Избор на здрави и слатки појадоци
Понеделник, 30 Јуни 2008 19:00
А сега нешто поинакво: како се подготвува вкусен и енергетски појадок за кој не мора да потрошите многу време, кој ќе можете да го носите и на работа и, што е најважно, да го јадете во неограничено количество.
Еве неколку рецепти за луѓето со практичен начин на живеење, за луѓето што сакаат здраво да се хранат, што обожаваат слатко, а сепак имаат атрактивна и вита линија.
ЛАДНИ ЖИТАРКИ
Време за подготвување 2 минути.
Една чаша мешани житарки без додатоци на шеќери или масти,
соино млеко или оризово млеко,
¼ чаша сечкани банани или јагоди (по желба).
Во сад за јадење ставете ги житарките и залејте ги со соино или со оризово млеко, а потоа оставете ги да постојат неколку минути. Озгора додајте го овошјето.
ТОПЛИ ЖИТАРКИ
Време за подготвување 2 минути,
варење 5 минути.
Една чаша мешани житарки,
сечкано овошје,
две чаши вода.
Кога ќе биде водата пред вриење, додајте ги житарките, намалете ја температурата на шпоретот и лесно мешајте со лажица околу 5 минути. Сервирајте ги житарките во сад за јадење, а озгора додајте го овошјето.
ЈАБОЛКОВИ ЖИТАРКИ
Време за подготвување 10 минути.
1 чаша вода,
½ чаша мешани житни снегулки,
1 рендано јаболко,
1 лажица суво грозје,
½ лажица мед,
цимет.
Водата треба да дојде до вриење, а потоа се додаваат житните снегулки, се промешува, се затвора со капак, се трга од огнот и се остава да стои 5 минути. Потоа се додаваат и преостанатите состојки, се промешува и се сервира топло.
СЛАДОК КОМПИРОВ ПОЧЕТОК
Време за подготовка 10 минути.
Два печени во лушпа и излупени компира,
две банани сечкани на коцки,
едно рендано јаболко,
малку кафеав шеќер,
две лажици толчени ореви,
цимет.
Компирите се сечкаат на помали коцки и се мешаат со овошјето, а потоа им се додаваат оревите. Шеќерот се посипува врз веќе сервираниот појадок. На крај се наросува циметот.
ПОЈАДОК СО ОРИЗ
Време за подготовка 45 минути во обична рерна, или 10 минути во микробранова рерна (со претходно обарен ориз).
Две чаши обарен интегрален ориз,
едно ситно исечкано јаболко,
1/3 чаша јаболков сок,
2 лажици свеж лимонов сок,
една ванила,
цимет.
Сите состојки се мешаат одеднаш во сад за печење со капак. Се става во рерна и се пече околу 45 минути на 180 степени. Во текот на печењето еднаш се промешува. Во микробранова печка истото се подготвува за 10 минути.
Се служи топло.
| < Пред | Следно > |
|---|






