Само храбрите гласно говорат за вистината
Понеделник, 30 Јуни 2008 19:00
НАУКАТА РЕШИ ДА СЕ ОСЛОБОДИ СЕБЕСИ
(Текстот е пишуван според размислувањата на д-р Ноам Мор, физичар)
Ноам Мор (Ноам Мохр) е физичар, кој дипломирал на Универзитетот во Јејл. Како експерт, има работено на многу кампањи во Америка на полето на глобалното затоплување, публицирал неколку извештаи за глобалното затоплување и енергетско-економските стандарди, како: „Флерт со катастрофата“, „Пумпање на цените“, „Заканувачки удар“. Тој работи и како експерт за законодавство при „Хумано општество на САД“.
Глобалното затоплување се постави како многу сериозен и заканувачки опасен проблем на животната средина, со кој се среќава човечката историја. Но фокусирајќи се исклучиво на емисијата на јаглендиоксидот како загадувачки гас, многу организации што се занимаваат со заштита на животната средина бележат краен неуспех во обидите за справување со глобалното затоплување. Така, најголемиот број од нив го запоставуваат она што може да биде клучен елемент во справувањето со овој проблем, а тоа е можноста да се спречи глобалното затоплување и да се обноват нормалните климатски услови на Земјата и тоа за време на живеењето на нашите генерации, преку залагање за вегетаријанството.
ГЛОБАЛНОТО ЗАТОПЛУВАЊЕ И ЈАГЛЕН ДИОКСИДОТ
Животната средина глобалното затоплување го гледа како најголема закана за опстанокот на Земјата. Глобалната температура е повисока отколку досега, барем во периодот на последниот милениум, и има тенденција да расте со брзина многу поголема отколку што предвидуваат научниците. Очекувани последици од ова се честите поплави, растењето на температурата, ширењето на тешките болести, масовното изумирање на видовите...
За жал, експертите што се справуваат со ова секогаш се фокусирани на емисијата на јаглен диоксидот. Постојано се посочува потребата од намалување на емисијата на јаглен диоксидот во атмосферата преку намалено користење на автомобилите и на авионскиот превоз, а истовремено се трага по пронаоѓање алтернативни горива. Но ова не е најадекватен начин на борба со проблемот. Тоа е лоша проценка на состојбата. Според податоците што ги публикуваа д-р Џејмс Хенсен и многу други, јаглен диоксидот не е главна причина за затоплување на атмосферата. Иако може да звучи многу скептично, сепак не е така. Хенсен е директор на Институтот за вселенски студии на НАСА и е наречен „Дедо на теоријата за глобално затоплување“. Тој е долгогодишен поддржувач на борбата против глобалното затоплување, цитиран е од многу организации кои се вклучени во таа борба и еден од оние што се борат секогаш со аргументи против уривателите на научните сознанија. Неговите резултати се општо прифатени од експертите за глобалното затоплување, меѓу кои видни научници што работат во областа на глобалното затоплување.
Точно е тоа дека начинот на кој живееме создава големо количество јаглен диоксид, многу повеќе од другите гасови заедно, кои се исто така одговорни за ефектот на стаклената градина, но тоа не значи дека треба постојано да го обвинуваат за главен загадувач на воздухот. Многу други гасови се поголеми загадувачи на воздухот, некои од нив дури и по десет и повеќе пати се појаки од јаглен диоксидот. Глобалното затоплување и состојбата поради него може да се влоши во следните сто години и тоа поради дејството на другите гасови, многу повеќе отколку поради дејството на јаглен диоксидот.
Дури и со претераниот ефект на СО2, бидејќи примарни извори на СО2 се автомобилите и електроцентралите, сепак се создаваат аеросоли. Аеросолите имаат ефек на разладување на глобалната температура и токму таквиот разладувачки ефект го урамнотежува ефектот на затоплување од СО2. Изненадувачкиот ефект од сево ова е фактот што изворите на СО2, всушност, немаат никаков ефект врз глобалната температура.
Но овие податоци не се многу познати во јавноста поради стравот дека загадувачките индустрии тоа ќе го користат како изговор за нивната невиност во загадувањето на воздухот со гасови. И научниците се согласија дека постои опасност од злоупотреба на ваквите научни сознанија и таквата злоупотреба нема да може да се оправда.
Но и покрај тоа, намалувањето на емисијата на СО2 е многу важен елемент во решавањето на проблемот со глобалното затоплување затоа што аеросолите имаат краток век на живеење, и тие исчезнуваат од воздухот за неколку месеци, додека СО2 може да се задржи со декади, па и со векови. Ако не престанеме со големата емисија на СО2 денес, може да биде многу доцна да се вратиме на вистинскиот пат бидејќи длабоко ќе се заплеткаме во нерешливиот проблем.
Но останува фактот дека изворите на другите гасови, кои не се СО2 а кои се поврзуваат со ефектот на стаклената градина, се гасови што може да изиграат клучна улога во појавата на глобалното затоплување за следните педесетина години. Затоа, ако сакаме да се справиме со феноменот на глобалното затоплување до половината на овој век, треба многу повеќе да се фокусираме на другите гасови. Стратегијата што може да биде пресудна во таа борба е вегетаријанството.
