За почетокот на една историја...
Понеделник, 30 Јуни 2008 19:00
ВЕЧНИ ЛЕГЕНДИ, ВЕЧНИ ГРАДОВИ И ВЕЧНИ МИСТЕРИИ
И барам знак, траги од страдање.
Дали е ова земјата по која Тој
Некогаш одеше.
Навистина ли го убија Оној
Што ги избра,
Што ги изведе од пустината,
О,Боже!
Зошто стојам скаменет
И немам таква сила,
Не верувам ли доволно
Ил неточно сум сфатил ...
Премин
Ерусалим, градот сместен меѓу ридовите Сион, Морија, Акра и Везет, Јерихон, најстариот град со најрано процветана цивилизација, Јордан, светата река, Мртво Море, Назарет, Витлеем. Сево ова наведува кон едно место, Израел, Божјата земја. А во неа Евреите, Божјиот народ.
Веројатно тоа е причина за мојот избор на ова раскажување. Можеби затоа што почетоците ги поврзувам со тоа парче земја со голема душа.
И, можеби, затоа што не верувам доволно и неточно сфаќам, но судбината на светот е, веројатно, таму. Таму каде што еден прастар народ официјално добива држава премногу доцна по своето постоење на светов. Да ,Тора и Талмуд, избор што се обидува да ми објасни зошто некој целото постоење го минува бездомно. Дали е тоа Божја казна, која осудува на вечно прогонство? И по него војна. Веројатно не, зашто на Божјо тло не би смеело да се лее крв.
И зошто некој покажува толкав револт само кон една нација, токму еврејската?! Толку, што успева да ги елиминира во максимален број?
Повторно, зошто оваа тема?
Па и најголемиот геноцид во светската историја е поврзан со Евреите.
Холокаустот,Треблинка, Аушвиц - Биркенау, Матхаузен, секогаш алудираат на еврејскиот народ. Сепак, помислата на нешто еврејско попрво ме води кон Давид и неговата ѕвезда, разумните одлуки на Соломон, веселите прослави на Сабат, Пасха, Рош Хашана.
Најголемата мистика скриена во вечниот Ѕид на плачот,капките на Јордан, зборовите на Кабалата, височините на Синај и најголемата трагедија доживеана во логорите, имаат една заедничка „дребулија“.
Се обидувам да откријам зошто.
Почетоците ги наоѓам во потеклото.
Историјата на еврејскиот народ е врзана за една земја, која, според библиските извори, се нарекува Ханаан. Подоцна јужниот дел на оваа територија ќе се именува како Јудеја, а северниот Израел. Ханаан се простира по должината на источниот брег на Средоземно Море, на север до Либан, на југ до Синајската Пустина (околу 350 километри) и од брегот на Средоземно Море на запад, до Сириската Пустина на исток (околу 100 километри). Ханаан претставува јужен завршеток на „Плодната полумесечина“ - збирот земји на предна Азија. Од географска гледна точка, оваа територија се дели на четири дела: првиот е приморска низина, вториот е планинска област западно од Јордан (Галилејска, Ефраимска и Јудејска Планина). Третиот дел е Јорданската Долина и четрвртиот е висорамнината источно од Јордан.
Ханаанската клима е средоземна. Сепак, дебелите слоеви на плодните предели изобилуваат со извори на вода. Природните пасишта се најпогодни за одгледување ситна стока. Ханаан е земја на природни богатства, а во библиските податоци се среќава називот „ земјата каде што тече мед и млеко“. Археолошките ископини укажуваат дека првата цивилизација датира од преткерамичкиот неолит. Се смета дека најстариот град во Ханаан е Јерихон, основан 7000 години пр.н.е.
Потеклото на семитските племиња
Стариот завет го објаснува настанокот на жителите на овој свет од религиозна гледна точка уште од времето на Адам и Ева и првиот грев, па до подалечните потомци, меѓу кои бил Ное. Ное бил поштеден од потопот што го пратил Господ на Земјата затоа што бил најправедниот и најнепорочниот човек на своето време. Тој имал три сина: Сем, Хам и Јафет. Ете оттука тргнува потеклото на семитските племиња. За нивни прататко се смета Сем, додека Хам е на Хамитите, кои се предци на денешните Арапи. Еден од подалечните потомци на Сем бил Аврам, кој се родил во градот Ур, Месопотамија, за подоцна да отиде во Харан.
