Човештвото безмилосно троши вода, храна и енергија
Вторник, 23 Септември 2008 10:02

Влатко Стефановски, поранешниот лидер на „Леб и сол“, за начинот нa борбата против сиромаштијата вели:
- Ако сте вистински уметник, копате длабоко и летате високо. Велат дека уметниците се свеста на човештвото. Не сум докрај сигурен... Ако е некој уметник, не значи дека треба да го носи целиот товар на овој свет.
- Паушалните акции за борба против сиромаштијата, инаку, се донации, хуманитарни акции и хуманитарна помош, се само обиди, залечување на раните, но не и решавање на проблемите.
Поранешниот лидер на легендарните „Леб и сол“ и нашиот најдобар гитарист, а воедно и заштитно лице на рокот во Македонија, Влатко Стефановски, по многубројните настапи низ целиот свет ни открива какви се ситуациите во другите општества.
Потребно е да сте логирани како член за да го прочитате целиот напис.
{reg}8-ка: Уметноста и хуманоста се некако природно поврзани. Дали го чувствувате тоа како неминовност и како дел од она што го работите?
- Хуманизам и ренесанса. Да, потребна ни е една нова таква епоха. Предвидливоста и баналноста на материјалниот свет и односите во него се веќе одамна многу истрошени. Знам дека не можам многу да го изменам векот во кој живеам, ама ќе се трудам барем малку со својата работа да понудам убавина и утеха.
8-ка: Сте имале можност да посетите разни делови од светот. Дали сте имале можност да ги согледате разликите меѓу одделни социјални слоеви во високоразвиениот свет?
- Сум видел и раскош и сиромаштија, но јас не сум патописец ниту социолог за да се занимавам со тоа. Редовно барам добра музика таму каде што одам и се трудам да слушнам или да видам нешто автентично и интересно. Нема гаранција дека кај богатите ќе си поминете добро, ниту дека кај сиромашните ќе пронајдете богатство на духот. Има премногу клишеа и стереотипи поврзани со тие прашања.
8-ка: Како гледате на најсиромашните слоеви во развиените земји? На што, според вас, се должат големите разлики (екстремно богати и екстремно сиромашни) кај земјите што се високоразвиени?
- Капитализмот си го прави своето. Потрошувачка хистерија на една страна и глад и сиромаштија на друга. Колонијализмите, неоколонијализмите, глобализациите и слични феномени го прават јазот поголем. Но, рака на срце, не гледам баш многу сиромашни во развиените земји. Има, но не се на местата каде што се движам и каде што настапувам.

8-ка: Дали сметате дека борбата против сиромаштијата во светот воопшто е вистинската борба за постигнување на таа цел, со оглед на тоа што повеќе расте бројот на сиромашното население како во неразвиените така и во транзициските земји?
- Мислам дека човештвото безмилосно ги троши сите ресурси на вода, храна и енергија, без да мисли притоа дека на следните генерации треба да им остави нешто. Еден мудрец вели дека светот не сме го наследиле од своите родители, туку дека сме го позајмиле од своите деца... Замислете, кога бев дете, на реката Вардар имаше градска плажа... Тоа денес е мислена именка. А се работи само за мојата генерација и за процесите што сум успеал јас да ги забележам.
Паушалните акции за борба против сиромаштијата, инаку, се донации, хуманитарни акции и хуманитарна помош, се само обиди, залечување на раните, но не и решавање на проблемите.
8-ка: Колку можат уметноста и прогресивната идеја искажани преку делата на уметниците да придонесат за откривање на вистината за човечката судбина?
- Уметноста, како и науката и религијата, се занимаваат со одговарање на основните прашања на нашето постоење. Проблемот е во тоа што постојано се зголемува бројот на прашањата. Минатиот месец се вратив од Фиренца, каде што во живо видов огромен број дела од ренесансната уметност. Основниот впечаток ми е дека главен мотив на сите платна, скулптури и фрески е човечкото страдање низ историјата...
8-ка: Колку и како може еден уметник да биде мотивиран да прави дела за промоција на вистината на светот и за јакнење на вистинската хуманост?
- Ако сте вистински уметник, копате длабоко и летате високо. Велат дека уметниците се свеста на човештвото. Не сум докрај сигурен... Ако е некој уметник, не значи дека треба да го носи целиот товар на овој свет.
Не мислам дека уметниците се должни да решаваат социјални, психолошки, материјални и хуманитарни проблеми.
Тие можат со својот ангажман да дадат пример и да укажат на убавите нешта или барем за миг да ги направат луѓето поопуштени и посреќни...
Има една фраза, која вели: Ако му помогнеш на еден човек, го помагаш целото човештво. А една друга вели: Ако сакаш да помогнеш некому, помогни си себеси.{/reg}
| < Пред | Следно > |
|---|








