на матката...“
„Но тоа повторно ништо не значи“ – коментирав јас – „бидејќи јас ве прашав нешто сосема друго. Имено, ако вирусот предизвикува карцином на грлото на матката, логично е дека карциномот на грлото на матката е инфективна болест, зарем не?“
„Па не е инфективна болест“ – одговори професорот.
„Па тогаш нема логика сето ова со ХПВ вирусите“ – му реков.
Е тогаш професорот гадно се изнервира. Почна нервозно да објаснува дека ТОА Е ТАКА КАКО ШТО Е, И ГОТОВО!!!
„На крајот на краиштата“, - рече „јас не сум овде да одговарам на некакви си трик прашања подготвени однапред“.
На какви трик прашања мислеше професорот навистина не знам. Јас поставив само едно исклучително логично прашање и ништо повеќе. Тоа што тој не можеше да го одговори истото, се случи затоа што основата на неговото размислување е погрешна. Всушност тоа не ни беше негово размислување, затоа што тој не ни пробал да направи негово сопствено размислување. Тој го претставуваше само размислувањето на претпоставените теории од минатото и на некои други испитувања чии резултати се сервираат на тацна. Професорот само слепо ги прифатил овие теории без никакво сопствено размислување, па сега такви какви што се само ги пренесува понатаму. Зошто повеќето од професорите не сакаат да размислуваат самите, не сакаат да истражуваат, ако треба да се спротивстават или пак можеби и да прифатат некоја теорија или тврдење но сепак предходно и самите да ја осознаат...? Наместо и самите да истражуваат, тие само слепо ги прифаќаат фактите кои некој ги нарекол научни...
Токму затоа, вакцина за „заштита“ од ХПВ вирусите е сосема нелогична. А за тоа колку е корисна или штетна, пишував во еден од предходните мои текстови. Но во целава оваа работа постои и уште една нелогична постапка која се вика „превенција“. Имено, жените одат на прегледи на грлото на матката каде преку ПАП тестот се откриваат некои ткивни пореметувања, но се откриваат и таканаречените дисплазии ЦИН 1, ЦИН 2 ЦИН 3... како состојби кои „навестуваат“ карцином, или тоа се таканаречени предкарциномски состојби...?
Кога кај жената ќе се открие на пример ЦИН 1 или ЦИН 2 се прават и некои дополнителни испитувања за да се види дали има ХПВ вирус. Е сега, ако има ХПВ вирус, тој се идентификува по број и агресивност и на пример ако е состојбата ЦИН 1 на жената и се препорачува да дојде многу брзо на друга контрола, за да се види дали сега состојбата напреднала односно дали прогредирала во ЦИН 2 или ЦИН 3. Е тоа се викало превентива. Па каква превентива е таа? Тоа е само напорно, неизвесно, агонично исчекување. Добро, на некои жени и во овој стадиум им се препорачува да направат оперативна интервенција на грлото на матката, со која јас навистина не сфаќам како би се уништил вирусот - виновник.
Како и да е, најголемиот процент на жени не добиваат никаква препорака за преземање вистински заштитни мерки за тоа време на „превентивно исчекување“, туку само едноставно, исчекување. Сепак, на некои им се советува да го „подигнат имунитетот“ и толку, небаре имунитетот е некоја торба која треба да се подигне од подот и да се стави на повисоко место. Но како поинаку да и објасни докторот на пациентката за тоа како да го подигне имунитетот кога и тој самиот појма нема што е имунитет. Оп, се извинувам, можеби некој од докторите знае што е имунитет, но сепак...како да го објасни тоа кога можеби неговото сфаќање и претстава за имунитет не се совпаѓа со „официјалната наука“?
Разберете, не сакам воопшто да бидам саркастична, но целата оваа работа наликува на вистински театар. Кога еднаш ќе се спуштат завесите на ваквиот театар, ќе почнат да се отвараат капаците на очите. И тогаш...ДОБРЕДОЈДОВТЕ ВО РЕАЛНИОТ СВЕТ!
| < Пред | Следно > |
|---|








