Младите треба правилно да ги насочиме!
Понеделник, 30 Јуни 2008 19:00
ДЕЈАН МАРИНКОВИЌ, СЕЛЕКТОРОТ НА НАШАТА ТЕНИСКА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА И ПРВИОТ ТРЕНЕР НА „ТК ЈУГ“ ЗАДОВОЛЕН ОД ЗАИНТЕРЕСИРАНОСТА НА ЛУЃЕТО ДА СЕ ЗАНИМАВААТ СО СПОРТ
- Ниту едно дете не е вратено одовде, на сите им се дава можност да пробаат да играат тенис.
- На тениските натпревари не е дозволено префрлање со зборови, фрлање на рекетот, и поради овие работи, кои ги применуваме и ние на нашите тренинзи, на децата им се зголемува чувството за култура на однесувањето.Дејан Маринковиќ, селекторот на нашата репрезентација во тенис и првиот тренер на „ТК Југ“, по долгогодишното искуство како спортски работник во земјава ни даде интересна слика за тоа како го гледаат луѓето тенисот кај нас. Одѕивот на помладите да се занимаваат со спорт е голем и треба да го искористиме и правилно да ги насочиме да се развиваат.
8-ка: Колку време работите како тренер во „ТК Југ“ и колкав е одѕивот на младите да се занимаваат со овој спорт?
- Во „ТК Југ“ сум веќе 9 години и можам да кажам дека во последно време заинтересираноста на младите да се занимаваат со овој спорт е доста голема. Постојано се случува да дојдат родители и да им овозможат на своите деца да се занимаваат со тенис. Дали ќе продолжат да се занимаваат рекреативно или натпреварувачки, останува нивна желба. Ниту едно дете не е вратено одовде, на сите им се дава можност да пробаат да играат тенис, без разлика дали им е препорачано или, пак, имаат поголеми амбиции.
8-ка: Колку е корисно да се занимаваат младите со овој спорт?
- Можам слободно да кажам дека со овој спорт може да се занимаваат луѓе од 7 до 77. Иако претставува тежок ако станува збор за професионално играње, сепак, како рекреација е доста интересен и забавен. Кај професионалците напорот е поголем бидејќи, пред с#, се игра на отворено, во поголем број случаи и најчесто, најголемите натпревари се во делот од денот кога е најтопло, па дури и во летниот период. Кај нас е многу топло, но секој професионалец мора да го издржи напорот да игра на јако сонце. Потоа секој мора да ги помине лекарските прегледи за да имаме увид дали е способен секој тенисер да го издржи тој напор. Професионалците мора да внимаваат и на исхраната, не смеат да си дозволат да јадат обилно пред почетокот на натпреварот, а храната што може да ја консумираат тогаш мора да биде лесна - салати, тестенини и сл.
8-ка: Колку категории има кај помладите што сакаат да играат тенис?
- Кај нас има отворено три категории, кои не влегуваат во класичната поделба кај децата за натпреварување. Тоа се тениска градинка (4-6 год.), мини тенис центар (6-8 год.) и тенис –кола. која е наменета за децата од 8 до 10 - годишна возраст. Кај првите две категории децата повеќе ги учат движењата во тенисот, додека во последната повеќе навлегуваат во тенисот. Идејата за ваквото формирање категории за деца беше од страна на Слободан Бачварски и денес добро функционира. Покрај овие три категории постои и тениска рекреативна школа, која е намената за децата што немаат амбиции да се занимаваат професионално или, пак, имаат препорака да се занимаваат со спорт поради нивни правилен развој. Интересно е што овој спорт е на едно високо ниво. Секое дете може да стекне дисциплина и култура на однесувањето. На тениските натпревари не е дозволено префрлање со зборови, фрлање на рекетот и поради овие работи, кои ги применуваме и ние на нашите тренинзи, на децата им се зголемува чувството за култура на однесувањето.
8-ка: Што е потребно за рекреативно играње тенис?
- Доколку некој сака рекреативно да игра тенис, нема голема потреба од финансии бидејќи денес опремата за нив не е скапа. За професионалците е поинаку, за нив треба многу да се вложува.
8-ка: Од кога се занимавате со тенис, како играч и како тренер?
- Во тенисот сум од мојата седма година. Мојот прв клуб е „Раднички - Ниш“ за кого и настапував како јуниорски репрезентативец на тогашна СФРЈ. Во периодот од 1991 до 1995 бев во Хановер, Германија, каде што бев и играч и тренер. Потоа се вратив во Ниш, а по една година дојдов во Скопје.
| < Пред | Следно > |
|---|






