СЕВКУПНО СПОЗНАНИЕ - БУДЕЊЕ
Напишано од Љупчо Спасевски Недела, 04 Април 2010 17:14
Во претходните броеви на 8-КА, во написите од овој циклус, ви го претставивме феноменот на новото време „ Индиго деца“. Таму, покрај другото, стана збор и за нивните посебни особини, специфичност на аурата, како и за нивното „будење“. Оваа нова генерација на деца со посебни способности, не се специфични само во поглед на нивната надпросечна интелегенција, туку и во нивното севкупно влијание на околината, за постигнување на хармонија и духовна рамнотежа. Кај нив особено е развиен енергетскиот центар на интуицијата и на психичките способности. Се претпоставува дека кај нив овој центар е потполно отворен. Денес, повеќе автори кои се занимаваат со овој феномен, тврдат дека дури повеќе од половина, новороденчињата спаѓаат во таа категорија.
Во овој број на 8-КА ќе ви претставиме литературен приказ на „будење“ на едно такво дете.
БУДЕЊЕ
„Горештините го печеа каменот, а ветрот ја собираше сета врелина, поминувајќи преку исушените предели. Оние кој се инатеа на жештината и итаа некаде, го чувствуваа по целото тело милувањето на вжарениот разигран воздух. Светлосиното небо без облаци наликуваше на свежо обоен зид. Земјата беше сува, пожолтена и испукана. Многубројните камења беа толку вжештени што над нив се гледаше треперењето на врелиот воздух.
Сето тоа не му пречеше на детето кое беше задлабочено во играта на големиот куп песок. Босоного, со кожа потемнета од сонцето, долго клечеше покрај патот. Косата нежно му ги милуваше рамењата, а големите јасни очи го красеа неговото ведро и насмеано лице.
Пределот околу него опусте, а звуците на денот замреа. Воздухот засвири, ветрот одеднаш направи свиок и ја крена сета прашина, високо кон облаците. Детето за миг ја прекина играта и се загледа во разиграниот ветер, вчудоневидено гледајќи го танцот на воздухот. Му се пристори дека облакот од прашина почна да се обликува. Формата стануваше сè појасна, прелеана со силна бела светлина. Детето се обидуваше да ја спознае, но попусто. „Кој ќе ги протолкува овие зборови, ќе дојде до вечноста“, од никаде се зачу гласот и продолжи: „ Дадена ми е моќ да му се јавам на оној кој може да ме спознае и да ме најде оној кој трага по мене. Тој е мој безвременски потомок и мојата моќ извира од него. Ја сум, пак, воедно, и состојка на неговата моќ. Одеднаш сè застана. Не остана ни трага од облакот прашина. Исчезна, исто онака како што се појави. Детето продолжи со својата безгрижна игра. Дома се врати пред стемнување.После вечерата веднаш замина на спиење. Брзо заспа и одлета на крилата на сонот. Пред неговите затворени очи се вртеа светли екцентрични кругови. Тоа вртење од миг во миг се забрзуваше, сè додека не се претвори во блесок. Се појавија сликите, отпрвин нејасни, како разлеано мастило, а потоа сè појасни и оформени. Како на лента се менуваа населби и пејсажи. Сите тие места имаа нешто заедничко. Беа беззвучни, матни, сиви и без движење. Одненадеж се појавија боите, светли и јасни. Пукнаа звуците, почнаа да роморат реките, да шумат лисјата, да вреват улиците. Неочекувано, повторно сè одненадеж замре. Во таа мистична темница, нешто се случуваше, вриеше. Тоа беше зародиш на искра светлина. Таа се распламти и блесна. Блесокот ги врати боите и звуците.
Детето се разбуди, застана пред вратата триеќи ги очите, сè уште недорасонето. Му се пристори дека забележа нешто, замижа, и кога повторно ги отвори очите, дворот беше празен.
Тие чекаа во дворот, а потоа заминаа“.
Се надеваме дека овој текст, исто како и претходните, ве поттикна да ги раздвижите мислите кон севкупното спознание.
| < Пред | Следно > |
|---|








