СЕГА Е ВЧЕРА А УТРЕ Е СЕГА
Напишано од Д-р спец. Јадранка Бибан Недела, 14 Ноември 2010 18:50
Изминува уште една недела и уште еден прекрасен есенски сончев ден. Во недела навечер сите се подготвуваат за утре, за понеделник, за новиот работен ден, за новата работна недела. И сите планираат што ќе сработат следната недела, дали ќе направат добро дело, дали ќе заработат многу пари, дали ќе напредува бизнисот. Можеби ќе успеат да направат нов бизнис договор кој ќе донесе многу работа и многу, многу пари...
Ете за жал тоа се преокупациите на повеќето луѓе и во остварување на таквите цели воопшто не размислуваат како ќе постапат, дали ќе нанесат зло некому или пак себеси и на своите најблиски...
Јас кога го пишувам ова не мислам само на големите бизнисмени туку мислам на сите нас, мислам на сите оние кои повеќе или помалку се дел од бизнисот наречен опстанок во немилосрдниот материјален свет ...
Во недела наутро одам да пазарувам на некој од скопските зелени пазари. Денес бев на скопскиот Зелен Пазар. Морам да признаам дека многу ми е тешко да пазарувам свежо овошје и свеж зеленчук заради тоа што многу тешко можам да најдам вистински производител на таквите производи кој ќе ми каже каде и како е одгледан производот. Многу пациенти на кои им предочувам дека храната за да биде лек, мора да биде чиста, органски одгледана, без токсини, пестициди и слично, ме прашуваат од каде можат да набават таква храна.
„И јас истражувам - им велам - прашувајте, истражувајте и вие, се додека дојде време и на нашите пазари да можеме да купиме сертифицирани органски производи. А дотогаш ќе мораме да бараме поупорно и да бидеме поупорни во барање искрен одговор од оној кој ги продава таквите производи“.
Но и тоа е многу тешко. Денес сакав да купам ореви од една тезга на Зелениот Пазар каде се продаваат ореви и други јаткасти плодови. Млад човек со многу интелегентен поглед продаваше на тезгата. Оревите кои ги продаваше беа со убав изглед, жолтеникави, крупни јатки. Цената беше 380 денари за килограм. Единственото нешто кое јас сакав да го знам беше од каде се оревите.
„Од тетовско се“- ми одговори продавачот.
Јас побарав да ми измери половина килограм. Продавачот измери, ми ги подаде и јас му платив 190 денари. Тргнав да си одам и случајно го слушнав човекот кој продаваше исто така јатки на соседната тезга како го прашува продавачот од кого јас купував дали оревите навистина му се од тетовско. Брзо го свртев погледот кон мојот продавач и го видов како направи негодувачки израз на лицето, со што му посочи на својот колега дека оревите не се од тетовско. Не ми преостана ништо друго освен да се вратам назад и да ги вратам оревите.
„Сега вратете ми ги парите - му реков на продавачот - и земете си ги оревите назад. Вие мене ме излажавте, оревите не се од тетовско“.
Таквата моја реакција му изгледаше многу будалесто на младиот продавач и не можеше да верува како можам да побарам такво нешто само затоа што тој ме излажал дека оревите се од тетовско а не биле од таму.
„Што е тоа толку важно, госпоѓо - инсистираше тој - што има врска од каде се оревите? И тие луѓе од каде што се оревите ги јадат истите, па што им фали? Вие имате проблем со комплекси - дури малку налутено ми подвикна“.
„Можеби е така - му реков - но зошто Вие се занимавате со мојот проблем, кога Вие си имате Ваши проблеми кои би требало да ги решите. Еве, Вие имате проблем со вистината, па затоа ја одбегнувате и лажете. Зошто ме излажавте, кога воопшто не знаете зошто ми е важно да знам од каде се оревите? За да заработите 190 денари, Вие лажете. Лажете за пари, без да размислите дали постои некаква друга суштина позади моето прашање. Можеби ако ми ја кажевте вистината или пак само ако ме запрашавте зошто тоа ми е важно да го знам, ќе можевте да дознаете некои други работи кои можеби ќе ви го сменеа животот на многу подобро, па не ќе моравте да правите нечовечни потези само за да заработите 190 денари“.
Колку е беден и ограничен овој материјален свет. Гази се пред себе само за да заработи бедни пари. Парите се бедни без разлика дали се големи или мали, тие не можат да бидат движечка сила на разбудениот човек. Но денес повеќето спијат, спијат со длабок зимски сон. И сонуваат само пари и ништо друго.
Сега ве молам, немојте да ме обвинувате дека ова е голема приказна за мали пари. Мојата неделна приказна сеуште не завршила...
Тргнав да си одам накај дома и го пуштив радиото во мојот автомобил. Малку музика и... реклами. Енергичен и убедлив глас ја читаше рекламата за годинешново Златно Славејче. Ги канеше децата и родителите да го посетат овогодинешниот фестивал за деца Златно Славејче, да уживаат во игра, забава, песнички, а потоа сите заедно да отидат во Мекдоналс за да се насладуваат со „Среќниот Оброк“ и да добијат подароци.
На човек да му се наежи кожата! Ќе добиеле „Среќен Оброк“ и подароци! Па какви подароци ќе добијат „Славејчињата“ ви се молам? Па зарем сите тие токсини, адитиви, нездрави масти, нешто што се нарекува помфрит...а којзнае што е, сето тоа треба да се прима како среќен подарок??? Поразително!
Тоа е криминалот и нечовечноста на 21. век. Пред малку на пазар еден човек лажеше за само 190 денари, а сега слушам како некоја цела организација лаже за многу, многу повеќе. Разликата во сумата е голема, но методите се исти. И мотивите се исти, заработка на пари.
Но каде е хуманоста? Дали и таа е лажна? Каде се сите тие силни организации кои себеси се нарекуваат организации кои се борат за правата на луѓето. Каде се родителите, учителите, докторите? Никој ниту глас да пушти, секој си има работа, зарем ќе се бави со „ситни проблеми“ ? На сите им е важно што работа ќе завршат утре, колку утре ќе заработат, каде ќе вложат. Затоа вечерва сите се подготвуваат за утре, за новата недела, за новиот работен ден. А тоа што било денес, тоа воопшто не е важно. Тоа може да помине без да се забележи воопшто.
Можеби за многумина е безначајно, но јас сепак седнав и токму во недела навечер го пишувам овој текст, затоа што она што е вистински важно е сегашноста која ја живееме. Не бегајте од сегашноста, затоа што таа е реалност, сите ние сме сегашност. Не бегајте од неа, затоа што вашето утре за кое толку многу се подготвувате вечерва, е сегашноста која е напишана овде.
| < Пред | Следно > |
|---|









Коментари
Замислете колку ми беше тешко да ги научам за нешто сосема поинакво. Знам дека е тоа долг процес, но ке дадам се од себе.
Децата во иднина ќе знаат да кажат дома како треба здраво да се хранат, но кога ме прашаа зошто во училишната кујна им даваат еурокрем, паштета, пржени ќофтиња и сл. е тоа е нов проблем за кој за сега не гледам решение.