Семитите биле номадско - сточарско племе, што значи дека не останувале на едно место, постојано се селеле. За нивна најчеста дестинација се смета Египет. Аврам се преселил и живеел таму некој период, додека владееле сушата и гладот во ханаанската земја. Кога се вратил во Ханаан, му се родил синот Исак. Овој верник добил чудна наредба од Бога. Иако често му принесувал жртви на единствениот Бог, од него било побарано да го жртвува својот син единец. Пред да го стори тоа, во последен момент бил спречен од ангел Господов, со што му се потврдило дека не мора да го убива Исак, туку дека со самиот обид на жртвување му ја докажал посветеноста на Бога. Кога бил Исак во години, му се родиле два сина. Исав бил оној што секогаш бил скромен, вреден и послушен, а Јаков бил полукав. Кога се подготвувал Исак да му даде благослов на својот син Исав со цел да ја продолжи посветеноста на Бога, на негово место застанал Јаков и ја искористил таа можност. Татко му бил стар и одвај гледал и слушал, па не се посомневал дека се работи за другиот син.
Значајна алка во Стариот завет е синот на Јаков - Јосиф, еден од правнуците на Аврам. Тој секојдневно ги трпел љубомората и зависта на неговите браќа, за на крај да биде продаден на Исмаилците. Завршил во Египет, но бидејќи бил непорочен и верен на Бога, постојано го следела среќна ѕвезда. Станал миленик на Фараонот и на целата египетска земја, затоа што бил премудар и успешно ги толкувал соништата на луѓето.Бил назначен за управник на Египет, седел до Фараонот и учествувал во сите важни одлуки што се донесувале. Во тој период гладот уште беснеел во Ханаан и затоа семејството на Јосиф се преселило во Египет.
Повторна средба била неизбежна, но Јосиф не бил горделив. Тој ги познал своите браќа и им простил. Така Јаков, како и целото негово семејство, мирно го поминал животот во областа Гесен и сите се упокоиле во Египет. Со ова е обележано времето на патријарсите Аврам, Исак и Јаков (1950 - 1500) год. пр.н.е.
Излезот од Египет - егзодусот (1500-1250) год. пр.н.е
Според библиското предание, Евреите останале во Египет и се намножиле, станале многубројни и моќни, верата во Господ ги држела заедно. Но во тоа време во египетската земја владеел цар, кој не го познавал мудриот Јосиф. Се работи за фараонот Рамзес II. Токму поради фактот што се намножиле Евреите, тој ги претворил во робови за да ги градат пирамидите и градовите Питом и Рамзес. Но откако увидел дека колку повеќе се измачуваат, толку се размножуваат и ја зацврстуваат верата за нивно спасение, Рамзес II веднаш вовел уште посурово ропство врз Божјиот народ. Поради тоа Евреите му ги упатувале сите молитви на Господа да ги спаси. Како што имале Евреите страв од нив, им наредил на еврејските бабици да ги фрлат во реката Нил новородените машки бебиња.
Бабиците биле послушни пред Бога, а не пред Фараонот и го користеле изговорот дека еврејските жени се посилни од египетските и дека се породувале пред да дојде бабицата.
Некои сопружници од Левиевиот род добиле машко дете .Жената го криела зашто синот бил многу убав, но кога веќе не можела , зела кошница, го ставила внатре и го пуштила по реката Нил. Во тој момент фараоновата ќерка била близу до брегот и ја пронашла кошницата со машкото дете. Веднаш сфатила дека се работи за еврејско дете, но се сожалила и решила да го задржи. Египќанката побарала еврејска доилка
да го храни. Откако пораснало детето, било посинето од ќерката на фараонот, која му го дала името Мојсеј.
Кога созреал Мојсеј, дознал за своето потекло.Увидел во каква состојба се наоѓаат неговите браќа и сестри, немало спас од големите маки и од ропството. Кога се случило некој Египќанец да тепа Евреин, Мојсеј го убивал угнетувачот. За неколку дена се расчуло за ова и Фараонот сакал да го погуби Мојсеј. Но тој избегал од Египет и запрел во мадијанската земја. Таму престојувал кај мадијанскиот свештеник Јотор и по некое време решил да ја земе за жена неговата ќерка Сепфора и така му станал зет.
