ВКУСОТ Е САМО НАВИКА
Напишано од Д-р спец. Јадранка Бибан Среда, 31 Август 2011 18:29
(Ова е интегралното интервју на Д-р Јадранка Бибан за неделникот ТЕА МОДЕРНА, кое наведениот неделник го објави во скратена форма на 31 08 2011 година)
Теа Модерна:
Како да научиме да уживаме во она што е корисно за нас, а не само во она што е примамливо за нашите сетила?
Д-р Бибан:
Така што корисното ќе го направите примамливо за сетилата. Токму на таа основа функционира и некорисното. Тоа е направено онака, за да биде примамливо за сетилата, има интензивен сладок или солен вкус, добро е спакувано, добро е декорирано во чинијата или паковката во која се продава, се нуди на секој чекор, мириса и примамува на секој агол, киоск и сл. На истиот принцип треба да се направи и спротивното. На пример, здравата храна треба да се направи вкусна и тогаш зошто таа не би била примамлива за сетилата? Некои луѓе мислат дека тоа не е можно. Не е можно за оние кои не се обиделе да го сторат тоа и одат секогаш по линија на помал отпор. Треба само малку повеќе време да се посвети во кујната и ништо повеќе. Затоа 8-КА едуцира за тоа која е здрава храна, како се подготвува и всушност како се живее со здрави животни навики воопшто, всушност како може се да функционира во секојдневието, во бизнисот, во работата, во школото, а сепак здравјето да биде на прво место. Факт е дека здраво приготвена храна засега не може да се купи никаде, па дури ниту во рестораните кои нудат „здрава храна“. На Запад луѓето можеби имаат подобар избор околу тоа, но кај нас сеуште нема таква понуда.
Теа Модерна:
Луѓето често го мешаат терминот диета со рестриктивен начин на исхрана и придржување до еден режим на воздржување. Како да научиме дека диетата претставува начин на исхрана, кој треба да биде испланиран според потребите и во служба на нашето здравје?
Д-р Бибан:
Точно е тоа дека диета не значи рестрикција во исхраната, туку тоа значи начин на исхрана. Јас никогаш не планирам како да јадам. Јас секогаш јадам во согласност со потребите на мојот организам и тоа како во поглед на количините на храната така и во поглед на барањето на моите сетила за задоволство во вкусовите. Еве овде имате и појаснување во однос на Вашето прво прашање. Значи ако се јаде здрава храна не значи дека тоа е мачење и неуживање во храната, туку напротив тоа значи уживање во здравите вкусови. Нездравата храна со своите вкусови делува како дрогата, за да го постигнете ефектот на задоволство секогаш морате да ја зголемувате дозата. Дали е тоа задоволство? Или можеби да прашаме поинаку: дали оние кои не се дрогираат живеат здодевно и без задоволства? Не! Луѓето кои здраво се хранат едноставно доживуваат задоволство од природните вкусови на кои е природно „подесен“ човечкиот организам почнувајќи од самите рецептори за храна кои се наоѓаат на јазикот и кои по вкус ја идентификуваат храната па се до крајните процеси на метаболизмот кои значат крајно енергетско искористување на храната како енергергенс.
Затоа начинот на исхрана не значи рестрикција, туку нормална исхрана. Кога се јаде нормално никогаш не треба да се воздржуваме од храна и да бидеме гладни. Но сепак треба да внимаваме што јадеме. Здравата храна се јаде во количини кои се потребни за да се задоволи гладот а тоа значи за да се задоволат потребите на метаболизмот и организмот да функционира непречено. Секое поинакво однесување кон организмот е погрешно, па така е погрешно и гладувањето. Јас никогаш не препорачувам намален внес на храна, но јас секогаш напоменувам која храна да се јаде, како да се подготви, како да се набави и сл.
Теа Модерна:
Зошто постојат предрасуди дека здравата храна е безвкусна и помалку разнообразна?
