Реупотребата во семејството, процес на креативно изразување или потврда на статусот на сиромаштија?
Напишано од Радмила Живановиќ - дипл. психолог Вторник, 21 Јули 2009 14:01
Откако веќе зборувавме за тоа како да го исчистиме семејниот простор и како да се ослободиме од непотребните нешта, преминуваме кон она што семејството може да го реупотреби или да го отстапи на реупотреба. Реупотребата е навистина еден исклучително креативен и активирачки процес затоа што овозможува еден поинаков поглед на поседувањето на нештата, нивно изменување и повторна ефективна употреба. Откако сфативме дека премногу трупаме во семејството, потребно е да се започне една поинаква активност на реупотреба, која навистина ќе создаде една оригинална атмосфера во семејството, како и активност која носи обединувачка енергија за семејството, но и чувство дека придонесуваме кон заштита на околината.
Заштитата произлегува најмногу затоа што реупотребата ги штеди ресурсите што ние беспоштедно ги трошиме, ги трансформира и ги прави повторно употребливи и корисни. Воедно старите нешта се употребуваат на еден поинаков начин или се дотеруваат во изглед и функционалност која сме сакале да ја постигнеме. Ова навидум е основата на развој на оригиналноста и креативноста, и затоа е мошне битно во процесот на реупотреба семејствата да ги вклучат и децата. Сите многу добро се сеќаваме како дрвените лажици за готвење можат да прераснат во разиграни кукли, актери во детската куклена претстава, или како одредени конзерви, тегли и шишиња можат да прераснат во функционални елементи на работната детска атмосфера. Мислам дека се сеќавате и како големите канти од боењето на станот можат лесно и со многу малку работа да прераснат во шарени табуретчиња во дневната соба, или како празните кутии од чевли можеме да ги трансформираме во кутии за подарок.
Минатото носи доста креативна енергија која денес сè уште треба да не инспирира, од причина што тогаш децата растеа во ограничен избор на играчки и игри и се снаоѓаа во своите игри, кои најчесто беа „божемни” и создадени со она што им се наоѓаше во околината, а тоа бил најчесто кујнскиот прибор, тавите, лонците, шишињата и слично. Денес нашиот однос кон предметите и ресурсите што не опкружуваат е доста стерилен, ригиден и „готовански”, можеби затоа што сметаме дека работите и нештата се менливи во секое време и дека ги има во изобилство. Барем сметам дека така мислиме, денес во екот на потрошувачкото општество под влијание на медиумите кои наоѓаат начини да ни создадат слика на еден свет и една планета која е во изобилство и постојано на располагање на нашиот апетит и поседување.
Ќе земам најпрост пример на детскиот маскенбал денес и порано. Денес веќе можат да се најдат готови костими, и тоа најчесто на ликови кои медиумски се најпопуларни и најдостапни за децата,веќе оформени и понудени детски фантазии, наспроти маскенбалите порано, кои биле рефлексија на оригиналност и детската фантазија, реакција на некој специфичен лик во околината или слушната приказна. Денешниот свет во многу наврати се чини многу повеќе розов и досаден од оној што бил порано, најчесто поради денешниот постојан притисок на складност, совршеност, брзина и променливост.
Од друга страна, во архитектурата денес, се развива еден многу актуелен тренд на реупотреба на старите материјали и предмети во дизајнирање на нови и впечатливи парчиња мебел и облека. Ова покажува дека реупотребата сè уште се оценува како особина на креативците и смелите, оние кои не се плашат да комбинираат и излезат од вообичаеното.
Би сакала со вас да споделам неколку конкретни предлози за тоа како одредени предмети од домаќинството можат да се реупотребат:
- Пластичните ќесиња - можат да се реупотребуваат или како ќеси за отпадок, или пак повторно да се искористат при следното купување во продавница. Поради тоа потребно е постојано да носиме барем по една ќеса во нашата торба. Овде може да се спомне и за платнените торби за пазарење, кои треба да се постојан наш придружник и кои можеме да ги користиме долго во пазарењето.
- Картон кутии - се реупотребуваат најчесто за складирање на работи кои помалку ги користиме секојдневно, за складирање на одредени предмети кои ни се драги и за уште многу други сè уште потребни нешта. Истите можеме да ги издекорираме и создадеме декоративни кутии за складирање, потребни во детското катче.
- Мебел - мебелот го реупотребуваме така што ќе го поправиме, ќе го претапацираме или излакираме. Можеме да додадеме и заштитни прекривки и шарени перничиња кои би го дополниле изгледот.
- Книги и учебници – се реупотребуваат преку пренос на наредните генерации на ученици и читатели.
- Облека - исто како и претходното, се реупотребуваат преку пренос на наредните генерации, или на некој кому му одговараат. Овде најчесто станува збор за потполна употреба на детска облека, предмети, играчки, креветчиња и сл.
- Искористени крпи - се реупотребуваат доколку се користат за чистење на валкани површини во домаќинството, или на пример, за чистење на велосипедот, автомобилот или сл.
- Искористена хартија - може да се реупотреби во принтање на не многу потребни информации и на тој начин да се искористи другата бела површина.
- Декорација во домот која не е повеќе потребна - може да се реупотреби како прекрасен начин да се поклони некому или на некое друго семејство.
Сметам дека потребата за реупотреба, иако порано била многу повеќе изразена, сега е во момент на замирање. Луѓето денес повеќе од кога било губат интерес за работите многу брзо и постојано целат кон обнова. Моите патувања во други држави ми покажале дека обновата не значи постојано купување на нови нешта, облека, мебел, декорација и слично, туку прием, купување и користење на веќе употребени нешта. Во Америка, и во некои делови на Европа, постојат посебно дизајнирани пазари на кои семејствата продаваат или подаруваат дел од покуќнината, облека, и други непотребни предмети по многу поевтини цени, но сепак во исправна состојба. Често овие предмети се искористени од страна на друго семејство или поединци и супер се вклопуваат во нивната замисла.
Искрено би била среќна доколку некогаш во Македонија, на некое место се организира ваков пазар на употребени нешта. На таквите пазари неретко се наоѓаат доста посебни, оригинални и функционални предмети кои можат да се искористат во домаќинството. Мислам дека и нашиот менталитет се оградува од поседување на нешто веќе употребено, можеби затоа што долго време, и сè уште се судираме со сиромаштијата, и самото купување на вакви нешта уште повеќе ни го потврдува статусот.
Репотребата дефинитивно носи многу од претходната енергија на оној што ја користел, но дава можност за пројавување на сопствената оригиналност и креативност. Тоа ми дава за право да практикувам многу повеќе во иднина. Искрено се надевам дека и Вас ќе ве поттикне на поголемо ослободување, споделување и креативност.
| < Пред | Следно > |
|---|








