Блискост(а)
Понеделник, 30 Јуни 2008 19:00
ХУМАНО И КРЕАТИВНО УЧЕСТВО ЗА СЕСТРАНО ЗДРАВ НАЧИН НА ЖИВЕЕЊЕ
Како што секому од нас му треба храна за да опстои, неопходна му е и психолошко- емоционалната дразба од родителот, односно топлата блискост и сигурност.
Колкумина би можеле да се пофалат со оваа доблест?
Кој би можел гордо да застане и да му заблагодари на сиот свет за тоа што растел и се развивал во благодатите на оваа емоционално топла средина- блискоста?
Секому во животот, кога се наоѓа во момент на важна животна одлука, му треба да го открие тоа чувство на блискост и доверба од родителот или, пак, од оној што се грижи за него.
А токму тоа чувство, драги родители, се формира и се вградува во нас преку сите можни постапки, како директни така и индиректни. Затоа сакам да му бидам значаен модел на моето и на сечие дете. Но детето тоа го гледа не само во нашиот однос кон него туку и во севкупните блиски односи на луѓето околу него, кои гордо ја носат блискоста во себе и ја делат со другите.
Би требало сите да си го носиме тоа чувство од дома, па така, каде и да одиме, ќе знаеме и ќе чувствуваме дека мама и тато се постојано со нас.
Кога влегуваме во домот и во другите детски установи, дали сме свесни дека го пронаоѓаме и го гледаме она во кое сакаме да растеме и ние и децата? Верувам, сите би сакале да се почувствуваме пријатно и значајно кога влегуваме во организираната средина каде што ќе престојува и ќе расте нашето дете. Обидете се да замислите колку им е потребно тоа на малите детски души!
Нашата блискост со децата ќе можеме многу скоро да ја видиме во блискиот однос што го покажуваат тие кон нас, како родители. Преубаво е кога ќе се почувствуваме како значајни луѓе во нивните животи.
Колку сме храбри да ја споделиме?
Сосема е очигледно дека децата се тие кои не само храбро туку и со радост ја делат со нас, родителите, возрасните. Секоја искричка од нивните очи, лице, од севкупното однесување со нас е најголем доказ на нивната блискост со нас. Секоја детска подадена рака, потреба и нивната зависност од нас поради немоќ е можност да го сториме тоа, да уживаме во блискоста со нашите рожби и ангели.
Ние, возрасните, со нашата развиена свест, сме во предност поради силната и длабока желба да се гушкаме, да бидеме блиски со нив, малечките.
Но можеме да решиме и да бидеме, односно сме, себични и со разни оправдувања да бегаме од таа толку длабока психолошко- емоционална и хумана дразба, храна! Правиме така, нели?
А колку е убаво во светлото на блискоста да ги гледаме нашиот дом, установата каде што е и н# чека, расте нашето дете. Уште поубаво е заемно да се радуваме внатре во него, во неа. Но дали е возможно и оправдано од неа, од установата, и од персоналот што влијае воспитно- образовно во неа да очекуваме блискост ако ние, родителите, не сме таму и ја немаме, односно не ја внесуваме во таа организирана средина.
Најдобра е заемната заложба за внесување на овој принцип во програмата на секоја установа што се залага за сестран развој на личноста во духот на здрав начин на живеење. Најдобра е и заемната заложба во неговата реализација преку реализација на програмата во установата, чијшто одраз ќе можеме да го набљудуваме во детското манифестирање, живеење во неа. Секако, во таа реализација треба и да се самонабљудуваме и самооценуваме како возрасни луѓе што зрачат со блискост.
Само, ве молам, да не се залажуваме дека не помислуваме: „Што од ваквата наша заложба, што добиваме за возврат“? Па да, покрај чувствени, ние сме и рационални битија. Затоа она за кое се залагаме сакаме и критички да го разгледаме и да го разработиме во материјал според кој би се раководеле во неговата реализација. Верувам дека тоа на сите ќе ни биде огромна поткрепа за она ( за блискоста) што сме посакале да го имаме кај себе и да му се радуваме.
Значи, со задоволство и во име на блискоста со себе и со нашите деца, ве повикувам на креирање на нашето хумано и директно учество во Асоцијацијата за сестрано здрав начин на живеење „Детска пупка“.
| < Пред | Следно > |
|---|