Д-р Бибан:
Затоа што луѓето денес или не готват или незнаат да готват и сето тоа го оправдуваат со начинот на современо живеење. Многу домаќинки на пример, па и домаќини, сметаат дека подготвувањето на храната само одзема многу „драгоцено време“ и готват набрзина користејќи притоа намирници кои се или полуобработени или целосно обработени. Таквата храна која е всушност нездрава храна, содржи многу адитиви, таканаречени подесувачи на вкусот кои не само што се штетни за организмот туку придонесуваат за „лажно психолошко уживање“, што би се рекло навлекување на одрердени видови храна. Од друга страна постојаните и секојдневни маркетинг пораки кои настојуваат да продадат одредени прехрамбени намирници постојано се повикуваат на „важноста да се внесе токму таа храна“ затоа што наводно била неопходна за здравјето на организмот, небаре ако не јадеме на пример некој маргарин или зејтин, тешко ќе се разболиме. Знаете луѓето се многу осетливи кога е во прашање нивното здравје, се плашат за себеси и за блиските и ќе направат се за да го зачуваат истото. Токму таквото чувство на луѓето се користи за да се промовира некој производ, да се продаде во големи количини и слично. Живеејќи на таков начин, луѓето буквално ги заборавиле вистинските здрави вкусови на храната, бидејќи вкусовите во буквална смисла на зборот значат навика. На пример, кое мексиканско дете се раѓа со желба да јаде луто? Никое. А по само 4 – 5 години можеби не постои Мексиканче кое не јаде луто. Се е навика. А навиките во исхраната исто така се создаваат. Какви навики во исхраната има едно семејство, такви резултати по нивното здравје ќе има. Денес многу малку деца се љубители на домашна кујна, затоа што таквата кујна буквално ја немаат дома, не постои. Па тогаш како ќе знаат и ќе се навикнат на некакви здрави вкусови кога никогаш не ги пробале...?
Теа Модерна:
И најголемите скептици и гурмани, кога ќе се соочат со сериозни здравствени проблеми без поговор прифаќаат промена на исхраната, иако можеби не се докрај убедени во тоа дека храната е лек. Зошто секогаш најлесниот начин се избира како последен превентивен чекор?
Д-р Бибан:
Не, морам да Ве исправам. Кога повеќето луѓе се болни, најпрво прифаќаат лекови, скоро безусловно. Тоа е така затоа што се навикнале на тоа дека болестите се лекуваат со лекови. И за лековите важи истото правило како и за храната кое ви го говорев предходно. Впрочем така се живее во општествените системи. Луѓето се едуцираат дека болестите се лекуваат со лекови. Па дури во последно време ќе видите и многу реклами за ваков или онаков лек, против настинка, против дебелина, против главоболка и слично... Затоа јас постојано напоменувам дека сите мои колеги, сите доктори, мораат и самите да се едуцираат во сферата на исхраната и во својата лекарска практика да ја воведат исхраната како најважен и клучен лек особено во лекувањето на современите хронични болести. Така и луѓето ќе знаат да ја ценат храната како лек но и да ја користат за да обезбедат квалитетен живот. Има многу суштина во овие зборови, но потребна е едукација. Затоа 8-КА работи токму така, едуцира и не само пациенти туку и доктори, а од друга страна и преку нашето Здружение за Здравствена Едукација и Екологија 8-КА, се залагаме за поинаков пристап на заедницата кон овој проблем. Потребно е време и работа за да се смени мислењето на луѓето, за да се стекне доверба во нешто што навидум изгледа беззначајно и маргинално во однос на една силна фармација, која секојдневно бомбардира со свои понуди, фармација која е клучен дел во сите здравствени системи, во сите финансиски системи, фармација која буквални диктира правци на развој на медицинската наука. Денес во светот многу организации веќе отворено се борат за поинаков и похуман пристап во сферата на примена на здравствените принципи, особено на Запад каде искуствата покажуваат дека е навистина време за поинаков пристап кон се што значи здравје и вистинска благосостојба, наспроти потребата од безмилосно профитирање... Затоа потребно е делување и во самата фармација, која мора да се трансформира во согласност со развитокот на општествената свест.
