Ако не сум „сега и овде“, кој ја живее мојата сегашност?
Напишано од Каролина Костадиноска, психолог - гешталт терапевт Недела, 06 Јуни 2010 21:48
Се вртам во круг,заглавена во часот,
а таму некаде,
чекори тој,
„животот мој”.
Каде сум сега?...... Дали ги чувствувам прстите, додека го пишувам текстот или патувам низ времето?.....Ако не сум присутна тука, во кое време патувам ; дали јас имам „сопствено време“ ? Дали човекот го има разбрано поимот „време“ или за него времето е часовник кој ги брои часовите и минутите?
Што всушност се означува со концептот „време“?
Ајнштајн вели дека времето е доживување, субјективно искуство. Субјективната димензија се разликува кај поединците, согласно нивните интереси, потреби, концентрација, емотивна состојба, како и здравствен статус. Ако филмот е забавен, времето брза, додека досадното предавање трае цела вечност. Затоа може да кажеме времето е индивидуално доживување поврзано со специфичното искуство на единката.Возрасните времето го употребуваат во две функции - часовно време и психолошко време. Часовното време ни е потребно да се адаптираме на околностите или со другите од средината (состанок, планирање, заминување, пристигнување…), додека психолошкото време означува идентификација со минатото или принудно префрлување во иднината.
Кај новороденчето концептот за време се развива од вродениот инстинкт за глад, по асоцијативен пат се поврзува потребата за храна со одреден период од деноноќието. Иако органските потреби немаат временски еквивалент, сепак, гладот помага да се организира чувство за време.
Сегашноста е нулта точка од која се диференцираат двата опозита: минато и иднина. Времето кое „лета“ или „лази“ ја означува плус или минус девијацијата. Само сегашноста ја одразува актуелната реалност. Неадаптираната личност не е во состојба да се соочи со реалните, сегашни искуства, туку предимензионирано ги употребува историските или футуристичките избегнувања на реалноста.
Дневните мечтаења се „лутања“ од сегашноста во иднината; мечтателот бега во своите сонови и го гради својот „перспективен карактер“. Тој е секогаш неколку чекори пред сегашниот момент (кога е на работа, планира за вечерниот провод, кога е со саканиот, веќе е на утрешниот состанок). Со зјапање во иднината, влегува во улога на загрижен астролог или го применува своето омилено хоби: обезбедување на иднината преку осигурителни полиси или акумулирање на богатство. Тој го минува животот чекајќи да почне да живее. Современиот човек бега од сегашноста , како да развил фобичен страв од сегашниот миг. Тој постојано е во моментот пред него, дури сака да го победи времето, да стигне пред него. Тој е толку многу преокупиран со напредувањето кон иднината, така што ја злоупотребува сегашноста како средство за да стигне до целта. Дали е под стрес овој футуристички тркач? Ох да, стресот е предизвикан од желбата да се биде „таму“, додека се наоѓа „овде“.
А каде ли се заглавиле стрелките на „ретроспективниот археолог ???“
Најприврзана за минатото е личноста која е ужасно несреќна поради трауматичното минато, сексуалните трауми, суровите родители…
Психолошкиот археолог постојано ги бара причините во минатото, во перманентна потрага по жртви, обвинувања и објаснувања, врз кои нема никакво влијание. Заглавеноста во минатите настани претставува и заглавеност во времето наназад и врзување за веќе одминати случувања. Тој го „чува во себе“ своето минато сè уште така живо, како да е заљубен во него. Ако е заглавен во своите сеќавања, кој ќе го живее неговиот живот „сега и овде????“
„Футуристичкиот астролог“, како и „ретроспективниот археолог“ функционираат изместено од моментот на сегашноста. Тие не се во состојба да го искористат својот емотивен, сензорен, енергетски или интелектуален потенцијал. Својот потенцијал го замрзнуваат во некое виртуелно време кое не се одвива во актуелниот миг, туку протекува во нивните умови. Токму така, современиот човек живее во своето измислено време, плашејќи се да ги отвори очите и да ја види реалноста.
НЕ ПОСТОИ ДРУГА РЕАЛНОСТ, ОСВЕН СЕГАШНОСТА.
Наместо акција во фантазија и непостоечки чекори во воздух, корисно е да се приземјиме со реални чекори, во реален простор и реално време. Чувството на актуелност означува процена дека секое доживување, секое искуство, секоја сензација, се случува „сега и овде“. Свесноста за себе се случува во сегашно време. Свесноста е доживување за променливата реалност, која се менува од миг во миг. За да бидеме во контакт со себе, мораме да се наоѓаме во сегашноста, само така можеме да си одговориме на прашањето: „Што правам „сега“ и како се чувствувам додека сум „тука“? Свесноста, усмерена на актуелните доживувања, е од есенцијална важност за самореализацијата на единката. Снагите на организмот не може да делуваат, доколку се отстранети од просторот и времето. Само единката која живее во сегашноста може да ги почувствува своите емоции и сензации директно, а не низ филтерот на своите мисли .
Принципите на здравото ментално живеење се однесуваат на актуелниот миг :
- ментално се развивам и менувам Сега и Овде;
- се прифаќам таков каков што сум Сега;
- се однесувам кон средината каква што е Сега;
- експериментирам со нови обрасци на однесување Сега;
- ги доживувам моите емоции Сега;
- средбите со другите се случуваат Сега и Овде;
- Јас и Ти можеме да се најдеме само Тука;
- Јас и Ти се прегрнуваме и бакнуваме Сега.
Ако Јас не сум Тука, а ти си Тука , јас ќе те пропуштам.
Ако Јас сум Тука, а ти не си Тука, ти ќе ме пропуштиш.
Ако и двајцата не сме Тука, ние никогаш нема да се сретнеме.
О, Боже,колку промашени средби, а Ние мислиме дека живееме со Другите.
Ретроспективецот ја раскажува приказната бескрајно, антиципаторот ќе мечтае бескрајно, единствено актуелецот чувствува, доживува, искусува, учи за себе и околината, затоа што е Присутен во мигот.
Само ако сум во сегашниот момент, јас можам да ги употребам моите очи, уши, раце, нозе, моите емоции, мојот интелект, можам да се употребам Себе си. Ах, колку прекрасно чувство! Јас сум жив и животот Сега тече низ мене, го чувствувам со секој дел од себе.
Ако со години наназад сме ја одбегнувале реалноста која се случува Сега, потребно е да се видиме себе си и другите со „сегашни очи“ , тоа е единствениот начин за да бидеме свесни за „ Кој сум јас?“, „Кој си ти?“ , „Што сакам за себе?“ Ова е патот до себе, до нашето автентично Битие.
ШШШШШ, слушам некакви звуци?
Се слушам себе си. Да , тоа сум Јас и мојот живот кој вибрира во секоја моја клетка. Целосно сум Тука, целосно сум Сега.
| < Пред | Следно > |
|---|