МЕТАНОТ И ВЕГЕТАРИЈАНСТВОТО
Метанот е најважниот не-СО2 гас, кој е одговорен за ефектот на стаклената градина, а се создава најмногу преку одгледувањето на добитокот.
Одговорноста на метанот е голема колку што е голема одговорноста на сите други не-СО2 гасови заедно, за појавата на глобалното затоплување. Метанот е 23 пати појак гас во создавањето на ефектот на стаклената градина отколку СО2. Ако порасна атмосферската концентрација на СО2 за 31% од времето на прединдустрискиот период, тогаш концентрацијата на метан порасна за 100%. Ако се одговорни човечките извори за растењето на концентрацијата на СО2 за 3% од неговата природна емисија, тогаш човечките извори создаваат 1,5 пати повеќе метан отколку природните извори на метан. Одгледувањето на добитокот како стопанска гранка продуцира околу 100 милиони тони метан годишно. Оваа стопанска гранка како извор на метан секоја година бележи сè поголем пораст, како резултат на сè почестата навика на луѓето да јадат месо. Имено, косумацијата на месо во последните 50 години е зголемена за петпати, покажувајќи во последно време само мал процент на опаѓање. Околу 85% од метанот се создава во дигестивниот тракт на добитокот и додека една крава ослободува само малку метан, колективниот ефект од стотици и милиони крави и друг добиток во целиот свет, е огромен. Преостанатите 15% од метанот се ослободуваат од големите депонии каде што се складира отпадот од фармите, што истовремено претставува примарен извор на загадување на водата за пиење.
Заклучокот е многу едноставен: ако сакаме на најбрз и најефикасен начин да го стопираме глобалното затоплување за време на животот и постоењето на нашите генерации, треба да се намали или да се елиминира консумирањето месо. Хранејќи се вегетаријански, можеме да го намалиме и да го стопираме загадувањето на атмосферата со метан, кој е најмалку половина одговорен за појавата на стаклената градина и глобалното затоплување.
ПРЕДНОСТИТЕ НА ВЕГЕТАРИЈАНСТВОТО НАД РЕДУКЦИЈАТА НА СО2
Освен што светот веднаш ќе ги види резултатите во борбата со глобалното затоплување, предноста на вегетаријанството има и други предности за целото човештво.
Како прво, метанот може да се намали одеднаш во голем процент, без да има какви било последици за начинот на живеењето на луѓето. За разлика од него, намалувањето на емисијата на СО2, како прво, не е можно да се направи во толку голем процент поради последиците врз стандардот на луѓето и на економијата воопшто. Затоа, кога се оди примарно на намалување на емисијата на СО2 како гас, може да се направи само многу малку затоа што потребите на луѓето за живеење се тесно поврзани со стопанството, додека со поминување на вегетаријанство или барем со намалување на консумирањето месо, веднаш може да се елиминира половина од загадувачките гасови на атмосферата и брзо да се почувствува ефектот од подобрување на климата.
Второ, приспособувањето на новиот начин на исхрана, како што е намаленото консумирање месо, може да се направи многу брзо, а не да се чека и да се бараат нови алтернативни горива и извори на енергија, за што треба време и научни истражувања. Потрагата по нови извори на енергија одзема години и декади, можеби и повеќе, а за сето тоа се потребни нова инфраструктура и целосен пресврт во економијата.
Од друга страна, ако останува СО2 во атмосферата со децении, тогаш метанот се прочистува само за осум години, па затоа неговото намалено испуштање во атмосферата ќе резултира со брзи и ефикасни резултати на ладење на земјата.
Трето, битката за намалена емисија на СО2 е многу тешка затоа што се судира со крупни бизнис-интереси, особено во автомобилската индустрија. Лоби-групите и организациите кои со години упорно се борат за намалување на емисијата на СО2 како штетен гас и одговорен за климатските промени, често се немоќни пред силните бизнис-компании, кои практично ја диктираат целата економија во светот и кои се помогнати со постојните општествени односи и моќниот процес на глобализацијата. Затоа, ако бара борбата со нив време и стратегија што ќе мора да го опфати целиот свет во глобала и да дејствува во насока на промена на општествените системи воопшто, тогаш, навиките за исхрана на луѓето можат да бидат нивна лична одлука и лично право, што ќе придонесе за спас на животната средина.
Организациите што се борат активно против причините за глобалното затоплување треба да создадат програми за дејствување во насока на препорачување и советување начин на исхрана на луѓето, кој е блиску до вегетаријанскиот или е вегетаријански. Или како минимална активност што треба да ја направат е да го споменат вегетаријанството како информација, дека е еден од важните фактори во борбата со климатските промени.
И владината политика треба да го поддржи вегетаријанството. Можни механизми на дејствување во таа насока се воведување давачки или олеснувања на производството на растителна храна во однос на производството на животинска храна или зголемена поддршка на едукацијата на учениците за правилен начин на исхрана.
| < Пред | Следно > |
|---|






