Овошни мекици
Вторник, 04 Ноември 2008 06:39
Еве еден брз и едноставен рецепт за правење мекици кои можете да му ги понудите на вашето семејство, за појадок или за вечера. Особено ќе се израдуваат оние кои имаат голема желба за слатки вкусови, но нивното задоволство ќе биде уште поголемо затоа што ќе можат да уживаат во слаткиот вкус без грижа на совеста дека сториле „грев“ спрема своето тело и витката линија.
Ова е еден од многубројните здрави оброци, кој не го загадува вашето тело со масти, туку напротив - ќе ви овозможи да внесете доволно енергија, која ќе ви обезбеди здравје и уживање.
За подготовка, потребно е:
половина килограм бело пченично брашно,
две лажици бел пченичен скроб – густин,
еден прашок за печиво,
еден филџан соино млеко,
минерална вода,
две помали банани,
еден филџан кристален кафеав шеќер,
малку сол.
Брашното, скробот, прашокот за печиво, шеќерот и солта се мешаат во еден сад. На страна, со виљушка се гмечат двете банани на кои им се додава млекото од соја. Бананите не треба да се матат многу, туку да бидат само добро изгмечени. Потоа бананите се додаваат во смесата со брашното и сето тоа добро се меша. Целата оваа смеса се замесува со минерална вода која се додава за да се добие тесто што одговара како тесто за мекици – не многу тврдо, но не и многу течно.
Тефлон тавчето во кое вообичаено правите палачинки (или ако имате тефлон плотна или скара, исто така), се загрева на средна температура. Со црпалка ставате од смесата на загреаната површина (количина од една поголема лажица), малку ја растегнувате со лажицата и оставате да се испече од едната страна. Потоа ја вртите мекицата за да се испече и од другата страна и сето тоа го повторувате додека не ја потрошите целата смеса.
Вкусните мекици можат да се јадат без никакви додатоци. Но оние кои сакаат поинтензивни вкусови, може да ги јадат со прелив од овошно пире (печено јаболко, на пример), со премаз од мармалад или прелив од овошен сируп, и слично.
| < Пред |
|---|