По долго време умрел царот на Египет, а Евреите сé уште ги оставале коските во ропство . Тие секојдневно викале и нивниот пискот се чул до Господа. Бог имал завет од Авраам, Исак и од Јаков и се смилувал над неговиот народ. Еден ден, додека Мојсеј ги пасел овците, дошол до Божјата планина Хорив. Тогаш се појавил Бог во вид на оган и му се претставил на Мојсеј, рекол дека е Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов. Му кажал дека мора да ги спаси израилевите синови од рацете на Фараонот и да ги одведе во ветената земја. Му напоменал да нема страв. Тој цело време бил со него, го научил да зборува и да прави чуда за да може храбро да излезе пред Фараонот.
Откако Јотор го испратил неговиот зет назад во Египет, Евреите се зарадувале, знаеле дека им се исполнуваат молитвите. Мојсеј бил подготвен да ги направи сите Божји чуда пред Фараонот. Рамзес имал закоравено срце и на молбата да го пушти Мојсеевиот народ во Синајската Пустина, одговорил негативно. И покрај тоа што реката Нил била претворена во крв, Фараонот сé уште не поверувал во единствениот Бог на Израилците. Тогаш почнале да се извршуваат казните над Египет: жаби истурени од небото што не ги оставале Египќаните да спијат, комарци, муви и скакулци што касале, помор на добитокот, чиреви на луѓето и на животните, град и оган. Но чудо било тоа што Евреите биле поштедени , овојпат египетскиот народ видел вистинска мака и почувствувал силна болка врз себе. Како за крај, паднала темнина врз Египет, која траела цели три дена. Луѓето не можеле да се видат еден со друг. А во местата каде што живееле израилевите синови светело сонце. Тогаш Фараонот лицемерно му рекол на Мојсеј дека Евреите се пуштени да одат слободно до Синајската Пустина за да му принесат жртва на нивниот Бог. И покрај тоа што народот помислил дека Фараонот ја зборувал вистината, неговото срце повторно се закоравило. Мојсеј со голем гнев му ги пренел на Рамзес ИИ Божјите зборови.
„Така говори Господ: Околу полноќ ќе поминам низ Египет. и ќе умре секој првороден во египетската земја, од првородениот на Фараонот , кој требаше да седи на неговиот престол, до првородениот на робинката, која се наоѓа крај рачната воденица, и сите првородени од добитокот.. Во целата египетска земја ќе настане голем пискот како што не бил никогаш, ниту некогаш ќе има... Меѓу Израилците ниту куче нема да залае на живо суштество, ниту на човек, ниту на животно... По тоа ќе знаете дека Господ прави разлика меѓу Египќаните и Израилците!“
Мојсеј потоа ги повикал сите израилеви старешини и им соопштил за големиот празник на Бога, кој допрва треба да се празнува во Негова чест и во спомен на нивното спасение. Обредот се состоел од колење јагне, натопување босилек со свежата крв и попрскување на гредите околу вратата на куќата во која се живеело. На полноќ Господ требало да помине покрај секоја куќа и ако видел крв на гредите, ќе ги одминел тие луѓе. Доколку немало јагнешка крв, тогаш Тој во вид на чума ќе влезел и ќе го земел првороденото. Евреите биле подготвени, не ни помислувале да излезат надвор од нивниот дом сé до утрото. Истата ноќ јаделе месо печено на оган, бесквасен леб и горчливо зелје. Бог ги предупредил дека како верници, Египќаните не верувале дека ќе се случи нешто од ова, така што не ги послушале Мојсеевите зборови. Таа ноќ навистина настанал најголем пискот во Египет. Фараонот го нашол својот син мртов во постелата. Ова била последната Божја казна врз египетските угнетувачи. На сите израилеви синови им било дозволено да тргнат кон Синајската Пустина, да си одат оттаму и да му принесат жртва на единствениот жив Бог. Им бил ставен крај на маките на сите шестотини илјади Евреи, кои, според библиските извори, поминале во ропство цели четиристотини и триесет години.
Следува:
Преминувањето преку Црвено Море.
| < Пред | Следно > |
|---|






