МОЌТА НА ДОБРАТА МИСЛА
Напишано од Љупчо Спасевски Недела, 06 Јуни 2010 21:45
Во минатите броеви на 8-КА, во написот од овој циклус, постапно ве доведовме до сознанието за моќта на добрата мисла. Во овој број ќе ви ја претставиме моќта на управување со своите мисли. На почетокот, да ве потсетиме дека пристап до добра мисла може да има само оној кој ќе ја практикува и ќе се ослободи од лошата мисла и од стравот, бидејќи поларизацијата на стравот го оневозможува доживувањето на добра мисла.
ЧОВЕКОТ, АКО ГИ УПРАВУВА СВОИТЕ МИСЛИ, МОЖЕ ДА ИЗГРАДИ ПОДОБРА ИДНИНА ВО СВОЈОТ ЖИВОТ.
„Ние ја Градиме својата иднина мисла по мисла. Добра или лоша, позната или не. Вселената сè уште дејствува и се развива. Мислата е друго име за судбината. Избери ја својата судбина и потоа чекај ги плодовите. Љубовта носи љубов, а омразата носи омраза.“
Ела В. Вилкокс
Орисон Марден во својата книга „Човекот, господар на своите мисли и чувства“, ја раскажува приказната за некој човек со скромно образование кој станал наследник на кораб. Тој никогаш не видел море, не знаел ништо за морепловството и навигацијата, но се решил да преземе патешествие по море и самиот да го управува коработ. Коработ бил подготвен и самонаречениот капетан му наредил на екипажот да продолжи да си ги исполнува секојдневните обврски, бидејќи многубројните и разновидните нешта го збуниле надежниот морнар. Но, штом излегле на отворено море, работата станала поедноставна и самонаречениот капетан имал време да забележува што се случува. Движејќи се по палубата, тој видел човек кој вртел некакво тркало ту на едната, ту на другата страна.
- Што си игра тој човек таму? - прашал тој.
- Тоа е кормиларот. Тој го управува коработ.
- Хм, не гледам зошто по цел ден си го губи времето. Едрата се доволни за да го движат коработ напред. Кога ќе се појави земја или некој кораб, тогаш ќе има доволно време да се одбегне судирот.
Неговите наредби биле исполнети и мaлкумината кои останале живи по бродоломот што следел, имале можност да се сеќаваат на глупавиот капетан кој мислел дека коработ може самиот да се управува.
Ќе речете дека е невозможно да постоел таков човек, и имате право. Но, тоа не значи дека е невозможно да постои слична глупост.
Вие не би биле толку глупави, нели?
Размислете за миг.
Зар вие не управувате нешто покревко, посложено од секој брод - вашиот сопствен живот, својот сопствен ум?
Какво внимание му давате на тој ум?
Го оставате ли често самиот да го прави она што ќе го посака?
Ги оставате ли ветриштата на гневот и на страстите да го одвеваат натаму-наваму?
Оставате ли случајни познанства, случајни книги и бесцелна забава да ви го водат животот по патеки кои вие никогаш, по своја волја, не би ги одбрале?
Дали навистина сте капетан на сопствениот кораб и дали го насочувате кон сигурното пристаниште на среќата, мирот и успехот?
Ако не сте таков, би сакале ли да станете господар на ситуацијата?
Ако е така, тогаш полесно е отколку што си мислевте, само треба да разберете некои основни вистини и да му поставите задача на добриот човек во вас. Како да го постигнете тоа со користењето на умот, е целта за формирањето на карактерот и трасирањето на животниот пат.
Мислите управуваат сè во нашиот живот и таа сила е посебно занемарена и погрешно проценета! Дури и кога е проценета како што треба, со нив се однесуваме како со орудие коешто не се троши, со кое човекот може да се служи како да се родил со генијални познавања за неговата употреба.
Во последно време совладувањето на мислата и нејзиното искористување за промена на веќе оформениот карактер, за промена дури и на надворешната структура, или барем за нејзиното влијание врз човекот, за да се постигне здравје, среќа и успех, се изучува и се разбира сè повеќе и повеќе. Можностите за обучување на мислата се безбројни, а резултатите - бескрајни. Повеќето луѓе оставаат сè на случајноста и на илјадници околности кои ги сопнуваат и им пречат во нивната умствена работа, доколку не се помачат да им се спротивставуваат.
