ПРОТЕИНСКИ ЧЕТВРТОК ИЛИ ЦРН ПЕТОК
Напишано од Др. Јадранка Бибан Петок, 01 Октомври 2010 12:34
Нашите дневни весници изобилуваат со најразлични рубрики меѓу кои најопширни се оние од политиката, црната хроника, нешто спорт и се разбира забава. Но скоро без исклучок тие пишуваат и на теми од здравјето. Е тука богами може да се прочита се и сешто... почнувајќи од совети за тоа како да имате успешно сексуално задоволство, па до тоа како да го спуштите високиот крвен притисок, колку чаши вода да испиете дневно...итн, па се до тоа како најбрзо и најуспешно да ослабите. Последново мислам дека е најексплоатирана тема, најверојатно заради се поголемиот број дебели и предебели луѓе, проблем кој во последните децении станува се поактуелен не само во светот туку и кај нас. Така, во весниците се нудат разни методи за слабеење, разни диети и совети ...
Она што е многу чудно во изнесувањето на таквите совети за слабеење е тоа што новинарот упорно сака да ја пофали таквата диета, па ја поткрепува со фактот дека неа ја држеле светски познати фаци, холивудски ѕвезди, манекенки и сл.Искрено јас не сум против пишувањето на теми кои ги обработуваат диетите и „режимите за слабеење“, но сепак мислам дека е многу похумано ако новинарот кој тоа го пишува да се воздржи од „секогаш позитивните коментари“ со кои ќе ги „навлекува“ читателите на тоа да ја применуваат таквата диета. Ова го препорачувам заради фактот што начинот на исхрана е многу силен фактор кој влијае на здравјето на луѓето и не е воопшто сеедно како луѓето ќе се хранат и каква диета ќе спроведуваат.
Во весникот ВЕЧЕР на 12 Август 2010 година имаше напис за таканаречената Дуканова диета. Според написот, Французинките биле слаби и убави токму заради тоа што се хранеле според оваа Дуканова диета, па дури и Џенифер Лопез ја спроведувала истата диета и затоа била многу убава... Диетата е протеинска и е прикажано дека се спроведува во четири фази.
Првата фаза била фазата НАПАД, кога требало да се јадат само протеини и тоа така требало да трае 10 дена.
Втората фаза била фаза на ИЗМЕНА кога протеините се комбинирале со зеленчук и таа требало да трае 10 дена.
Третата фаза била фаза на КОНСОЛИДАЦИЈА кога се додавале леб, сирење, а повремено можело и алкохол и чоколада
Четвртата фаза била фаза на СТАБИЛИЗАЦИЈА, кога до крајот на животот секој четврток се јаделе само протеини, а другите денови се јадело и се пиело се што се сака. Е, токму во овој протеински четврток се губело цел килограм од телесната тежина.
Јас незнам навистина што сакал тој Д-р Дукан да постигне со ваквата диета, но неверувам дека целта е вистинско слабеење односно оздравување на организмот. Токму ваквата диета води во сигурна болест. Впрочем протеинското слабеење е слабеење преку предизвикување болест, нешто слично како кога човек се разболува и губи апетит па слабее за време на болеста. Токму на таков начин делува протеинската диета и тоа е факт докажан преку медицинската наука. Ако луѓето мислат само на ефектот ослабување, да, и тоа е точно, со протеинската диета се слабее и тоа многу се слабее, но дефинитивно се загрозува здравјето.
Така популарниот „протеински четврток“ како клучен дел од оваа диета, многу лесно може да стане „црн петок“. Протеинскиот четврток што јас го викам „црн петок“, може да се прогласи како ден кога треба да „се потсети“ организмот дека мора да остане болен!
Резултатот на изгубеното здравје од протеинските диети може да се јави како болест многу брзо по диетата но и подоцна после неколку години од протеинскиот стрес на организмот. Тоа е така заради фактот што на човечкиот организам му се потребни јагленихидрати за да функционира како што треба човечкиот метаболизам, а не му се потребни толку многу протеини, чии метаболни продукти екстремно го закиселуваат организмот и го интоксицираат.
Затоа, јас би им советувала на Французинките кои ја држеле оваа Дуканова диета, но се разбира и на Џенифер Лопез, да си направат проверка на својата здравствена состојба за навреме да видат дали се на вистинскиот пат или мора да направат промени во исхраната. Така, нека проверат во каква состојба се коските, зглобовите, бубрезите, крвните садови. Овие органи многу често страдаат заради екстра протеини внесени со исхраната. Но се разбира дека треба да проверат во каква состојба им е и нервниот систем, мозокот, затоа што особено овој систем, работи исклучиво на јагленихидрати. Затоа протеинската диета резултира со намалена ментална способност.
Впрочем јас во принцип се залагам за што помалку испитувања и проверки, а што повеќе вистински животни навики. Затоа оние кои ја одбираат вистинската храна и спроведуваат вистински здрави животни навики, всушност и немаат потреба од толку многу проверки и испитувања. Тие едноставно чувствуваат дека нивниот организам работи беспрекорно.
Затоа доколку познавате „Французинки“ кои протеински се хранат, препорачајте им да го прочитаат овој текст. Можеби така ќе добијат повеќе право на избор...Одлуката повторно, останува нивна.
| < Пред | Следно > |
|---|









Коментари