Срцето - орган на нашите емоции
Напишано од Психолог - гесталт терапевт: Каролина Костадиноска Вторник, 30 Март 2010 11:34
„Низ срцево мое струи крв како лавина жешка,
ритамот е како коњаница со илјадита војска,
а јас само чекам да се отвори портата твоја,
мислам дека името „Љубов“ ти беше“.
Џозеф Милер
Современиот човек на сегашницата сè повеќе го доживува срцето како орган за бајпас или стен, заборавајќи дека илјадници години наназад тоа е центарот на душата или органот на љубовта. Секако дека сите ние го доживуваме срцето како витален орган за нашето физичко здравје и сериозно сме загрижени за тахикардијата или аритмијата, но дали сте размислувале за неговата улога во емотивното функционирање?
Латинскиот израз за срце е cor, што означува јадро, односно централен, средишен дел. Тоа не само што ја означува централната физиолошка пулсирачка точка во нашиот организам, туку истовремено го обележува нашиот емотивен и духовен центар. Неговата пулсација означува живот, а отсуството на пулсот, смрт. Но, малкумина знаат дека телото е полумртво ако во него не пулсираат и емоциите: радоста, љубовта, задоволството, тагата, гневот. Срцевата емотивно-физиолошка важност можеме да ја почувствуваме во моменти на интензивна возбуда, радост, страсна љубов, јак страв, кога срцевиот ритам е засилен или забрзан. Кога се чувствуваме со „лесно“ или „тешко“ срце, кога ни е „ладно“ или „топло“ околу срцето, во нашето тело нешто се случува на физичко ниво, односно тоа е поврзано со состојбата на зголемена или намалена телесна возбуденост. Возбуденоста прави да се чувствуваме лесно и полетно; а кога ја нема, се чувствуваме тешко и млитаво. Кога возбуденоста е предизвикана од љубов, нејзе ја чувствуваме како топлина околу пределот на срцето, дури и самата помисла на личноста што ја љубиме може да предизвика забрзани отчукувања или прескокнување на срцевиот ритам. Не станува збор за кардиоваскуларен дефект, туку вашето срце потскокнува од љубов, исто како кога на децата ќе им се купи посакуваната играчка. Правецот на проток на крв од срцето кон површината на кожата или во обратна насока, се реакции на личноста упатени на околината. Ако околината е топла, отворена, позитивна, стимулирачка, крвта ќе јурне кон површината на кожата, а лицето ќе испружи рака за да воспостави контакт со пријатната средина. Доколку околината е отфрлувачка, негативна, разорна, детето како и возрасната единка ќе доживее болка (емотивна, па и физичка во пределот на срцето), означено со терминот „цепење на срцето“. Во овој случај крвта се повлекува од површината на кожата кон центарот, го преоптоварува срцето и доведува до чувство на тежина и безнадежност. Изразите „тврдо“, „скршено“, или „отворено“, „меко срце“, не се само метафорички поими. Психолошките значења на овие изрази говорат за преживеани емоционални трауми, како и за здрави обрасци на емотивно и социјално живеење. Срцето е мускул како и секој друг, неговата мекост или крутост зависат од состојбата на релаксација, од животниот стил, од нашата емотивна состојба. Доколку сме ги „укрутиле“ емоциите поради многубројни разочарувања, сме го „укрутиле“ и нашиот мускулен систем, значи сме го „укрутиле“ и нашето срце. Емотивната крутост доведува и до телесна крутост или грчење на мускулниот систем, што во психолошкиот речник се нарекува „телесен оклоп“. Ако се послужиме со визуализација, замислете витез со железен оклоп на себе, кој се вооружал да се заштити од непријателот, но тој истовремено е „зачаурен“ во него, не може да ги почувствува сензациите од околината, ниту адекватно да одговори на нив. Системот е со блокиран влез и блокиран излез. Дали можеби кај себе го препознавате „железниот оклоп“? Народните мудрости од памтивек говорат за „ладно срце“, а со психолошка терминологија, говориме за личност која е преполна со лутина и омраза, каде се забележува неможност за чувствување на пријатни, топли, позитивни телесни сензации. Најчесто „ладењето на нашите емоции“ претставува психолошка одбрана од повторно емотивно повредување. Одбранбените механизми ги развиваме од најрана возраст, за да преживееме во емотивно суровата околина, во најголем број случаи тоа е нашето семејство. Добро истренирани за грчење на емоциите и на целото тело, ние стануваме неспособни за воспоставување на длабоки и пријатни емотивни релации, а нашето срце станува неспособно да ги прочита сензациите на љубовта. За него тоа означува заканувачка возбуда, односно опасност од повторно емотивно ранување. Живеејќи со осиромашена емотивна палета, се откажуваме од радоста на битисувањето, природната состојба на здравиот човечки организам. Се откажуваме од себеси и од другите, развивајќи предиспозиции за ментална дисфункционалност, психосоматски потешкотии, како и кардиоваскуларни заболувања на физиолошкото и емотивно јадро - срцето.| < Пред | Следно > |
|---|