Теа Модерна:
Како да се направи преодот кон здрав живот, односно здрав начин на исхрана во семејство кое се исхранува традиционално?
Д-р Бибан:
Преодот се прави постепено, но сепак одлучно. За да се направи тоа потребно е луѓето да знаат која е вистинската вредност на храната и токму затоа како што и предходно ви кажав, мора да се работи на едукација на луѓето. Што се однесува до изразот традиционална исхрана и тоа е многу релативно. Денес традиционална исхрана мислам дека се нарекува вообичаената исхрана на денешните луѓе, што во суштина е далеку од традиционална. И тие јадења што ги подготвуваат постарите домаќинки да кажам, врска немаат со традиционалната исхрана. Чинам дека повеќето од нив заборавиле што е вистинска традиционална храна. Се готви многу мрсна храна, презачинета. На пример денес дури и да нема домаќинка, поготово од постарите која подготвува домашен леб. Заради тоа сум многу разочарана поготово кога очекувам да ме разберат што им посочувам во советите за тоа како да го излекуваат дијабетесот на пример или остеопорозата. Не знам зошто, но сепак како да не сфаќаат дека лебот кој најчесто го купуваат во маркетите нема врска со традиционален леб, поготово оној црниот кој се нарекува интегрален а практично е само добро обоен со некоја „безбедна прехрамбена боја“. А од друга страна во услови на оскудна понуда на здрава храна на нашите пазари, не ни преостанува ништо друго туку во најголем дел храната да ја подготвуваме во домашни услови. Потребно е само да се одлучи и да се започне. Јас не велам дека сега домаќинката треба буквално „да се закопа во кујна“, но сепак времето може добро да се изорганизира. Денес е добро што имаме начини да се олесни работата во кујната, во смисла на користење на современи апарати, електрични кујнски уреди и слично. Значи сепак имаме далеку подобри услови за да подготвиме вистински традиционална храна за разлика од нашите предци. Единствено, потребна е одлучност и повторно ќе напоменам, едукација за тоа која е вистински здрава храна.
Теа Модерна:
Како мајките да ги научат своите деца да се хранат здраво, кога „сите други мајки дозволуваат да се пие кока-кола“?
Д-р Бибан:
Мајките треба да направат приоритет во животот. Засега повеќето мајки на приоритетно место го ставаат здравјето на детето, но мислам дека не ги преземаат вистинските чекори да го заштитат истото. Многу мајки се вработени и немаат време да готват дома а кога се дома обично за викенд, прават викенд-скара со печени компири или пржени во масло. Преку работната недела најголем број деца се хранат со хамбургери, тостови и слично. Кога на мајките ќе им посочам дека треба ужинката на децата да ја подготвуваат од дома а не да им даваат пари на децата за храна, повеќето од нив ми велат дека детето нема да прифати такво нешто затоа што тоа „не било кул“? Без врска е таквото објаснување. Детето секогаш од мало се учи на оние навики кои ги практикуваат родителите. Ако родителите практикуваат здрави навики се разбира дека и детето ќе ги прифати. Не можете од децата да очекувате да живеат со здрави навики и да јадат домашна храна ако вие не ја подготвите истата, па наместо тоа ги одведете во ресторан на скара, кока кола и слично каде и вие лакомо ќе си го изедете вашиот мрсен стек и ќе испиете литро вино или две три пива. Во тој случај сигурно дека и детето ќе сфати дека тој начин на живот е кул, тоа е вистинската храна која во викендите се јаде како „награда после работната недела“. Колку мајки кои работат особено за време на викенд варат вкусно гравче или леќа на пример? Многу малку...па затоа децата мислат дека гравот е проста храна наменета за „пообични луѓе...“ За децата е многу важен надворешниот изглед, фризурата, кожата на лицето со која денес многу млади имаат сериозен проблем. Ако родителот но и докторот им објасни дека храната е таа која вистински ќе помогне и ќе придонесе да изгледаат совршено, тогаш и гравчето ќе стане „кул храна“, тоа е сигурно. Здравата храна особено меѓу младите може да се воведе како мода, доволно е да започне само еден двајца и повеќето ќе го следат, особено кога сето тоа вистински ќе се поврзе со здравиот и привлечен изглед.
