8КА ЗДРАВ ЖИВОТ
Напишано од 8ka Понеделник, 15 Март 2010 00:33
Д-р ЈАДРАНКА БИБАН – специјалист по гинекологија и акушерство,
експерт и едукатор за лекување на болестите со храна и со здрави животни навики.
Средно образование завршува во Скопје – Гимназија Никола Карев,
1990 година дипломира на Медицинскиот Факултет во Скопје,
1998 година завршува специјализација по гинекологија и акушерство на Медицинскиот Факултет во Скопје.
Д-р Јадранка Бибан, како резултат на своето долгогодишно искуство во медицината и непосредна пракса со пациенти, во својата практика ја воведе методата на лекување и превенција на болестите со храна. Врз база на истражувањата и континуираната надградба во својата професија, Д-р Бибан верува дека луѓето можат да изгледаат многу подобро, да се чувствуваат многу поздраво и да се ослободат од болестите само преку промена на нивните животни навики, пред се преку промена на начинот на исхрана. Многу луѓе го уништуваат своето здравје само заради лошите навики во исхраната и последиците од тоа ги чувствуваат во намалениот квалитет на својот живот.
Д-р Бибан е основач на проектот „8-КА“ чие што мото гласи:
„ВО ПОТРАГА ПО ВИСТИНАТА ЗА НАШИТЕ ГЕНЕРАЦИИ“
и опфаќа истражувања за значењето на исхраната во животот на луѓето, значењето на здравите животни навики и нивно практикување во секојдневието. Истовремено потрагата по вистината значи откривање на вистината за фармакобизнисот, медикобизнисот, бизнисот со нездрава храна, маркетинг заблудите преку кои се манипулира со луѓето и со нивното здравје, откривање на вистината за намерните пропусти во науката, манипулациите со населението од страна на здравствените системи и здравствената политика и сл.
Остварувањето на целите на проектот се одвива преку:
- Веб страницата и е-весник,- Активностите на Здружението за Здравствена Едукација и Екологија „8-КА“,
- ТВ емисија „8-КА“ чиј автор и главен уредник е Д-р Јадранка Бибан,
- Месечно списание 8-КА чиј главен уредник е Д-р Јадранка Бибан.
Д-р Јадранка Бибан е основач на програмата „Д-р Бибан“ која е едукативна програма во траење од 28 дена и преку која пациентите се едуцираат како да ги воведат и да ги практикуваат новите животни навики пред се исхраната со што постигнуваат значително подобрување на нивното здравје. Резултатите од практикување на програмата се гледаат во стабилизирање на нарушените биохемиски процеси во организмот, што се потврдува со стабилизирање на биохемиските параметри во крвта, намалување на вишокот телесна тежина, но најважно од се, со бенефитот од повлекување на посериозните болести со континуирано намалување и ослободување од лековите.
Д-р Бибан е еден од првите доктори на нашиве простори кои отворено зборуваат за значењето на традиционалната или Хипократ Медицина, во лекувањето на тешките болести како и за потребата од воведување на исхраната како основна терапевтска метода во лекувањето на хроничните болести. Ваквиот став во однос на медицината и исхраната, во светот се повеќе и повеќе се прифаќа како резултат на многубројните медицински истражувања и резултатите кои го потврдуваат тоа.
Си-Фу ПРЕДРАГ ПЕТРЕСКИ е соосновач на проектот 8-КА.
Од неговата кратка биографија:
роден 29 05 1971 година во Битола,
средно образование завршува во Скопје – Гимназија Раде Јовчески Корчагин – 1990 година,
Воена Академија завршува во 1995 година во Скопје,
Магистрант на студии за Спортски Менаџмент на Универзитетот ФОН во Скопје.
Од 1990 година започнува активно да се занимава и да ја изучува Кунг Фу боречката филозофија, и е еден од најактивните студенти на Големиот Мајстор Вилијам Чеунг.
Си-Фу Предраг е Претседател на спортскиот клуб Винг Чун Кунг Фу СТРЕЛА каде како Мајстор, учител и педагог придонесува за правилно спортско образование и развиток на младите генерации.
Во програмата на „8-КА“ Си-Фу Предраг ја воведе Таоистичката Филозофија за Животната Енергија како неразделлив дел од животот на луѓето и како дел од духовното будење на современиот човек во услови на современо живеење.
Преку проектот „8-КА“ Си-Фу Предраг активно работи на откривање и презентирање на психотелесната целина на организмот на човекот како и неговата неделивост од законите на природата. Со други зборови, тој е едукатор за телесното а пред се, психичкото потекло на човекот и во согласност со тоа успева да ја разбуди вистинската духовна сила на човекот, како дел од обновата на здравјето и лекувањето на болестите.
Во програмата „Д-р Бибан“ ја спроведува обуката за практицирање на Чи Кунг вежби и терапија како една од најизворните, односно традиционални техники на лекување преку обнова на изгубената Животна Енергија. Чи Кунг вежбите се енергетски вежби кои во современата медицина и најпознатите медицински центри во светот се воведени како дел од терапевтските методи за лекување на тешките болни. Благодарение на „8-КА“ и Си-Фу Предраг, денес на нашата јавност и е претставена терапевтска метода за вистинско, не само телесно туку и духовно лекување и обнова на здравјето кај луѓето.
Си-Фу Предраг е основач и активен соработник на списанието „8-КА“ каде на едноставен и разбирлив начин ја запознава јавноста со значењето на Животната Енергија и нејзината моќ во лекувањето.
| < Пред |
|---|