Не може да има поважна задача за нас, за оние околу нас, поважна должност од контролата на мислата, од самоконтролата, која е основа на саморазвивањето. Можеби поради тоа што мислата е нешто сложено, нешто што не може да се види, поради тоа што повеќето од нас имаат сосема слаба контрола над неа, постои впечатокот дека насочувањето на мислата е тешко и нејасно за разбирање, дека тоа е нешто за чиешто постигнување е потребна дополнителна обука, многу слободно време и огромни знаења. Но, тоа е далеку од вистината.
Секој човек, независно од своето незнаење, недостиг на образование или ангажираност, го носи во себеси сето неопходно и располага со доволно време за да го преобрази својот интелект, својот карактер, тело и живот. Секој човек има задачи, различни проблеми за решавање и различни цели кон кои се стреми, а всушност, во практика, процесот е сосема идентичен и трансформирањето не е понедостижно за еден отколку за друг човек.
Во рацете на некој невешт човек скулпторското длето може да ја нагрди и најубавата статуа, во рацете пак на некој престапник длетото може да се претвори во инструмент за кражба или дури и за убиство. Скулпторот со совладана прецизност го нанесува секој удар, стремејќи се да ја постигне својата цел која веќе се наоѓа во неговиот ум. Ние на истиот начин треба да постапуваме при формирањето на нашиот карактер, на средината околу нас, на организирањето на нашиот живот. Ние треба да знаеме што сакаме, како да ГО постигнеме тоа и без одложување да се зафатиме со исполнувањето на таа задача, без да отстапиме или да се откажеме од неа кога било.
Разликата меѓу нашата мисла и една алатка за работа е тоа што со мислата ние постојано нешто треба да извршуваме. Ние не можеме своите мисли просто да ги оставиме настрана и да изјавиме дека повеќе немаме потреба од нив. Треба да мислиме и да имаме предвид дека секоја мисла е удар, кој придонесува за изградувањето на нашиот живот. Затоа треба да донесеме одлука дека секоја мисла ќе ја искористуваме за постигнување на зададените цели, за постигнување на максимален успех, и затоа треба да ја впрегнеме нашата волја за да ја исполниме таа одлука.
Сепак, сеедно колку упорно се стремиме кон исполнувањето на таа задача, долгогодишните навики и оформениот начин на мислење ќе им отежнат на возрасните луѓе. Големото поле за работа во таа насока, во насока на совладување на мислата, е за новите генерации.
Како што вели М. Е. Картер: „Ако родителите, воспитувачите ги посветеа своите напори за да ги научат младите, кои се под нивен надзор, како да ја контролираат својата мисла, наместо толку многу да настојуваат да ги контролираат - да им налагаат послушност кон надворешните авторитети, проблемот со воспитувањето на следната генерација би бил чудесно поедноставен и многу бргу на нашата планета би се појавиле многу посовршени човечки суштества. Дете коешто е научено како да ги зачувува добрите мисли и како да ги изгонува лошите, кое го управува својот мисловен свет, има сè помалку и помалку потреба од надворешни авторитети, ќе расте со чист ум и ќе биде искрено, зашто нема да има нешто кое ќе треба да го крие или потиснува.
Контролата врз умот е единствената самоконтрола којашто можеме да ја постигнеме, и оние што рано ќе се научат како да го постигнат тоа, ќе одбегнат многу несреќи и тешки моменти кои го замаглуваат животот на оние што не успеваат да ги научат најважните лекции на животот“.
Така, заради нас и заради оние нежни суштества чијшто живот во голема мера зависи од нас, треба внимателно да ја разгледаме големата предност на правилното разбирање и контролата на нашите сопствени животни сили.
Спасевски Љупчо
Оваа е-пошта е заштитена од spambots, треба да вклучите JavaScript за да ја видите
| < Пред | Следно > |
|---|