Теа Модерна:
Во денешното испревртено гледање на работите, ќе ве гледаат чудно ако на детето не му давате чоколадо? Како да научиме правилно и со мера да проценуваме што е најдобро за нас?
Д-р Бибан:
Па што ако на детето не му давате чоколадо? Мислите дека ќе го лишите од некакво задоволство? Но сепак за да го постигнете тој момент кога детето и без чоколадо ќе се чувствува среќно и задоволно, мора да му обезбедите вкусна и здрава храна уште од најмала возраст. Наместо тоа, нема родител кој не го „израдувал“ своето дете со чоколадо. Па дури и бабите денес не знаат да направат слатки, торти, колачи без да стават чоколадо или еурокрем. Јас сум видела повозрасни домаќинки кои израснале во традиционална средина, во село, со традиционална храна, како сега на своите внучиња им печат тиква и одозгора и рендаат чоколадо. Тоа е многу погрешно. Чоколадото има поинтензивен сладок вкус од тиквата и секако дека ќе создаде поголем приоритет кај детето за разлика од помалку слатката тиква. И што очекувате, дали мислите дека детето ќе создаде навика да јаде повеќе тиква или чоколадо? Се разбира дека ќе се „навлече на чоколадо“. Ако некому постојано му давате доза дрога, секако дека ќе сака се поголема и поголема доза. Така делува и рафинираната храна меѓу која спаѓа и чоколадото. Ако мислите дека чоколадото и не е толку опасно без разлика што би се јадело во големи количини, тогаш многу работи незнаете. Па дури има многу ТВ емисии каде за чоколадото се зборува со многу епитети, суперлативи, па дури се нагласува колку многу придонесува за здравјето на луѓето. Тоа се манипулации со некои факти, кои се користат за маркетиншки цели. Јас не велам дека за децата чоколадото треба да биде сосема забранета храна, но сепак велам дека чоколадото не треба да се смета како специјална храна која ќе му се даде на детето како награда за некоја добро завршена работа и слично. Ако дома постојано имате банани, портокали, јаболка, суво овошје, тогаш децата нема да имаат толку голема потреба од чоколадо и тоа што нема да јадат чоколадо нема да го чувствуваат како хендикеп. Наспроти тоа, денес во секоја фамилија со мали деца скоро по правило мора да се има чоколадо или кога се оди во посета на пријателите кои имаат мали деца, се носи чоколадо... Тоа не е добра навика. И предходно кажав, навиките кај децата ги прават родителите. Најважно од се кај децата е да се создаде правилна перцепција спрема храната, што е добро, што не е добро, колку се јаде и сл. Храната е основниот фактор кој ќе го диктира квалитетот на животот на детето но и понатаму.
Теа Модерна:
Колку се луѓето свесни за предноста на лекувањето или спречувањето на болести со храна, наспроти традиционалните, поинванзивни лекови?
