Слатки десерти
Понеделник, 30 Јуни 2008 19:00
Во овој број на 8-ка ви посочуваме неколку рецепти за тоа како да направите вкусни слатки десерти, со кои можете да уживате задоволувајќи ги вашата желба и потреба за сладок вкус без да се плашите за вашиот убав изглед и килограмите.
Всушност, нашиот народ традиционално знае да прави вкусни и слатки колачиња, кои најчесто ги има на македонските трпези за време на посните слави. Да се потсетиме на некои од нив.
МАКЕДОНСКА АЛВА
30 лажици интегрално пченично брашно,
4 лажици какао,
250 грама мелени ореви,
100 грама суво грозје,
900 грама интегрален шеќер,
100 мл ладно цедено масло,
ванилин шеќер.
Брашното, какаото, оревите и сувото грозје се мешаат да се направи хомогена смеса.
Во друг сад се топи, како карамела, 250 грама од шеќерот и се додаваат (на карамелата) 250 мл вода и ладно цеденото масло. На ова му се додаваат уште 650 грама интегрален шеќер и две ќесички ванилин шеќер.
Потоа двете смеси се мешаат убаво за да се изедначат во една хомогена смеса, се ставаат во тавче и се ладат во фрижидер.
БАЈАДЕРИ
700 грама интегрален шеќер,
300 грама мелени интегрални бисквити,
300 грама мелени ореви,
200 грама посна чоколада,
ванилин шеќер.
Интегралниот шеќер се вари со 150 мл вода. Настрана се мешаат оревите и бисквитите заедно со една ќесичка ванилин шеќер. Ова се меша со претходно подготвениот шербет (на кој може, но и не мора да се додаде 1/3 маргарин). Кога ќе се измеша добро во хомогено тесто, тестото се дели на два дела. Во едниот дел се става 100 грама посна растопена чоколада. Потоа едниот дел од тестото се става во тавче, а врз него и другиот дел. Озгора се прелева со 100 грама посна растопена чоколада.
МАКЕДОНСКА БАКЛАВА
700 грама кори за баклава,
400 грама толчени ореви,
100 грама рендана посна чоколада,
250 грама мелени посни бисквити,
800 грама кафеав шеќер (ситен),
сок од еден лимон,
кокос.
Оревите, ренданата посна чоколада и бисквитите се мешаат. Во тавче за печење, кое е сосема малку подмачкано со масло, се редат корите и секоја втора кора се посипува со смесата. Кога ќе се довршат и корите и смесата, баклавата се сече на коцки или на ромбови. Се пече во рерна на тивок оган (180 степени), околу еден час.
Шербет: 800 грама кафеав ситен шеќер се вари со 1 литар вода. Кога е готов шербетот, му се додава сок од еден исцеден лимон и со топол шербет се попарува ладна баклавата. Озгора се посипува со кокос.
| < Пред | Следно > |
|---|