Д-р Бибан:
Па во последно време морам да кажам дека стануваат многу посвесни за тоа. Сепак процесот на освестување е долг и тежок поготово во опкружување каде постојано слушате сосема поинакви информации. Но како и да е кога се во прашање современите хронични болести како што се дијабетесот, срцевите болести, автоимуните болести, карциномите и слично, веќе луѓето постепено почнуваат да осознаваат дека медицината практично нема лек, а постојано нуди некакви лекарства со кои само се маскираат симптомите што е далеку од вистинско лекување. Во последниве години расте интересот на луѓето за лекување со храна. Тоа се забележува и по се поголемиот интерес и на општеството за стимулации на производство на здрава храна и слично, но сепак и тоа е многу далеку од вистинското ниво кое би требало да се постигне. Овде важна улога треба да изиграат најмногу здравствените работници, лекарите, но како што кажав и предходно потребна е интензивна едукација и за нив во областа на исхраната. Има многу мои колеги кои се подлабоко навлезени со свое сопствено истражување во оваа област и делуваат во својата пракса, но има лекари кои се вистински скептици и непоправливи приврзаници кон тврдата фармацевтска опција, негирајќи притоа било какво влијание на исхраната во лекување на болестите.
Од друга страна и разните здруженија на родители, педагози, екологисти и слично треба помасовно да го дадат својот придонес за развиток на општеството во овој правец. Треба да се залагаат за воведување вистински здрави оброци во градинките, школските и студентските мензи, за подобра контрола во користењето на разни хемикалии, пестициди и слично при производство на храната и т. н. Не велам дека сега нема такви активности, се разбира дека има, но сепак сето тоа е многу малку и „тивко“, скоро беззначајно заради тоа што сеуште исхраната не го завземала својот примат, своето неприкосновено прво место во обнова и одржување на здравјето на луѓето.
Теа Модерна:
За да имаме позитивен и правилен пристап кон сопственото битие треба да сфатиме дека не сме независни, туку сме активен дел од се што се случува околку нас и со се што доаѓаме во допир. Што подразбира холистичкиот пристап кон сопствениот организам, нашето постоење во светот и со светот и каква е придобивката од таквото доживување на себеси?
Д-р Бибан:
Луѓето треба да сфатат дека не треба да го бараат здравјето туку токму тие треба да бидат здравје. Луѓето исто така треба да сфатат дека не треба да го бараат лекот, туку токму тие да бидат лекот. Мислите дека ова е несфатливо и апстрактно? Воопшто не е така. Ова е единствената вистина која постои. Целината никога не треба да се бара, целината едноставно, треба да сте. Да се почувствува, да се осознае она што го поседуваш, тогаш се отвораат очите во еден навистина поинаков свет. Но за да се постигне тоа треба да се негува и да се почитува и телото и духот. Затоа 8-КА е целина која посочува на важноста на храната и на будењето на духот. Не можете да бидете само тело или само дух затоа што тоа е едно исто. Има постојано движење на енергија односно спој на енергија меѓу телото и духот, всушност тоа е една иста енергија чија целина се доживува а не се учи, уште помалку се третира со лекови или било какви хемикалии. Вие можете да прочитате илјадници книги и да научите илјадници методи на лекување, било да се тоа методи на класичната или традиционалната медицина, но никогаш нема да оздравите ако не ги осознаете истите. А за да ги осознаете треба да прогледате со вистински очи. Тоа не може некој друг да го направи за вас, треба самите да го направите. Доволно е да ви се покаже само правецот, токму тоа го прави и 8-КА. Треба да се сфати дека нема бегање од одговорноста, одговорноста е ваша и никој друг освен самите вие, не може да го реши вашиот проблем, поготово ако се работи за здравјето. Здравјето го поседува секој, буквално секој, дури и оној кој мисли дека е многу болен, но за да го осознае треба да „се разбуди“ и да тргне во вистинскиот правец. Денес сите луѓе ќе се сложат со тоа дека никој не смее на друг да му го одзема здравјето. Тоа е навистина така. Но и од тоа никој не треба да се плаши затоа што никој не може да ви одземе апсолутно ништо, особено она што е во ваша неприкосновена сопственост. Токму тоа е здравјето. Затоа, откријте ја сопственоста врз здравјето и засекогаш ќе бидете безбедни. Бидете сопствена и неприкосновена индивидуа во една нераскинлива енергетска целина . . .
| < Пред | Следно > |
|---|






